Популистичкиот претседател на Србија, Александар Вучиќ, на митинг на неговата партија во саботата во Белград наави дека во следните недели ќе поднесе оставка од функцијата со што се отвора патот за предвремени избори по студентските протестите кои ја разнишаа неговата силна контрола врз власта.

Вучиќ не прецизираше кога точно ќе поднесе оставка, ниту кога би можеле да се одржат избори, парламентарни или за нов претседател. Тој и претходно изјавуваше дека би можел да ја напушти претседателската функција и се шпекулираше дека ќе се обиде да премине на формално помоќната позиција – премиер. Ваква рокада Вучиќ има направено и претходно кога во 2017 година стана претседател откако претходно три години беше премиер на Србија, а пред тоа вице-премиер и министер за одбрана. Вучиќ е на власт во Србија од 2012 година.

Според српското изборно законодавство, тој не може повторно да се кандидира за претседател. Редовните претседателски и парламентарни избори во Србија треба да се одржат следната, 2027 година.

„Ова се мои последни денови и последни недели како претседател на Републиката. И бескрајно сум ви благодарен на огромната поддршка, на огромната љубов бидејќи без вас никогаш ништо не би можел да направам. Бескрајно ви благодарам што ги разбравте и тешките потези кои моравме да ги преземеме“, рече Вучиќ во говорот пред зградата на Собранието откако на сцената се појавија т.н. српски роботи.

Тој додаде дека негов предлог бил изборната листа на неговата партија на претстојните избори да се нарекува „Обединета Србија“.

„Тоа е најубавиот слоган кој можеме да го имаме, не постои нешто поубаво, цела Србија да биде под името на една листа. На оние кои ни се закануваа дека имаат двотретинско мнозинство, дека ќе пливаме преку Сава и Дунав сакам да кажам, ако работиме како што треба ведувам дека ќе ги победиме поубедливо од кога било порано“, рече Вучиќ

Студентите кои повеќе од една и пол година организираат масовни протести против сè поавтократското владеење на Вучиќ во Србија, веќе подолго време бараат предвремени парламентарни избори но Вучиќ иако неколку пати најавуваше досега не кажал точно кога ќе се одржат предвремените избори.

Несреќата на железничка станица во Нови Сад во ноември 2024 година кога загинаа 16 лица меѓу кои и еден македонски државјанин, предизвика повеќемесечни масовни протести со барање одговорност.

Вучиќ остро се спротивставуваше на демонстрантите а истовремено се соочи и со критики од Европската Унија поради демократското назадување на Србија, вклучително и поради притисоците врз медиумите. Стотици луѓе беа приведени, а српската полиција беше обвинета за прекумерна употреба на сила и произволни апсења.

Антивладините демонстранти го припишуваат падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад на негрижа поттикната од корупција во големи државни инфраструктурни проекти. Конкретниот проект за реконструкција на настрешницата е дел од поголем проект на српската власт за изградба на брза пруга со кинески средства.

Вучиќ во својот говор исто така најави дека во наредниот период ќе помилува „многу луѓе“, како што рече, „и наши и нивни, бидејќи сите се наши“.

„Нема да можам сите, оние што направиле најтешки дела, но на сите што од незнаење, невнимание или случајност направиле некои дела, ќе им прогледам низ прсти и ќе покажам дека мора да бидеме една и обединета Србија“, рече Вучиќ.

Во говорот тој најави и нов план што, според него, граѓаните ќе го слушнат во понеделник, додавајќи дека пензионерите ќе бидат „многу задоволни“ од новите мерки. Вучиќ најави големо зголемување на пензиите уште пред јануари, односно во ноември и декември годинава, како и дополнителна мерка што, како што рече, „многу ќе ги израдува“ пензионерите.

