„Партнерството за отворена власт не е само процес, тоа е модел на работа кој покажува дека кога институциите и граѓанското општество работат заедно, резултатите се подобри, поконкретни и покорисни за граѓаните. Можам да кажам дека овој процес низ годините се покажа како еден од ретките механизми во кои постои вистинско, рамноправно партнерство каде граѓанското општество и институциите седат на иста маса, со еднаков број претставници, со еднаков глас и со заедничка одговорност за постигнување на резултатите“, рече Данче Даниловска-Бајдевска, координаторка на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт од Фондацијата Метаморфозис, на денешната Конференција за отпочнување на процесот на ко-креација на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026 – 2028, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ во соработка со Министерството за јавна администрација и Центарот за граѓански комуникации.
На Конференцијата учествуваа министерот за јавна администрација, Горан Минчев, генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, националната координаторка за ПОВ, Гордана Гапиќ-Димитровска и претставници на повеќе институции и граѓански организации.
Даниловска-Бајдевска, како дел од партнерството го посочи воспоставувањето на Отворен трезор, преку кој се следат буџетските трошења, потоа Регистарот на вистински сопственици и најави дека привршува процесот за овозможување и дигитализирање на финансиското известување од страна на политичките партии.
„Партнерството за отворена власт се стреми кон поголема иновативност и технолошки напредок, искористувајќи ги стручноста и креативноста на граѓанското општество за користење на технологиите за добро управување“, рече Даниловска-Бајдевска и посочи дека со почетокот на ко-креацијата на седмиот Национален акциски план се отвора можност процесот да биде уште поамбициозен, поинклузивен и повеќе ориентиран кон граѓаните.
Таа, моќта на партнерството ја илустрираше преку примерот од проектот на Метаморфозис, во кој поставената цел на заложба за 30 општини да објават минимум пет збирки податоци, била надмината со вклучување на 61 општина и објавување на повеќе од 300 збирки на податоци.
Според министерот за јавна администрација, Горан Минчев, Партнерството за отворена власт е важен инструмент за унапредување на транспарентноста, отчетноста и учеството на јавноста во креирањето политики, а она што го прави особено значаен е фактот дека не е иницијатива на една институција, туку заедничка заложба која ги обединува извршната власт, парламентот, судството и граѓанското општество.
„Новиот Национален акциски план за периодот 2026–2028 претставува значајна можност да ги насочиме реформските заложби во клучни области, како што се антикорупција, интегритет, одговорност и отчетност; граѓански простор, учество и слободи; дигитално управување; клима и животна средина; како и отворен парламент и отворено судство. Преку овие приоритети, акцискиот план ќе придонесе за поголема транспарентност во работењето на институциите, подобра достапност на информациите, поактивно учество на јавноста и развој на иновативни решенија во јавниот сектор“, рече Минчев.
Тој информира дека е подготвен и нов, унапреден дизајн на онлајн платформата за Партнерство за отворена власт, кој обезбедува појасна прегледност на процесот и дополнително го отвора просторот за учество. Преку платформата, покрај учеството на физичките состаноци, ќе се овозможи континуиран онлајн придонес, доставување предлози и активно вклучување на сите засегнати страни во текот на целиот процес на ко-креација. Посочи дека Советот за Партнерство за отворена власт и Мрежата на граѓански организации се активно вклучени од фазата на планирање и во текот на целиот процес на ко-креација, придонесувајќи со експертиза, дијалог и заедничко утврдување на приоритетите, што е основа за инклузивен и транспарентен процес.
За Мичев, успешноста на процесот зависи од институциите и нивната посветеност за спроведување на преземените заложби, но позитивниот притисок од граѓанските организации претставува додадена вредност, која придонесува за поголема амбиција, транспарентност и отчетност во спроведувањето на реформите.
Гордана Гапиќ-Димитровска, националната координаторка за ПОВ истакна дека ко-креацијата на новиот Национален акциски план дава можност да се креираат нови заложби и приоритети.
„Партнерството за отворена власт е повеќе од иницијатива, тоа е платформа каде институциите и граѓанското општество заеднички ги дефинираат реформите, а додадена вредност е што заеднички работат на нивна имплементација. Работевме на унапредување на веќе воспоставените реформи, имаме институции кои од почетокот работат на промена на културата на работење и на ставање на поголем број информации достапни на јавноста. Работевме на отворените податоци, зголемување на процесот на консултации, пристапот до правда, транспарентноста на локално ниво и имаме примери дека процесот прави промени во нашето општество“, рече Гапиќ-Димитровска.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации ги потенцираше институциите кои секогаш се однесувале партнерски во процесот и ги посочи конкретните резултати од таа соработка.
„Значењето на Партнерството за отворена власт се гледа преку владиниот сајт дата.гов.мк кој е заложба од еден акциски план. Само што беше отворен сајтот енер.гов.мк имаше заложба да се оптимизира и да се направи алатка за консултација за донесување на прописите, што денеска постои. Советот за соработка на Владата со граѓанскиорт сектор е исто така една од зложбите, Стратегијата на владата се изработува со учество на граѓанскиот сектор, а податоци за сите граѓански организации се јавно достапни во Централниот регистар. Иницијатива од Акциски планови се и законот за укажувачи, системот за интегритет на институциите, регистарот на избрани и именувани функционери, електронското доставување на изјави за имотна состојба и други“, посочи Филков.
Нагласи дека благодарение на овој процес, денеска за сите фирми постојат јавно достапни информации на Централниот регистар, јавно се објавени сите здравствени програми и нивното спроведување, а како едни од најважните промени кои се резултат на партнерството ги посочи Отворениот трезор и јавното објавување на имињата на вистинските сопственици кои склучуваат договори преку Бирото за јавни набавки.






