Желбата да се живее здраво и квалитетно често знае да нѐ натера да размислуваме за сите оние работи кои можеме да ги промениме во нашиот живот. И како по правило, прва на листата е секогаш исхраната, која диктира огромен дел од нашето здравје, ниво на енергија, па дури и расположение.
На настанот„Вкусна средба со dmBio”, кој dm го организираше во просториите на FJ Culinary School, се запознавме со нутриционистот Антонио Велковски од Instagram профилот „Ајде да јадеме”, кој со своите излагања нѐ инспирираше за дополнителен разговор во кој овој наш почитуван нутриционист ќе ни открие како да направиме мали, но значајни промени кои ќе ни овозможат да се храниме попаметно и поздраво.
Антонио Велковски е магистер по нутриционизам и науки за храна, кој преку својата веб-страница и профилите на социјалните мрежи веќе осум години нѐ информира како правилно да се храниме и да уживаме во вкусни оброци без грижа на совест.
Прашање 1: Многу често слушаме како е лесно да се започнат здравите навики, но тешкиот дел доаѓа кога истите треба да ги одржиме на долг рок. Како лесно и едноставно да се придржуваме до здравата исхрана?
Најголемата грешка што ја правиме е што се обидуваме преку ноќ да ги смениме сите навики. Тоа води до разочараност затоа што не може да се биде истраен кaј наглата промена, откажување и враќање на старите навики. Тајната е во постепени, мали промени – еден појадок, една ужина, една салата, една нова навика. Кога си дозволуваме флексибилност и не се осудуваме ако „згрешиме“, тогаш се создава трајна промена. Исхраната не треба да биде извор на стрес, туку поддршка за нашето здравје и енергија, но и задоволство. Се брои секој чекор кон подобро, дури и ако чекорот е мал.
Прашање 2: Наскоро доаѓа летото, а со тоа и сезоната на свежо овошје и зеленчук кое може да се најде во продавниците и пазарите. Треба ли да постои сезоналитет во индивидуалната исхрана? Дали е подобро кога консумираме производи во моментот кога се свежи?
Апсолутно да. Сезонската храна не само што има подобар вкус и повисока нутритивна вредност, туку е и поекономична. Кога плодовите се зрели во природното време на годината, тие содржат повеќе витамини и минерали, а и поверојатно е да се произведуваат со помалку пестициди. Сезонската исхрана исто така овозможува разновидност во исхраната – во лето уживаме во свежите домати и лубеници, а во зима во коренест зеленчук и готвени јадења. Така, телото добива сè што му треба во соодветниот период од годината. Ова не значи дека е сосема погрешно да се јаде нешто што не е во сезона. Може да се вклучи и таа храна (посебно ако се работи за замрзнати продукти), но најдобро е акцентот да се стави на сезонските намирници.
Прашање 3: Последниве години постои тренд на подигање на свеста околу органските производи – нивниот чист состав, нивната нутритивна вредност и повеќекратните придобивките кои тие ги обезбедуваат. Зошто би требало да консумираме органско?
Органските производи се одгледуваат без синтетички пестициди, хербициди и вештачки ѓубрива. Тоа значи дека се помалку изложени на хемикалии кои можат долгорочно да влијаат на нашето здравје. Иако нутритивната разлика не секогаш е драстична, органската храна често има подобар вкус, а значи и поголема почит кон животната средина. Изборот на органско е чекор кон исхрана што ги штити и телото и природата.
Прашање 4: Како да ги воведеме органските производи во нашата исхрана?
Не мора да се направи целосна промена веднаш. Може да започнеме со замена на неколку клучни производи – на пример, палента, органски јајца, млеко, или овошје што често го јадеме со кора, како јаболка. Постепено, ќе развиеме навика да ги бараме овие производи на пазарите или во продавниците, и ќе научиме кои производители/маркети нудат квалитетна органска храна. Комбинацијата од информираност, достапност и лични приоритети ќе ни помогне да најдеме рамнотежа што одговара на нашиот животен стил.
Прашање 5: За крај, да одговориме на вечната дилема: Дали за да се храниме здраво мора да бидеме „на диета”? Или сепак постои начин да продолжиме да ги јадеме храните кои ни се вкусни?
Не, не мора да бидеме на диета за да се храниме здраво. Всушност, зборот диета премногу често се поврзува со рестрикции, чувство на вина и краткорочни решенија. Здравата исхрана е начин на живот – таа може и треба да вклучува храна која ни е вкусна или со соодветен начин на подготовка и комбинации ќе ја направиме повкусна. Клучот е во рамнотежата, свесноста и уживањето во храната. Можеме да јадеме чоколадо и да бидеме здрави – ако знаеме кога, колку и зошто го правиме тоа. Се работи за правилен однос кон храната, не за броење калории.