Како македонските медиуми го проследија бомбастично најавуваниот тридневен собир на приврзаниците на српскиот претседател Александар Вучиќ изминатиот викенд (11, 12 и 13 април) во Белград? Овој собир, наречен од власта „сесрпски“, а од останатите како контрамитинг на Вучиќ, ја демонстрираше неговата моќ со две клучни пораки: да го прогласи долгонајавуваниот крај на обоената револуција и да го промовира неговото ново Движење за народот и државата. Притоа, по старата добра навика, и да манипулира со масовноста на собирот, пишува „Вистиномер“ 

Во продолжение ви ја пренесуваме објавата во целост:

Тридневниот собир насловен „Србија не ја даваме“ на приврзаниците на српскиот претседател Александар Вучиќ изминатиот викенд (11, 12 и 13 април) во Белград беше во фокусот на вниманието и на македонските медиуми. Овој собир, наречен од власта „сесрпски“, а од останатите како контрамитинг на Вучиќ, ја демонстрираше неговата моќ со две клучни пораки: да го прогласи долгонајавуваниот крај на обоената револуција на студентските протести и да го промовира неговото ново Движење за народот и државата.

Нема да дозволиме ниту однадвор, ниту одвнатре да ни ја рушат државата. И да ви кажам, нивната обоена револуција заврши. Може да шеткаат наоколу колку сакаат, нема ништо од тоа, порача Вучиќ.

Тој испорача пет барања, меѓу кои најважното е законски мерки за „воспоставување на редот и мирот во земјата“, што е своевиден повик за државно насилство и пресметка со демонстрантите, оценува за „Дојче веле“ новинарот Недим Сејдиновиќ. Студентите веќе петти месец преземаат долги маршеви низ целата земја и одржуваат масовни собири, а десетина од нив на велосипеди ја извозеа рутата од Белград до Стразбур долга над 1.000 километри, за да ги претстават нивните заложби пред Европскиот Парламент.

Ова општество едноставно се распаѓа – или ќе се движиме во насока на Ердоган, што ќе значи зголемена репресија, апсење на многу критичари на режимот и бегање на луѓе од земјата поради страв од некаква одмазда, или протестите ќе продолжат да вршат притисок и ќе доведат до она што е единствениот добар или логичен исход, а тоа е промена на власта, смета Сејдиновиќ.

Радување на сличниот

Колку „Ќациленд“ (Ćacilend) како што опозициски настроените граѓани и медиуми во Србија на протестите под урнебесното мото „Пумпај!“ ги нарекуваат собирите на приврзаниците на Вучиќ – кои наводниот патриотизам го искажуваат со лошо познавање на мајчиниот српски јазик и граматика – беше присутен во македонските медиуми?

Може да се забележи дека според латинската поговорка „Similis simili gaudet“ (во смисла дека секој му се радува на сличниот), и медиумите според отворената или прикриената политичка ориентација ги пренесуваа најавите за контрамитингот на Вучиќ и пораките што беа пласирани на него.

Така, медиумите ги пренесуваат петте барања што Вучиќ ги испорачал на контрамитингот (овде, овде), неговата самобендисана егзалтација (овде), збогатени со пропагандните пораки со кои неговата власт, по принципот „стап и морков“ (стапот за демонстрантите, морковот за приврзаниците), сака да ги задуши протестите:

На штандот на Српска пошта ќе добијат информации за празнични ваучери во Србија за кои ќе можат да аплицираат од 17 април. Во првиот круг беа поделени околу 30.000 ваучери во вредност од 10.000 динари, кои граѓаните ќе можат да ги користат до крајот на ноември. Денеска и граѓаните ќе можат да се приклучат на движењето, да дадат предлози како да го именуваат движењето и да испратат писмо до претседателот Александар Вучиќ, објавата пласира детали за контрамитингот на Вучиќ

Друга објава во македонски медиум (овде) пренесува вест од државната телевизија РТС како Вучиќ во директен телевизиски пренос ги чита писмата со пораки од граѓаните по митингот:

Претседателот утрово за време на директниот пренос зборуваше и за документите за пристапување во народното движење, прашувајќи од кои делови на Србија се потписите. Тој додаде дека полицијата имала само толку работа да го насочи сообраќајот, нагласувајќи дека се било мирно, а атмосферата е величествена, наведува објавата.

