Thursday, 19 October 3482

Интервју со Јанаки Митровски

Здраво живо, благодарам за овозможената прилика за интервју. ЛОЗА е страница која освен информации за минатото, споделува и приказни од сегашноста за кои смета дека влијаат убаво на широките народни маси. Се надевам дека со нашиот разговор ќе допринесеме за развој на општеството во кое што живееме.

Јанаки Митровски

Јанаки Митровски

1) До кое ниво стигна правдата во РМ во изминатите 26 години?

  • Тешко е да говориме за правда во услови кога сите извршни власти наназад ставаат рака на судот и обвинителството. Во таква неподнослива ситуација незамисливо е да се говори за правда.

2) Дали многу од законите кои се воведоа заради „патот кон Европа“ немаат реална врска со начинот на живот на нашиот народ?

  • За да ви договорам на ова прашање би требало да ми посочите конкретно законско решение кое го имате на ум за да би можел да коментирам.

3) Од кои искуства може да учи правниот систем во РМ?

  • Јас сум алергичен на флоскулата “така прават на запад” или воопшто потпирање строго на компаративни искуства. Ако некој закон добро се применува или фунцкионира во Франција или Русија, не значи дека ќе најде соодветна примена и кај нас или дека ќе ги даде посакуваните резултати.

4) Што беше причината за да ја напишете вашата магистерска теза, и како ја оценувате реакцијата на јавноста?

  • Директната причина е погрешно водената државна политика по прашањето на трговијата исо наркотици. Кај нас како и во добар дел од светот се смета дека со заострување на санкциите и зголемена пенализација дека ќе се сузбие трговијата со наркотици, што праксата не може да го потврди. Реакцијата на јавноста беше воглавно позитивна.

5) Какво здружение е Билка и за што се залага?

  • Здружението за декриминализација на Канабис БИЛКА Скопје е здружение на грагани чии основни цели се генерална декриминализација на канабисот (во медицински и рекреативни цели) како и заштита и унапредување на животната средина. Се залагаме за подобрување на постоечкото законско решение за канабис во медицинска употреба како и декриминализирање на канабисот во рекрекативни цели преку законски интервенции како и константна борба за зачувување и унапредување на животната средина.

6) На какво мнение сте за нивото на општествена свест за темите на кои работите?

  • На мое задоволство особено во изминативе 3-5 години јавната свест за позитивните придобивки од канабисот е на далеку повисоко ниво од на пример јас кога бев тинејџер, што е секако голем исчекор имајќи предвид дека нашата средина сеуште е во голема мера конзервативна.

7) Дали може да се случи тоа за кое што се залагате, и ако да – кога?

  • Секако дека може да се случи бидејќи на глобално ниво постојат повеќе позитивни примери. Вториот дел од прашањето не можам прецизно да ви го одговорам бидејки законските измени зависат пред се од политичката волја на главните политички чинители. Наше е да работиме, да лобираме, туркаме, предлагаме и иницираме а убедени сме дека целта ќе ја постигнеме, порано или подоцна.

8) Легализација на канабис – легализација на природа. Легализација на проституција – легализација на „најстарата професија“. Има ли простор за тоа во нашето општество и дали државните институции, локалните самоуправи можат да ги поддржат граѓанските иницијативи?

  • Не само што има простор, туку и органите на управата треба активно да се вклучат во граѓанските иницијативи кои носат позитивна клима.

9) Има ли правда? Сведочиме дека сиромашни за релативно мали дела се судени дури и со затворски казни, додека богати со големи злосторства се пуштаат на слобода како на корзо. Ќе победи ли правдата или победува начинот на претставување на приказната?

  • Сиромавиот и да ги ужива сите права по закон му фали главниот ресурс за квалитетна одбрана а тоа се секако финансиите и тука поситуираните се во предност. Недостаток на новиот Закон за кривична постапка е што не предвиде уживање на правата во насока на остварување одбрана (технички советници, вештаци, детективи и сл.), да паѓаат на терет на буџетот доколку обвинетиот или осомничениот достават докази дека се социјално загрозени или дека се со исклучително ниски примања.

10) Кое е Вашето мнение за „проблемот со името“ и аболициите кои што ги даваат претседателите на РМ?

  • Проблемот со името е апсурден и тоа сите го знаеме. Во поглед на аболициите имам генерален став против бидејки оставаат сериозен простор за измамување на правдата.

11) Што би порачале на читателите на ЛОЗА?

  • Да прават сè што им годи а не им наштетува на другите.

12) Во каква Македонија би сакале да живееме по 10 години?

  • Во Македонија во која младите нема да имаат за главна цел да се иселат од тука.

Благодарам за разговорот. Успешна работа и само напред!

прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2017