Saturday, 19 October 3946

Пропагандата и нејзините други имиња

Пропагандата и нејзините други имиња

Ретки се оние кои можат да го забележат превезот врз конотацијата поврзана со терминот „агитација“, користен во Русија, што всушност е синоним за пропаганда. Уште во 1902 во Русија ја определиле како „причинска употреба на историски и научни аргументи за да се индоктринираат образованите и просветлените“ – внимателната и информирана публика. Агитацијата, како и пропагандата, вклучува употреба на слогани, параболи и полувистини за да се експлоатира умот на широките народни маси. Кога овие активности започнале да се користат во политички цели, се појавил терминот агитпроп. Работата на Бернејс била инспирација и за Јозеф Гебелс и работата на Reichsministerium für Volksaufklärung und Propaganda – Министерството за пропаганда. Како што видовме во извадокот од книгата „Пропаганда“ на Едвард Бернејс, Пропагандата како термин била употребувана уште пред векови за пропагирање на католичката вера, а и денес сведочиме дека сеуште за многумина зборот пропаганда е потсетување на двете светски војни и лажните ветувања на илјадници политичари ширум светот. Кај повеќе луѓе од земјите во кои се говорат латински јазици, пропагандата често е синоним за лажно и измамничко рекламирање, а propagande commerciale е синоним за комерцијално рекламирање. Како што државите, политичките структури, меѓународните организации и центрите за истражување на јавното мнение практикуваат пропаганда, така тоа го прават и големите компании. Скоро и да нема значајна светска компанија која нема свој тим на истражувачи кои не само што прибираат информации за нивото на јавното мислење, туку и пуштаат во оптек пропагандни пораки кои влијаат на односот помеѓу потрошувачите и компанијата, а многу често и на зголемување на продажбите и профитот. Обичните фрази, изрази, слики и звуци не се доволни за потенцијалниот клиент да стане ваш потрошувач, доколку не се допрат неговите емоции. А тоа се прави само преку добро смислени и склопени рекламни пораки кои влијаат на центрите во мозокот кои предизвикуваат одредени потреби кај човекот.

Термини кои се користат во повеќе јазици во втората половина на минатиот и во овој век, а се поврзани со пропагандата се „спин“ и „менаџмент на вести“ – се однесуваат на координирана стратегија за минимизирање на негативата од информациите и презентација на истите во „приемчиво“ светло, преку приказна која што би требало да го зголеми ефектот на спинот – лошата пропаганда. „Спин“ се користи најчесто за манипулација со политичка и технолошка информација, заради кое што секретарите и одговорните за односи со јавноста многу често се споменуваат како „спин доктори“, особено кога „се обидуваат да ги исперат вестите“. Освен асоцијацијата со неетичка, штетна и нечесна тактика, пропагандата е употребувана и за организирано убедување на широки народни маси. Убедувањето се разликува од пропагандата, но кога станува збор за реторика со сомнителна намера, се спојува со лошата пропаганда. Пропагандата ја претставува работата на големи организации на групи кои се стремат да се здобијат со јавна доверба преку масовна оркестрација на привлечни заклучоци спакувани за да ги скријат нивните недостатоци и намери за убедување. Постои и субпропаганда и контрапропаганда, кои најчесто се користат во субверзивни цели, користејќи различни стимули за да се привлече вниманието на масите, по што комуникацијата се одржува со информирање „под превезот“ или во спротивен правец она што треба да се демистифицира или негира. Пропагандата е нераскинлив дел и од психолошката војна, а воената употреба се забележува уште од најстарите времиња па се до првата светска војна од минатиот век, кога започнува периодот на масовно користење на пропагандата. Болшевиците го имале Ајнштајн, кој ја опишал и демонстрирал употребата на пропагандата во филмовите, а Нацистите ја имале Mein Kampf на Хитлер и дневниците на Гебелс како водичи за пропагандата. По втората светска војна се забележува масовната употреба на пропагандни средства за придобивање на јавното мнение кога треба да се случи или се случува некоја војна. Со појавата на модерните технологии, пропагандата во сите нејзини облици стана нераскинлив дел од човечкото општество. Од воени, преку политички, хуманитарни, економски, и уште какви ли не цели, до социјален инженеринг – пропагандата сеуште го обликува јавното мнение, буди емоции и предизвикува реакции кај широките народни маси. Денес, интернетот, медиумите, образованието, уметноста, и други општествени елементи се користат како канали за различни видови на пропаганда, проучување и оформување на јавното мислење.

дел од поглавјето „Пропаганда“ од Имагинариум – книга трета

Никола Ристевски
лето 2017
www.nikolaristevski.com

bernays-manipulating-pr