Објавите на социјалните мрежи, пак, се карактеризираат со далеку покритичка настроеност околу контрамитингот на Вучиќ во Белград (овде), често повлекувајќи паралели со домашните политички чинители и процеси (овде, овде, овде и овде). Тука фокусот е на двојните стандарди, толку присутни во општеството, за кои (и) ваква прилика не е само огледало на политичката пристрасност, туку веќе „состојба на умот“, кој можноста за бесплатна шопинг тура во Белград и сендвич/ручек сесрдно го прифаќа.

Борба со бројки на присутните

Од друга страна, пак, по завршување на контрамитингот во Белград, во дел од македонските медиуми може да се забележи балансирано известување околу бројката на присутните (овде, овде), со повикување на неколку извори, но и комплетирање на сликата за актуелната состојба во Србија со информациите за одржување на студентскиот протест што се одржа во Нови Пазар, под наслов „Слободата шета по чаршијата“, на кој демонстрантите се обидоа да спречат автобуси на приврзаниците на Вучиќ да тргнат кон Белград, што доведе до неколку инциденти (овде).

На почетокот на митингот „Нема да се откажеме од Србија“, што се одржа денеска во Белград, присуствуваа околу 55.000 луѓе (проценето во 19 часот)… објави Архивот на социјалната мрежа Х. Српскиот претседател Александар Вучиќ, повикувајќи се на проценка на полицијата, во своето обраќање на митингот рече дека на митингот „Нема да се откажеме од Србија“ имало околу 145.000 луѓе. Сепак, тој истакна дека верувал дека има повеќе луѓе, потсетува Н1. Претседателот на опозициската Партија на слободата и правдата (СПП), Драган Ѓилас, даде најниска проценка и тврди дека на митингот имало „едвај дваесет илјади луѓе“, се наведува во објавата.

„Битката за бројките“ не е неважна кога се работи за контрамитингот на Вучиќ, бидејќи српскиот претседател најавуваше помасовен собир од собирот на 15 март во Белград, ораганизиран од студентското протестно движење.

По протестот „15 за 15“, на кој, според Архивата на јавни состаноци, присуствувале од 275.000 до 325.000 граѓани, „со можност тој број да биде уште поголем“, претседателот на Србија, неколкукратно намалувајќи го бројот на собраните, тврдеше дека луѓето се движеле за да изгледа дека ги има повеќе. Но, по 15 март повеќе не го најавуваше „најголемиот собир во историјата на Србија“, туку се обиде да остави впечаток дека не му е грижа да се натпреварува по бројот на учесници на релито. Тој ја спомена и можноста за промена на датумот на средбата – 28 март или 4 април, анализира „Истиномер“.

Оваа анализа нуди детален хронолошки преглед на обидите на Вучиќ на кој било начин да одговори на масовните протестни собири на опозициски настроените граѓани, вклучувајќи политички дисквалификации, дезинформации и закани.

Четири месеци, повеќе, речиси пет месеци, од 3 ноември трае теророт на малцинството над мнозинството и знам колку страв се вовлекол во вашите домови, во вашите семејства, но знам и колкав гнев, колкав бес. Гневот и бесот мора да ги оставиме на страна, мора да разбереме дека секогаш ќе бидеме заедно со оние кои не тероризираа во претходните месеци. Сепак, ќе мора да се спротивставиме на мирен и демократски начин. И секој од нас мора да го направи тоа. Никој нема право да молчи. Ти, јас и сите други треба да го правиме тоа. И затоа ќе ве поканиме на 11, 12 и 13 да дојдете во Белград. Не е важно дали ќе бидеме 30 или 5.000. Без разлика колку ќе нè има. Тоа семе на слободата ќе почне да никнува. Семето на луѓе кои немаат страв. Луѓе кои само сакаат да живеат во слобода. Луѓе кои нема да дозволат да им се гази тробојката. Луѓе кои нема да дозволат знамиња на ОВК, знамиња на некои други држави кои не се пријателски настроени кон нашата држава, да бидат на нивните митинзи, „Истиномер“ ја цитира изјавата на Вучиќ во емисија на прорежимскиот „ТВ Пинк“

Пишува: Стојан Синадинов