„Во иднина дел од младите кои ја напуштиле земјата би можеле повторно да се вратат“, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во гостување во утринската емисија „Македонија наутро“ на МРТ нагласувајќи дека чувството на припадност кон сопствената земја останува силно кај многумина што заминале во странство.

„Младите денес ја гледаат реалноста преку ТикТок и социјалните мрежи, но кога ќе излезат надвор, сфаќаат дека таа не одговара на стварноста. Борбата треба да се води дома, бидејќи дома си е дома“, рече премиерот додавајќи дека иселениците често се чувствуваат како маргиналци и дека нивниот живот најчесто ќе се завршел меѓу четири ѕида и стан со повеќе станари.

Осврнувајќи се на причините за иселувањето, Мицкоски посочи дека транзицискиот период по осамостојувањето оставил силни последици врз општеството. Според него, процесот на приватизација довел до големи економски разлики при што мал број луѓе се збогатиле додека многу семејства останале без работа и со неизвесна иднина.

„Не ја исклучувам можноста дека многу родители, разочарани од тогашната неизвесност, ги советувале децата да заминат од државата“, рече премиерот додавајќи дека дел од нив сега се враќале.

Меѓу мерките за млади што се разгледуваат, како што посочи, се и политики за поддршка на семејствата и поттикнување на наталитетот. Мицкоски спомена можност за даночни олеснувања за мајките, ослободување од персонален данок за одреден период по раѓањето на првото и второто дете како и подолгорочна поддршка за третото дете. Според него, покрај економските мерки важно е да се работи и на промена на општествените ставови за семејството и родителството.

„Формирањето семејство е еден коцепт кој треба да е поврзан со свеста и не може материјално да биде стимулиран бидејќи кога бил, не успеал“, објасни премиерот посочувајќи ги Чешка и Јужна Кореја како земји со најниски стапки на фертилитет иако потрошиле огромни средства за стимулација на истиот.

Исто така, тој смета дека образованието е клучно за задржување на младите и развој на квалитетен кадар но, како што вели Мицкоски, македонските универзитети се слабо рангирани на Шангајската листа и тоа мора да се подобри.

Премиерот нагласи дека проблемите во општеството треба да се решаваат приоритетно бидејќи ресурсите се ограничени, но увери дека целта е стабилен систем.

„Сметам дека годинава ќе дојдеме до систем без банди, рекетари, висока корупција и скандали, каде правдата ќе важи за сите“, рече тој.

На коментар за намалениот број новороденчиња, од 50.000 во 1950 на 16.000 во 2024 година, премиерот ги обвини граѓаните со поинакви размислувања, нарекувајќи ги „нихилисти“ кои, според него, шират негативна енергија без длабинска содржина и ги повика сите кои се занимаваат со одговорни општествени функции да не бидат „исплакнати“, туку да имаат желба да придонесат за државата.

„Треба да ви заигра стомакот кога ќе ја слушнете химната или кога ќе го видите знамето“, порача тој.

Наталитетот се намалува и кај македонското и кај албанското население во Македонија