Сите христијани во светот денеска, на ист ден, го слават големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по тој повод упати честитка до поглаварите на Црквите во земјава Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски на Католичката црква д-р Киро Стојанов, како и до д-р Емил Заев, претседател на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква.
„Христовото воскресение, како стожер на верата, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовностa и да даруваме љубов секому и секаде. За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата. Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани. Да правиме добри дела и да им помагаме на сите кои имаат потреба од помош и поддршка“, напиша Сиљановска-Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека воскресението на нашиот Спасител е вечен симбол на победата на животот над смртта, на светлината над темнината.
„Во време на брзи општествени промени, технолошки напредок и глобален притисок врз традиционалните вредности, Владата останува посветена на заштитата на корените на нашето општество и на создавање услови во кои семејството, моралот, воспитувањето и духовноста ќе бидат зајакнати“, посочи Мицкоски.