Убавината на книгите е во тоа што тие не разликуваат возрасти, родови, ниту граници – туку се отворени за секој што сака да влезе во магичниот свет на пишаниот збор. А истото важи и за вратите на Саемот на книгата, кој и ќе се одржи во Скопје по 37. пат. И оваа година Саемот ќе биде лоциран во арената Борис Трајковски, ќе започне на 8 и ќе трае до 14 мај. Значи дека доаѓаат седум фанстастични фестивалски денови во кои секој ќе може да ја најде совршената приказна за себе. Бидејќи, на Саем не одиме само за да купиме книги, туку и да се нахраниме со иде, со емоции и со зборови кои остануваат.
Мотото на овогодишниот Саем на книга 2025 е „Храна за душа“ и нè потсетува на суштината на читањето како начин на хранење на нашите мисли, емоции и внатрешниот свет. Посебно важно бидејќи денес живееме во време кога брзината на животот околу нас ни станува секојдневие, а информациите нè преплавуваат од сите страни и во таа динамика, често забораваме дека не само телото, туку и душата има свои потреби.
Без разлика дали сте редовен читател или само барате книжевна авантура, овој годишен настан задолжително треба да се посети. Книгата останува едно од ретките засолништа каде што можеме вистински да се исклучиме и да се поврземе со себе. Читањето ни дава време за размислување, за мечтаење, за повторно откривање на сопствените мисли.
“Саемот на книгата – нашиот голем празник, наскоро почнува. Пред нас е 37-то издание на оваа вредна и долготрајна книжевна и општокултурна манифестација која го обединува целиот културен свет на едно место – читателите (сегашни и идни), писателите, професионалците и сите допрени од магијата на книгите. Како сведок на голем број изданија на Саемот, горд сум што оваа манифестација опстојува – но и се развива, покрај сите предизвици, а со тоа ги одржува и духот и културата во градот и во државата, го чува и возвишува светот на книгите, светот на смислата и убавината, светот на приказните што го прават животот поубав. Верувам дека годинава ќе ги надминеме очекувањата на сите и ќе имаме уште еден Саем за паметење” изјави Бојан Саздов, Претседател на Македонската асоцијација на издавачи и Извршен директор на Издавачки центар ТРИ.
Жарко Кујунџиски од Антолог смета дека “Саемот на книга секоја година претставува исклучителна можност за блиска средба меѓу издавачите, авторите и читателите. Тоа е простор каде што книгите ја добиваат својата вистинска вредност – преку разговори, препораки, интеракција и заедничко уживање во литературата. Оваа година Aнтолог со особена радост ќе ги претстави новите изданија, продолжувајќи ја иницијативата Саемот да добие интернационална димензија и своевиден ексклузивитет. Со големиот број изданија и настани се надеваме оваа манифестација ќе остане омилениот годишен настан на сите што ја делат љубовта кон книгата”.