Здружението Отворена порта/Ла Страда ја доби престижната Награда за човекови права „Слобода – Еднаквост – Братство“ на Француската Република за 2025 година, доделена од Француската
национална консултативна комисија за човекови права (CNCDH). Наградата официјално ја врачи амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер.
Отворена порта/Ла Страда беше избрана меѓу 163 кандидати од целиот свет, како потврда за влијанието и вредноста на долгогодишната и посветена работа во областа на заштитата на човековите права.
Од здружението велат дека оваа награда е потврда за повеќе од 25 години континуирани и непоколебливи заложби на Отворена порта/Ла Страда во превенцијата, идентификацијата, заштитата, застапувањето и долгорочната реинтеграција на лицата што преживеале трговија со луѓе. Во последните години, особено внимание е посветено на борбата против трговијата со деца и на зајакнувањето на насочените интервенции за справување со сите форми на експлоатација што ги лишуваат децата од безбедноста и од нивното детство.
„Во таа насока, претставува извор на огромна гордост тоа што меѓународната заедница ја препозна посветената работа токму во областа на заштитата на децата од трговија со луѓе и експлоатација, кои претставуваат едни од најсериозните и најдлабоките повреди на човековите права во нашето време. Повеќедецениското искуство покажува дека единствено ваквиот интегриран пристап може ефикасно да одговори на сложените и ппстојано променливи реалности поврзани со трговијата со луѓе. Одбележувајќи го овој значаен успех, оваа меѓународна награда истовремено претставува и важно потсетување за итната потреба од одржливи партнерства и континуирани, предвидливи вложувања во специјализираните услуги за поддршка„; велат од здружението.
Посочуваат дека вистинските и трајни општествени промени не можат да се постигнат преку изолирани
или краткорочни интервенции. За нив се потребни координирана и долгорочна институционална соработка, како и континуирана структурна поддршка, а обезбедувањето вакви партнерства не претставува само организациски приоритет, туку и системска неопходност за да се гарантира континуитетот на суштинските програми за рехабилитација и реинтеграција, да се зајакнат националните системи за заштита и да
се обезбеди ниту едно дете да не остане незаштитено и ниту едно лице што преживеало трговија со луѓе да не остане без поддршката што му е потребна за достоинствено да го изгради својот живот одново.







