Sunday, 26 September 7537

Мартин Бернал – Црна Атена

Речиси секогаш, луѓето, кои се заслужни за овие темелни откритија на некоја нова парадигма, или биле мошне млади, или мошне нови во областа чија парадигма ја менуваат.

(Томас Кун, Структурата на научните револуции)

Црна Атена

Употребувањето на цитатот од Томас Кун е мој обид, како човек кој се здобивал со знаење од кинеската историја, за оправдување на мојата претпоставка за пишувањето на теми што се многу оддалечени од мојата првобитна област. Бидејќи јас ќе го тврдам следново: иако промените кои ги предлагам во однос на гледиштето не се парадигматски според стриктното значење на зборот, тие не се ништо помалку фундаментални.

Овие томови им посветуваат внимание на два модела од грчката историја: еден модел кој ја гледа Грција како суштински европска или ариевска, а другиот кој ја согледува како левантска, на периферијата од египетската и семитската културна област. Јас ги нарекувам „ариевски“ и „антички“ модели. „Античкиот модел“ бил конвенционално гледиште меѓу Грците во класичниот и во хеленистичкиот период. Според него, грчката култура се појавила како резултат од колонизацијата, околу 1500 г. пр. н.е., изведена од Египќани и Феничани кои ги цивилизирале домородните жители. Освен тоа, Грците во голема мера продолжиле да позајмуваат од културите на Блискиот Исток.

Најголемиот дел од луѓето се изненадени кога дознаваат дека ариевскиот модел, во кој многумина од нас се наведени да веруваат, се развил дури во текот на првата половина од 19 век. Во својата најрана или „широка“ форма, новиот модел ја негирал вистината за египетското населување и се сомневал во населувањето на Феничаните. Тоа што јас го нарекувам „екстремен“ ариевски модел, кој цутел во текот на двете кулминации на антисемитизмот во деведесеттите години на 19 век и повторно во дваесеттите и во триесеттите години на 20 век, го негира дури и културното влијание од Феничаните. Според ариевскиот модел, постоела некаква инвазија од северот, која не била евидентирана во античката традиција, која остварила превласт врз локалната „егејска“ или „претхеленска“ култура. Грчката цивилизација се гледа како резултат од мешавината меѓу Хелени кои говореле индоевропски јазик и нивните домородни поданици. Токму поради конструирањето на овој ариевски модел, овој том го нарекувам Фабрикувањето на античка Грција 1785 ‡ 1985.

Јас верувам дека треба да му се вратиме на античкиот модел, но со извесни ревизии; значи, во вториот том од Црна Атена го застапувам она што го нарекувам „ревидиран антички модел“. Овој модел го прифаќа тврдењето дека постои реална основа во приказните за египетската и феникиската колонизација на Грција, присутни во античкиот модел. Меѓутоа, во моделот се смета дека тие започнале порано, во првата половина од 2 милениум пр. н.е. Тој се согласува со античкиот модел дека грчката цивилизација е резултат од мешањата на културите предизвикани од овие колонизации и од подоцнежните позајмувања во Источниот Медитеран. Од друга страна, тој привремено ја прифаќа хипотезата на ариевскиот модел за инвазии ‡ или инфилтрации ‡ од северот, изведени од луѓе што зборувале на индоевропски јазик, некаде во текот на 4 или 3 милениум пред новата ера. Сепак, ревидираниот антички модел смета дека претходното население зборувало на сроден индохетитски јазик, кој оставил малку траги во грчкиот јазик. Во секој случај, тој не може да биде употребен за објаснување на многуте неиндоевропски елементи во подоцнежниот јазик.

Доколку сум во право во моите настојувања за уривањето на ариевскиот модел и за неговото заменување со ревидираниот антички модел, ќе биде неопходно не само повторно обмислување на темелните основи на „западната цивилизација“, туку и свесност за продирањето на расизмот и „континенталниот шовинизам“ во целата наша историографија, или во филозофијата на пишаната историја. Античкиот модел нема големи „внатрешни“ недостатоци, или слабости во моќта на објаснувањето. Тој бил урнат поради надворешни причини. За романтичари и расисти од 18 и од 19 век, едноставно било незамисливо дека Грција, која била гледана не само како олицетворение на Европа, туку и како нејзиното чисто детство, била резултат од мешавината меѓу домородни Европејци и колонизаторски Африканци и Семити. Затоа, античкиот модел требало да биде урнат и да биде заменет со нешто поприфатливо.

Античкиот, ариевскиот и ревидираниот антички модел споделуваат една парадигма ‡ парадигмата за можноста за ширење јазик или култура по пат на освојување. Интересно, ова е спротивно на доминантниот тренд во денешната археологија, кој го нагласува домородниот развој. Ваквиот развој наоѓа свој одраз во грчката праисторија, според неодамна предложениот модел за автохтоно потекло. Меѓутоа, Црна Атена се фокусира на натпреварот меѓу античкиот и ариевскиот модел.

Црна Атена @ ЛОЗА