Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека компанијата Кока-Кола се согласила да користи вистински шеќер од шеќерна трска во својот главен пијалок што се продава во САД, по негова препорака, иако компанијата не ја потврди ваквата информација, објави Асошиејтед прес.
Доколку навистина се изврши таква промена, односно замена на високо-фруктозниот пченкарен сируп со шеќер од шеќерна трска, тоа би ја усогласило Кока-Кола со своите практики во други држави како Мексико и Австралија. Сепак, таквата промена нема да влијае на омилениот пијалок на Трамп, Дајет коук (Diet Coke), во кој наместо шеќер има аспартам како засладувач без калории.
„Разговарав со Кока-Кола за користење ВИСТИНСКИ шеќер од шеќерна трска во Кока-Кола во САД и тие се согласија на тоа“, напиша Трамп на својата социјална мрежа. „Сакам да им се заблагодарам на сите во раководството на Кока-Кола. Ова ќе биде одличен потег, ќе видите. Едноставно е подобра!“, додаде тој.
Портпаролот на Кока-Кола во седиштето на компанијата во Атланта, Џорџија, во писмена изјава рече дека компанијата го цени ентузијазмот и поддршката од Трамп и најави дека наскоро ќе бидат споделени повеќе детали за новите производи.
Кока-Кола не наведе повеќе информации. Но, компанијата веќе подолго време им овозможува на американските потрошувачи пристап до газиран пијалок со шеќер од шеќерна трска, преку увоз на мексиканска Кока-Кола уште од 2005 година.
Враќањето на шеќерот во производството во САД, сепак, би можело да има последици за американските фармери кои одгледуваат пченка, бидејќи токму од неа се произведува високо-фруктозниот сируп.
„Замената на високо-фруктозниот пченкарен сируп со шеќер од шеќерна трска нема смисла“, изјави претседателот и извршен директор на Асоцијацијата на рафинерии за пченка, Џон Боуд. „Претседателот Трамп се залага за американските производствени работни места, американските фармери и намалување на трговскиот дефицит. Замена на пченкарниот сируп со шеќер од шеќерна трска ќе чини илјадници работни места во прехранбената индустрија, ќе ги намали приходите на фармерите и ќе ги зголеми увозите на странски шеќер, сето тоа без никаква нутритивна придобивка“, додава Боуд.
Иако е голем љубител на Дајет коук, Трамп не секогаш имал пријателски однос со компанијата.
Познато е дека додека беше претседател, Трамп инсталирал црвено копче на бирото во Овалната соба, со кое можел да повика батлер од Белата куќа да му донесе „диетална“ Кока-Кола.
Сепак, во серија објави во 2012 година, Трамп сугерираше дека диеталните газирани пијалаци можеби се поврзани со дебелеење, а подоцна напиша: „Компанијата Кока-Кола не е среќна со мене, но нема врска, јас ќе продолжам да го пијам тоа ѓубре“.
Неколку години подоцна, диетална Кока-Кола можеше да се забележи до неговото столче на самитот на Г20 во 2017 година. А според напис на „Њујорк тајмс“ од 2018 година, Трамп пиел дури 12 такви пијалоци дневно.







