Конкретни реформи и едукација за кариерен напредок на жените во правосудство се потребни бидејќи родовите бариери сè уште присутни во оваа област. Ова беше заклучокот од завршната конференција на проектот „Премостување на родовите стереотипи во правосудството“, кој го имплементираше Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА), со финансиска поддршка од Британската Амбасада Скопје.
Конференцијата ги собра клучните чинители од правосудството, меѓународната заедница и граѓанскиот сектор, кои заеднички се согласија дека за вистинска родова еднаквост потребни се системски реформи, со поддршка од сите институции.
На конференцијата беа презентирани резултатите од проектот и конкретните препораки кои произлегоа од спроведеното истражување и одржаните фокус групи.
Посебен акцент беше ставен на потребата од интегрирањето на родово сензитивни механизми во правосудството, особено во контекст на бременост и мајчинство, создавање услови за напредување на жените, зајакнување на безбедноста на судиите поротници, воведување мерки за спречување на насилство и дискриминација, како и формирање доверливи канали за пријавување на родово базирано насилство и закани на работното место, со предложени законски измени насочени кон унапредување на родовата еднаквост во правосудниот систем.
Проектот беше насочен кон истражување и анализа на родовите стереотипи во македонскиот правосуден систем, како и кон изработка на конкретни препораки и предлог-мерки за унапредување на родовата еднаквост во институционалното функционирање на судството и јавното обвинителство.
Татјана Стоименовска, проектната менаџерка од ЦПИА кажа дека постои родов јаз на раководни позиции во правосудството и дека иако има поголем број на жени судии, сепак нивниот број е помал е како претседателки на судови.