Европската комисија планира да го преработи клучниот закон на Европската Унија за заштита на водите со цел да го забрза развојот на рудници за клучни минерали, иако многу од нив се наоѓаат во региони што веќе се соочуваат со суши и недостиг на вода, покажува нова анализа, пренесува Гардијан.

Рударството е индустрија која троши големи количини вода. Таа е неопходна за обработка на рудата, спречување прашина, управување со отпадот и одводнување на рудниците. Иако современите проекти делумно ја рециклираат водата, сепак имаат значителни потреби, а во области со недостиг од вода тоа дополнително ги оптоварува реките, подземните води и локалните водоснабдителни системи.

Анализата на организацијата Watershed Investigations, покажуваат дека повеќе од половина од 33-те нови или проширени рудници што ЕУ ги означила како „стратешки проекти“ според Законот за критични суровини се наоѓаат во подрачја кои се сушат во последните две децении, според сателитските податоци на НАСА.

Речиси половина од овие рудници се наоѓаат во области што во последните три месеци биле погодени од суша, според податоците на ЕУ, а една четвртина се во региони со сериозен воден стрес. Шест од стратешките рудници се планирани во особено погодени области во Шпанија, додека други се лоцирани во Португалија и Грција. Сите три земји се меѓу десетте членки на ЕУ со најголем недостиг на вода, според податоците на Европската агенција за животна средина.

Во 2024 година шпанската област Каталонија прогласи вонредна состојба поради најтешката суша досега, додека во Андалузија беа воведени ограничувања за користење вода. Во 2022 година, пак, 96 проценти од територијата на Португалија се соочувала со „екстремна“ или „сериозна“ суша, според европската програма за набљудување на Земјата.

Глобалната побарувачка за критични минерали е тројно зголемена од 2010 година наваму поради развојот на вештачката интелигенција, електричните возила, обновливите извори на енергија и одбранбените системи. Се очекува таа повторно да се удвои до 2030 година, додека потребата од графит, литиум и кобалт до 2050 година би можела да порасне за речиси 500 проценти во споредба со 2020 година.

Поради зависноста од увоз, Европската Унија прогласи 47 рударски, преработувачки и рециклажни проекти за „стратешки“, од кои 33 се рудници. Овој статус им овозможува побрзо добивање дозволи и забрзан развој. Проектите надвор од ЕУ, пак, ќе добијат политичка поддршка и можен пристап до европско финансирање.

Во потег што ги загрижи еколошките организации, Брисел подготвува и ревизија на Рамковната директива за води (WFD) – главниот европски закон за заштита на реките, подземните води и мочуриштата. Официјалната цел е да се отстранат административните пречки и да се олесни пристапот до критични минерали.

Еколошките организации предупредуваат дека ваквите измени може да ја ослабат заштитата на водите, но Европската комисија ја брани својата политика, наведувајќи дека сите стратешки проекти биле оценети од независни експерти и дека мора да ги почитуваат европските еколошки прописи.

Неколку компании чии проекти се опфатени со анализата ги отфрлија тврдењата дека нивните активности ќе создадат прекумерен притисок врз водните ресурси. Тие посочија дека спроведуваат еколошки проценки, користат затворени системи за рециклирање на водата, имаат програми за мониторинг и се подложни на регулаторен надзор со цел да се минимизираат ризиците.