Во јавноста избувнаа реакции и обвинувања откако Уставниот суд ја укина одлуката од 2007 година со која Општина Тетово ги смени имињата на неколку улици и на плоштадот на градот. Но, за тоа како стојат работите, како почна сето тоа и зошто се укинаа овие имиња, Порталб.мк ја пренесува хронологија на целиот овој процес низ годините.
Во кратки црти:
- Во април 2007 година Советот на општина Тетово ги смени имињата на неколку улици и на плоштадот, без согласност на Владата. Плоштадот и седум улици добија албански имиња, а три улици беа преименувани во македонски.
- Во февруари 2025 година Сојузот на борците од Народно-ослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 година поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на одлуката.
- Во март 2026 година Уставниот суд отвори предмет.
- Во јуни 2026 година Уставниот суд ја укина одлуката на Советот на општината.
Се започна во 2007 година
На 24.04.2007 година, кога на чело на Општина Тетово беше ДУИ, кога градоначалник беше Хазби Лика, Советот на општината донесе одлука за измена на името на плоштадот и неколку улици од нивните имиња од комунистичката ера во други имиња.
Плоштадот и седум улици добија имиња на албански јазик, додека три улици беа преименувани на македонски, и тоа:
- Плоштадот „Маршал Тито” се преимени во „Илирија“.
- Улицата „Маршал Тито“ се преимени во „Илирија“.
- Улицата „ЈНА“ од Кулата на улица „Илинденска“ до крстопатот на улица „Благоја Тоска“ се преимени во „Дервиш Цара“.
- Делот од улицата „ЈНА“ од крстопатот на улица „Благоја Тоска“ до крај на улицата „ЈНА“ се преимени во „Солунски атентатори – Гемиџии“.
- Улицата „29 Ноември“ се преимени во „Мехмет Паша Дерала“.
- Улицата „И. Л. Рибар“ до музичкото училиште се преимени во „Конгреси и Манастирит“.
- Делот од улицата „И. Л. Рибар“ од музичкото училиште до крстопатот кај Градскиот стадион се преимени во „Крушевска Република“.
- Делот од улицата „И. Л. Рибар“ од крстопатот кај Градскиот стадион до Порој-Џепчишти се преимени во „Дешморет е Комбит“.
- Улицата „Борис Кидрич“ се преимени во „Методи Антонов – Ченто“.
- Улицата „Р. Цониќ“ се преимени во „Абдил Фрашери“.
- Улицата „Ленин“ се преимени во „Сами Фрашери“.
Според Законот за одредување на имињата на улиците, плоштадите, мостовите и другите инфраструктурни објекти, за овој процес мора да се добие согласност од Владата.
Но, тогашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДПА не даде согласност за оваа одлука.
Како резултат на тоа, новите имиња на улиците не беа заведени во Катастар и Централниот регистар, туку се користеа само од Општина Тетово.
Централните институции со години продолжија да ги користат старите имиња.
Во 2025 година, Сојузот на борци од НОВ ја оспори одлуката во Уставен суд.
На 11.02.2025 година, речиси две децении подоцна, Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 година поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на одлуката на Советот на општина Тетово со која беа сменети имињата на улиците.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука е во спротивност со член 8 став 1 подточка 3 и член 51 од Уставот, како и член 5 став 2 од Законот за одредување на имињата на улиците, плоштадите, мостовите и другите инфраструктурни објекти.
Во март 2026 година Уставниот суд ја прифати иницијативата и отвори предмет
На 04.03.2026 година Уставниот суд донесе одлука со која отвори предмет за оценување на уставноста на промената на имињата на неколку улици и еден плоштад во Тетово.
Во јуни 2026 година Уставниот суд ја укина одлуката
На 17.06.2026 година со 5 гласа „за“ од судиите македонци и два гласа „против“ од еден судија албанец и еден судија турчин Уставниот суд ја укина одлуката од 2007 година со која се сменија имињата на неколку улици и градскиот плоштад.
Порталб.мк ја побара одлуката и целосното образложение од Уставниот суд, но оттаму ни рекоа дека во моментов се завршуваат потребните административни процедури што му претходат на објавувањето на конечната одлука на Судот.
„По нивното завршување, одлуката ќе биде објавена на официјалната веб-страна на Судот и во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Образложението на одлуката го содржи ставот на Судот во врска со причините за нејзиното донесување“, изјавија од Уставниот суд за Порталб.мк.
Во меѓувреме дознавме дека оваа одлука на Уставниот суд е донесена врз основа на член 5 став 2 од Законот за одредување на имиата на улиците, плоштадите, мостовите и другите инфраструктурни објекти, според кој списокот на имиња го утврдува општинскиот совет по претходна согласност од Владата на Република Македонија.
