Monday, 25 September 2017

Светата Македонска земја и злобната политика

За миг ќе си речев: „Народ, народ бира, народ зима, тоа е…“, ама се сепнав при помислата за помирување со постоечката состојба. Споредувајќи се за сè и сешто со тоа „како било порано“, „барем не беше вака“, „може да е и полошо“ и слично, народот толку се зацврсти на игнорантната позиција, што веќе со сигурност е само бројка – бројка во банка, во болница, во даночниот систем, во гласачкиот список, итн. Истовремено, децата најчесто уште од мали се учат во „натпреварувачки дух“ кој во новото време многу често и нема ништо општо со мудроста на старите, која нè учеше на натпреварување за усовршување во определена научна дисциплина, спорт или нешто друго, туку денешното споредување со „останатите“ наместо со вистинскиот потенцијал на човечкиот род, му дава „бенчмаркови“ на човечкиот развој, кои често знаат и да му оневозможат на човека да стигне до својот потенцијал, наместо спротивното. Помирувањето со игнорантната состојба на колективната свест и изманипулираното колективно несвесно, во денешните услови е еднакво на предавство на сопствениот бит. Затоа што, ако сите се предадеме на „модерниот“ начин на живот и „новите размислувања“, каде ќе отиде традицијата, адетите, митот и битот на Македонците? Сведочиме дека ситуацијата на нашиот континент и на целата планета е далеку од стабилна, а големата светска сцена наложува на уништување на основните човечки и морални вредности. Истото се случува на нивоа за кои и обичната бројка во системот – гласачот, не е ни свесен.

И сè би било во ред доколку во тој „модерен систем на бројки“ гласачот ги ужива своите права, а оние кои треба да ги гласа не ги напаѓаат неговите ум, тело и душа на сите можни начини. Доколку сите сметки во банките ги имаат истите права на пазарот, ако правата се еднакви за секој кој има потреба од лекар и лек, ако сиромашните не се вознемирени за тоа како ќе го поминат не месецот, туку денот, а „богатите“ ги плаќаат даноците по ред и пропис. Но, не е така, ама не се во право ни оние кои се обидуваат да нè убедат дека демек „така морало да биде, таков бил системот“. Системот е и те како расипан, што ни го покажа и докажа преку постапките на оние кои ги уживаат правата во истиот. Истовремено, оние кои се плашат од воспоставување на нов ред и поредок во чија основа ќе бидат основните човечки права, се истите кои го поддржуваат таканаречениот „модерен“ начин на живот, често обидувајќи се да ги дискредитираат малкуте кои се борат за враќање на нормалниот живот во Македонија. Па така, нè лажат со политика, ни ја матат водата и ни сметаат во животот. Сето тоа пред широките народни маси се претставува „за општо добро“, а позади сцената нештата се сосема поинакви и она што е добро за тие структури, многу често е не само лошо, туку и зло за самиот народ.

Што можеме да направиме? На само неколку години пред одбележувањето на третата деценија постоење на Република Македонија, овие генерации Македонци се во положба од која можат да се запишат во историјата како луѓе кои јасно и гласно рекле НЕ на политиката, НЕ на негативната селекција, НЕ на лажниот систем, НЕ на уништувањето на Македонија и Македонскиот народ. Без негации, сите тие зла можат да се уништат и со работа на светата Македонска земја, работа за доброто на родот, работа за Македонија. Македонија на Македонците.

Дамјан Овчеполски

ЛОЗА

31 јули 2017

Ѕвездата од Кутлеш