Според новите одлуките на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе има ново зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати, кои ќе стапат на сила од полноќ. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се зголемува за 5,5 денари за литар, па новата цена ќе изнесува 88 денари за литар.

Бензините исто така поскапуваат. ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по 87 денари за литар, што е зголемување од 1,5 денар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе достигне 89 денари за литар. Поскапува и екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), чија цена се зголемува за 4,5 денари и ќе изнесува 86 денари за литар.

Кај мазутот М-1 НС е утврдено зголемување од 0,938 денари за килограм, со што новата цена ќе биде 42,168 денари за килограм. Од РКЕ информираат дека корекцијата е направена поради растот на референтните цени на нафтените деривати на светските берзи, особено кај дизелот, како и поради промената на курсот на денарот во однос на американскиот долар.

Од Комисијата потсетуваат дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците можат да продаваат и по пониски цени.