Делегацијата на Европската Унија во РСМ, за Порталб.мк, се огласи во врска со скандалозниот избор на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Велат дека се запознаени со претходните изјави на актуелниот директор во јавноста, но очекуваат Богојески во иднина да се однесува согласно темелните вредности на ЕУ.

„Европската комисија ги зема во предвид медиумските известувања во врска со назначувањето на г-дин Петар Богојески за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Северна Македонија. Оваа агенција, основана од Министерството за образование и наука, е одговорна за спроведување на програмите „Еразмус+“ и Европскиот корпус за солидарност под индиректно управување во Северна Македонија. Комисијата не беше вклучена во процесот на селекција и номинација на господинот Богојески, а се уште не е официјално информирана“, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје за Порталб.мк.

Оттаму потврдија дека се свесни за значителната загриженост во врска со некои негови претходни/поранешни јавни постапки и изјави.

„Очекуваме директорот на Националната агенција што раководи со една толку важна  програма на ЕУ да ги поддржува основните вредности на ЕУ, кои опфаќаат почитување на човековото достоинство и права, слобода, демократија, еднаквост и владеење на правото. За овие прашања ќе разговараме и со Министерството за образование“, соопштија од делегацијата на ЕУ во Скопје.

Од Мрежата за заштита од дискриминација побараа повлекување на одлуката за именување на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми, поради неговите изјави со вознемирувачки јазик, навреди и говор на омраза, како и неговите дејствија што се косат со европските вредности.

Потсетуваме, коалицијата ВЛЕН нема да бара разрешување на Петар Богојески од функцијата директор на Националната агенција за европски образовни програми. Иако е познат како антиалбанец и шири говор на омраза, тоа не е причина за загриженост за ВЛЕН.

Кој е Богојевски и кои се неговите ставови?

Петар Богојевски е лидер на партијата „Македонски концепт“ и до вчера советник на премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски.

Во јавноста е познат како мајстор за ширење на говор на омраза.

Јавноста го запозна Богојевски по неговите јавни настапи во 2018 година, кога се претстави како „реформатор“, личност која ќе води процес за реформирање на ВМРО-ДПМНЕ. Тој тогаш беше голем критичар на актуелниот лидер на истата партија, Христијан Мицкоски, кој го презеде кормилото на партијата по заминувањето на Никола Груевски.

„Бандити и предавници“ ја нарекуваше групата која го поддржуваше Мицкоски и самиот Мицкоски. „Ајде да ја спасиме Македонија“, повика Богојевски на 3 декември 2020 година. Како и многу други конфронтации и обвинувања кон оние со кои денес јадат и пијат на иста маса.

Богојевски шири говор на омраза кон етничките заедници во Република Северна Македонија, особено кон Албанците.

Во своите јавни настапи, а особено на Фејсбук, Богојевски често го користи терминот „шиптар“ кога зборува за Албанците, збор кој долго време се смета за навредлив и понижувачки дури и во македонскиот контекст. Ова го има направено во неколку наврати кои можете да ги најдете овде, овде и овде.

Меѓутоа, не беа само Албанците трн во очите на Богојевски.

Тој, исто така, изрази омраза кон бошњачката заедница преку Фејсбук. „Актерке, не сум јас крив што се мразиш себеси и твојата српска кожа во која си родена! Не сум јас крив што го мразиш твоето племе од каде што доаѓаш!“, напишал Богојевски на Фејсбук, реплицирајќи и на активистката Мерсиха Смаиловиќ.