Од Уставниот суд наведуваат дека од доставената документација не произлегува дека постои акт со кој Владата дала согласност за списокот на имиња, како што е пропишано со член 5 став 2 од законот.
„Судот во четири наврати ја побара од Општина Тетово комплетната документација што и претходеше на донесувањето на одлуката. Општината достави само Список на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти бр. 07-1820/3 од 30.11.2006 година, но не и согласност од Владата. Исто така, Судот три пати се обрати до Владата на Република Северна Македонија за да ја обезбеди оваа согласност, но таа не беше доставена“, се наведува во иницијативата на Уставниот суд.
Поради оваа причина, Судот изрази сомнеж дека не е исполнет законскиот услов предвиден во член 5, став 2.
ДУИ: Скандалозна и антиалбанска одлука
Опозициската ДУИ одлуката на Уставниот суд ја смета за неприфатлива, скандалозна и антиалбанска.
Општинскиот советник Берат Мурати побара утре да се одржи вонредна седница на Општинскиот совет, каде што повторно ќе биде донесена истата одлука.
„Ова не е законска одлука, туку сериозен и намерен удар врз историскиот идентитет. Во 2006 година ДУИ ја донесе оваа одлука со целосна политичка согласност. Денес бараме оваа одлука веднаш да биде повторно донесена“, рече Мурати.
На прашањето на Порталб.мк зошто во времето кога ДУИ беше на власт не го спроведе овој процес во согласност со важечките закони и не го исправи овој пропуст од 2007 година, Mурати се правдаше.
„Сè уште немаме образложение од Уставниот суд, сега новото раководство на Општина Тетово има шанса утре да свика вонредна седница и да побара оваа одлука повторно да се донесе, тие ја имаат нашата поддршка“, рече Мурати.
ВЛЕН: Одлуката од 2007 година не беше спроведена бидејќи процесот не беше целосен, сега следува нов процес
Општинскиот советник во Тетово од ВЛЕН, Аљби Ќамили, воедно и еден од најблиските соработници на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, вели дека одлуката на Советот на општината во 2007 година донесена за преименување на 11 улици и еден плоштад не стапила на сила бидејќи во тоа време немало согласност од Владата.
„Ова потврдува дека ДУИ и претходната влада ги оставија работите на половина. Ниту Катастарот ниту Централниот регистар не ги регистрираа овие имиња во системот. Освен Општина Тетово, никој друг не ги користи тие имиња од одлуката од 2007 година“, рече Ќамили.
Тој вели дека се обидуваат на ова прашање да и дадат етничка конотација, но вели дека во одлуката има и македонски имиња, не само албански.
„Тоа е јасно дефокусирање на јавноста, во време кога ние го финализираме процесот на именување на улиците со одржливо решение, со одлука на советот, но и со одлука на владата“, рече Ќамили.
Сојузот на борци од НОВ: Владеењето на правото не е концепт против Албанците
Сојузот на борците од Народно-ослободителната и антифашистичка војна на Македонија по реакциите во јавноста излезе со став каде што велат дека укинувањето на оваа одлука се обидува да се претстави како одлука против сограѓаните од албанска етничка припадност.
„Неприфатливо е и срамно што оние кои свесно го прекршиле законот, денес остро реагираат на заштитата на правниот поредок од страна на судот. Здружението на борци ги повикува сите граѓани да не стануваат жртви на вакви поттикнувања на етнички тензии“, рекоа од Сојузот.
Нова иницијатива за промена на имињата на улиците во Тетово од 2022 година, но без епилог
Процесот на преименување на улиците во Тетово започна, но не успеа да се заврши за време на општинската администрација 2021/25 година и процесот беше прекинат непосредно пред локалните избори.
Работната група за ова прашање беше повторно формирана во јануари оваа година, а и шест месеци подоцна сè уште нема ништо конкретно.
Аљби Ќамили, кој е претседател на оваа работна група, денес изјави дека се работи интензивно и дека процесот е во завршна фаза, и дека се прифатени 600 предлози за преименување на улици.
Тој рече дека со процесот на преименување на улиците, овие имиња како што биле во одлуката од 2007 година ќе бидат префрлени на новата одлука, што значи дека ќе останат.
„Не можам да дадам рокови, она што сум сигурен е дека ќе биде завршен како процес оваа година“, рече Ќамили.
Опозицијата критикуваше за одолговлекување на процесот.
И претходно во Тетово имало такви иницијативи кои не се завршени до крај.






