Мистичниот „Говедар камен“ во Овчеполието – симбол за плодност и бериќет

Говедар камен

Ден пред Ѓурѓовден, и оваа година на Говедаровиот Камен во Овче Поле се собраа луѓе од цела Македонија и странство. Македонци, Турци, Роми, Албанци, Власи, Торбеши, кружеа околу огромниот камен со црвени и бели конци, правеа адети, а оние на кои им се посреќило минатата година и добиле пород, даваа курбан – најчесто со бебињата застануваат на каменот, а кумот го качува јагнето за да биде заклано. Каменот се наоѓа на меѓата на атарите на Свети Николе, Пеширово и Ерџелија.

Со векови овде доаѓаат жени кои не можеле да затруднат, а по посетата на Говедар Камен многу од нив зачнале и добиле живи и здрави дечиња. Ритуалот со тројното кружење околу каменот со црвен и бел конец, кој потоа се плете како појас со вметнато каменче откинато од огромниот Говедар Камен, за неротките да го носат сè додека не забременеат, се практикува од памтивек, па сè до денес. Чудотворната моќ на народното верување донела среќа и нов живот во многу семејства, а за тоа сведочи и бројот на јагниња кои секоја година се носат од оние кои добиле пород.

И покрај тоа што на ова место нема црква, ниту пак доаѓа поп, народот редовно го посетува секоја година, ден пред Ѓурѓовден и следниот ден – на самиот празник. Многу луѓе доаѓаат заради традицијата, само за да го испочитуваат денот и чудотворниот камен. Сè уште се паметат огромните стада говеда и овци од цела Македонија, како и ергелите со коњи кои биле носени на Говедар Камен на денешен ден, за да го заокружат три пати, со молитва догодина да бидат во поголем број. Порано, во самата близина на Говедар Камен, на едно слично мало возвишение наречено Трпеза, се служела чорба од 40 јагниња кои отишле курбан. Во поново време, закланите јагниња се продаваат на лицитација. Ова е еден од ретките денови кога на едно место во Овче Поле можат да се сретнат толку многу луѓе од различни вери, народности и краишта. Денес на Говедар Камен беа над две илјади посетители, а уште многу ќе дојдат и утре. За многу години Ѓурѓовден!

(2016)

Н.Р.

Текстот е напишан на Ѓурѓовден 2016 и преобјавен во книгата „Имагинариум“ во декември 2016 година.

govedar kamen ovce pole

 

Leave a Reply