Владата најостро го осуди вандалскиот чин на опожарување на возила со дипломатски статус во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, оценувајќи го како сериозен напад врз безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право.

Од Владата порачуваат дека ваквите постапки „не смеат да имаат место во демократска држава“, нагласувајќи дека инцидентот претставува обид за нарушување на јавниот ред и поттикнување тензии.

Надлежните институции веќе преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сторителите.

„Секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран“, порачуваат од Владата.

Оттаму додаваат дека државата има капацитет и ќе реагира со полна сила на институциите, со цел зачувување на институционалниот поредок и заштита на нејзината репутација.

Се очекува брза и ефикасна истрага, целосно расветлување на настанот и утврдување на кривична одговорност за сторителите.

Владата повтори дека останува посветена на заштита на граѓаните и дипломатските мисии во земјата, како и на зачувување на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи.

Предходно новинарската агенција БГНЕС пренесе дека непознато лице запалило автомобили во сопственост на бугарската амбасада во центарот на Скопје.

Според информациите, напаѓачот прво го полил и запалил возилото „Сузуки Витара“, по што огнот се проширил на уште едно возило паркирано во непосредна близина.

По инцидентот, сторителот побегнал и полицијата трага по него. Просторот околу дипломатската мисија е обезбеден и целосно блокиран, а на терен се полициски екипи. Нема информации за повредени лица.

Властите засега не соопштуваат дополнителни детали.