Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека постојниот закон за тутун, донесен во 1995 година и менуван девет пати, повеќе не одговара на реалните состојби во државата, посочувајќи дека новото законско решение има за цел посеопфатна регулација и поголема заштита на јавното здравје.

Алиу ги истакна и, како што рече, загрижувачките податоци за последиците од употребата на тутун, според кои околу 3.600 смртни случаи годишно, или 13 отсто од вкупниот број, се поврзани со пушењето. Економската штета, пак, ја процени на 38 милијарди денари годишно, односно над 600 милиони евра, што изнесува 5,16 отсто од БДП.

Тој предупреди и на растечкиот тренд кај младите, наведувајќи дека 13,6 отсто од децата на возраст меѓу 13 и 15 години користат тутунски или никотински производи, највисоко ниво од 2002 година. Дополнително, како што рече, загрижува фактот што 73 отсто од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.

„Законот не го забранува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунските производи, но ја уредува нивната употреба и промоција таму каде што влијае врз јавното здравје“, изјави Алиу, образложувајќи дека новото решение предвидува целосна забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, како и опфат на електронските цигари и несогорливите тутунски производи.

Тој додаде дека се воведуваат и построги мерки за заштита на децата, меѓу кои забрана за пушење во приватни возила доколку има малолетници, како и забрана за пушење на помалку од 20 метри од влезови на училишта, градинки и здравствени установи.

Законот, според него, пропишува и нов критериум за летните тераси, пушење ќе биде дозволено само ако просторот е отворен од најмалку две страни, а се воведува и целосна забрана за онлајн промоција и инфлуенсерски маркетинг на тутунските производи.

Алиу најави и засилен инспекциски надзор, со 14 надлежни органи со јасно дефинирани надлежности, кои ќе ја спроведуваат контролата на новите правила.

„Ова е важно зашто законот мора да биде не само добро напишан, туку и спроведлив на терен“, заклучи Алиу.

Угостителите пак ќе имаат грејс период од една година да ги адаптираат своите локали, по што ќе следи целосна примена на дел од новите законски одредби.

Претставникот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Перица Голомеиќ, нагласи дека од самиот почеток секторот ја поддржува крајната цел на законот,  заштита на јавното здравје, посочувајќи дека процесот бил спроведен преку инклузивен и партнерски пристап.

„Во оваа прилика сакам да искажам благодарност до премиерот и Владата, како и до министерот за здравство за инклузивниот и партнерски пристап во самото креирање на законот, како и за фазната имплементација, односно за т.н. едногодишен грејс период во кој ние, како угостителски сектор, ќе имаме можност да ги преадаптираме нашите тераси согласно новите законски решенија, со цел нашиот сектор да претрпи колку што е можно помали економски последици“, рече Голомеиќ.