Monday, 21 August 2017

Илинденска – за Македонија

Илинденска – за Македонија

И водата ќе прошепоти, и огнот ќе засвири, и ветерот ќе запее, и земјата ќе заигра…

Независност, сувереност, самостојност…зборови чие значење под итно треба да се редефинира, имајќи ја во предвид нивната употреба во „оазата на мирот“, „најпосакуваната дестинација за инвестирање“, „швајцарија на балканите“, односно малата држава во средината на полуостровот наречен Балкан, Република Македонија. Денот во летните горештини, кога се празнува Свети Илија, во повеќе ситуации во минатото бил употребуван за обзнанување на Македонската борба. Херонеја, Мечкин Камен, манастирот на Свети Прохор Пчински…овој празник посветен на светецот со кочијата на небото се празнува не само на Македонскиот полуостров, туку и во целиот славјански свет. Народните традиции во себе носат длабоки траги од древните празнувања на Сонцето…

Херонеја одамна не е наша, манастирот на реката Пчиња на Свети Прохорија од село Ерџелија исто така, а избрзаното востание и епопејата Мечкин Камен, како што гледаме, се на пат да бидат потврдени од некакви си „центри на моќ“ дека биле Македонски, ама не само Македонски… Откако добија држава, Македонците започнаа една друга, навидум модерна борба – егзистенцијална битка, вистинска војна во која преживувањето стана уживање, можеби благодарение на кодот од предците – многу генерации во минатото биле соочени со истата борба за опстанок. Опстанавме во иселеништвото, или дијаспората по ново, останавме и во Поранешната Југословенска Република Македонија. Републиката за чие што осамостојување не беше поставено прашање, туку се гласаше само за „Дали сте за суверена и независна држава Македонија…“. Сеуште сме за независна Македонија, во сè поголем број откако спознавме колку е зависна ПЈРМ и колку е голема демонкратијата во РМ. Дали живите Македонци кои гласаа на референдумот и нивните потомци денес се сеуште за суверена и независна држава Македонија, ова е времето кога треба да се покаже и докаже. Независна економски, енергетски и духовно. Самоиздржлива Македонија во која меритократијата ќе допринесе не само за опстанок, туку и за зголемување на родот и зачувување на кодот. Македонија во која древните вредности на предците ќе бидат урнек за новото време, затоа што „модерниот“ свет веќе ни овозможи да разбереме дека оди напред преку спознавање на знаења од подалечното минато.

Така било, така е, така и ќе биде. Овде го имаме изворот по кој трагаат „поголемите“ од нас, но не можеме да го видиме ниту пак да помислиме да се напиеме од светата вода додека се гледаме преку туѓи очи. Очите биле огледало на душата, а нивниот состав во најголем дел од вода…имало, има и ќе има вода за жедните од изворот на животот, мана и леб насушен, може и малку сол за адет. Пепел и восок само кога има потреба. Ред е кога од хаосот ќе проникне поредок преку кој ќе изникне знаење кое ќе го зачува човечкиот сој, затоа и всушност е сиот овој бој. Само душите да не се мешаат кај што не им е место, а умот разумно да го оддели тоа што навистина го умее и знае од огромното човечко незнаење. Реално е дека реалноста ја прикрива вистината преку вистинитоста, иако човекот умее да ѕирне „од другата страна“ кога и да посака, само да не заборава дека тоа навистина од секогаш го умеел, и ќе биде сè во ред. Долг е патот до кошниците со древниот мед, слатка е борбата за знаење поради самото знаење, а практичниот учинок ќе се појави кога за тоа ќе се појави место во просторот. Затоа што просторот е со различни густини, а времето не е линеарно – праволиниско, туку спираловидно – малку поинакво од тоа што сме навикнати да го гледаме во часовниците, иако и во нив е скриен кодот преку кој може да се „ѕирне отаде превезот“. Ѕе.

Суверена…каде е сувереноста? Во егзистенцијалниот, безбедносен и еколошки страв или во борбата на едни други нивоа, различни од „општоприфатените“ во „системот кој бил таков“, па сè морало да се адаптира според некои си искривени лажни правила во истиот? Растењето над дуализмот кој владее со сите поголеми густини од материјалното постоење овозможува развој на способноста за спознавање на постоењето и проучување на можни начини за негово продолжување според природните правила, кои што се вечни и непроменливи. Самостојна, сама стои и постои, ама дали ќе опстои? Секако, некако ќе се најде начин, па по јасните знаци јунаци ќе застанат пред народот свој за опстанок на родот, затоа што борбата за опстанок ни е во кодот. Македонија на Македонците.

Илинденска колумна во време кое всушност е невреме – духовно, умствено и материјално невреме кое е безмилосно за сите кои дозволуваат да бидат притиснати од темниот облак на лагата. А баш убаво време за од целиот мрак да блесне силната светлина на древното знаење. Па колку тоа „ресурси“ односно суви пари се потрошија за „пропаганда“ (го навредуваат тој стар убав збор со нивното „пропагирање“, ама ајде…) која никогаш не допринесе за општо добро. Колку ли такви „ресурси“ уште се арчат за колективни превози по митинзи (не знаат да кажат собир или собор) кои не допринесоа за промена кон подобро…а што ли би било кога вниманието, енергијата и средствата би се насочиле кон научни истражувања и практична примена на достигнатите знаења во реалната ситуација во која што се наоѓа државата Македонија? Ако целото тоа гориво за автобуси се искористи за народот да си го види културното наследство, а вишокот да се употреби на места каде што навистина има недостиг? Ако рамноправноста, еднаквоста се навистина застапени во сите делови од општественото постоење на обичниот Македонец, можеме да помислиме за разговор на темата „план за иднината на Македонија“. „Краткорочниот план“ за обезбедување на стабилност и сигурност стана долгорочна голгота. Ние, најобичните сакаме само никој да не нè попречува во нашата борба за слободна, независна и суверена Македонија, кажувајќи ни како тоа треба да се бори за Македонија, оти „секој со својот крст“…оган, земја, вода, воздух. Етер. И бетер и better. И така натаму, и понатаму…знаеме што направија, гледаме што прават, и едните, и другите и „третите“. Пред крајот на втората деценија од 21 век ќе проработи македонскиот код за самоорганизирање, кое го зачувало и митот и битот на Македонците од памтивек до ден денес.

Човештвото…човек за човека престана да биде човек. Од бес и црниот пес стана волк и се заколна на молк. И на волците им се здосади да се чудат дали е подобро армија овци да биде предводена од лав или армија од лавови да биде предводена од овца. Козите, по нивно, по стрмното…на Змејот му дојде преку глава и почна да си бара собор кај што се врти оро, за да направи избор за приплод, оти е дојдено времето да изрти од ново дрвото на животот, до изворот на знаењето…муклес.

Нека ни е на помош Свети Илија и сè видливо и невидливо.

Ѕвездата од Кутлеш

Дедо Варадин

ЛОЗА

1 август 2017

www.loza.mk