Вучиќ во говорот се осврна и на периодот од 2012 година до денес, тврдејќи дека Србија тогаш се соочувала со рекордна невработеност, затворање фабрики, слабеење на валутата и понижување во регионот, Европа и светот. Тој рече дека во изминатите 14 години биле направени „големи работи“ за земјата, меѓу кои, според него, зачувување на мирот, слободата и независноста, вработување на повеќе од 550.000 луѓе во споредба со 2012 година, привлекување инвестиции од десетици милијарди и отворање фабрики низ Србија.

Тој наведе и дека за 12 години биле изградени 651 километар автопатишта и брзи сообраќајници, споредувајќи го тоа со 596 километри изградени во претходните 70 години, и додаде дека во моментов се градат уште 435 километри.

Вучиќ зборуваше и за потребата Србија да „брза кон иднината“ најавувајќи производство на роботи од август, зајакнување на енергетскиот систем и изградба на нуклеарни електрани.

Тој нагласи дека Србија „по секоја цена“ мора да ја зачува својата воена неутралност, како и дека земјата треба да се гордее со својата војска и полиција. Денеска, на празникот Видовден, Вучиќ ги повика граѓаните да ја видат „силата на својата војска“ и порача дека „никој нема да може да ја нападне Србија“.

Во однос на надворешната политика, Вучиќ рече дека Србија е на европскиот пат и дека ќе продолжи да биде на него но истовремено нагласи дека Белград нема да ги расипува пријателствата со Народна Република Кина и Русија.

Тој најави и намалување на цените на лековите и промени во здравството велејќи дека услугата кон граѓаните мора да биде подобра. Зборуваше и за промени во образовниот систем, критикувајќи ги, како што рече, „политичките паразити на факултетите“. Вучиќ најави дека за две години просечната плата во Србија ќе изнесува 1.400 евра, а просечната пензија 650 евра, како и мерки за најсиромашните граѓани и пензионерите со пониски примања.

Во говорот тој рече и дека е важно функционерите да ги признаат своите грешки и да покажат повеќе почит кон граѓаните.

„Јас своите ќе ги признаам и ќе му се извинам секому. Посебно ги молам функционерите во секое место да покажат почит кон луѓето“, рече Вучиќ додавајќи дека народот е тој што е најважен, а не функциите, службените автомобили или привилегиите.

На своите поддржувачи им порача дека мора да го променат односот кон политичките противници и дека не смее да има одмазда и реваншизам за настаните од изминатата година и половина. Како пример го спомена нападот врз автомобилот на синот на новинарот Динко Грухоњиќ, за кој рече дека неговите поддржувачи мора први да го осудат.

Според Законот за претседател на Републиката, претседателот на Србија може да поднесе писмена оставка, која ја доставува до претседателот на Народното собрание.

„Мандатот на претседателот на Републиката престанува кога оставката ќе пристигне во Народното собрание. Претседателот на Републиката е должен да ја извести јавноста дека поднел оставка и притоа може да ја образложи“, се наведува во член 14 од законот.

Ако претседателот поднесе оставка, го заменува претседателот на Народното собрание, најдолго три месеци. Во тој период, претседателот на Собранието ја претставува Србија во земјата и странство, прима отповикувачки и акредитивни писма од странски дипломатски претставници, распишува избори за Собранието, предлага кандидат за претседател на Владата, врши надлежности во областа на одбраната и командува со Војската на Србија.

Редовните претседателски избори во Србија се одржуваат на секои пет години, колку што трае мандатот на претседателот, освен во случај на вонредни претседателски избори. Мандатот престанува предвреме во случај на оставка или одлука за разрешување.

Изборите за претседател на Републиката ги распишува претседателот на Народното собрание. Во случај на вонредни претседателски избори, тие треба да се одржат најдоцна три месеци од денот кога претседателот е спречен да ја врши функцијата, односно од денот кога мандатот му престанал пред истекот на времето за кое бил избран. Од денот на распишување на изборите до денот на гласањето не може да поминат помалку од 30, ниту повеќе од 60 дена.