Monday, 19 October 3931

Прилози кон проучувањето на пропагандата

Пропагандата е проучувана од историјата, новинарството, политичката наука, социологијата и психологијата, но и преку интердисциплинарни методи. Историјата на пропагандата претставува проучување на практиките на истата и случувањата како возможни ефекти од пропагандата. Пропагандата е вид на комуникација која се стреми да предизвика одговор кој што го продолжува посакуваната намера на пропагандистот. Елементи на информациска и убедлива комуникација можат да се вклучат во пропадандната комуникација, која сепак претставува одделен вид на пренесување на пораки. Пропагандата може да го промени јавното мислење, а и промените во однесувањето можат да бидат повлијаени од пропагандата. За да се разбере поголем дел од нејзиниот историски обем, истата треба да се проучува преку мултидисциплинарен пристап.

Пропаганда – почетоците  

Користењето на пропагандата е интегрален дел од човечката историја и може да се проследи до пред нашата ера за да се погледне филозофското и теоретското потекло. Ефективно користена од Александар Македонски, Римјаните и првите Христијани, пропагандата станала неразделна од политичките конфликти. Појавата на пресата за печатење била искористена од Мартин Лутер за неговата борба против Католичката црква, која е прва која го искористила зборот пропаганда во широка употреба, а секој нов медиум на комуникација брзо бил усвојуван од пропагандистите, посебно за време на Американската и Француската револуција, за време на Наполеон но и векови подоцна.  Реторичкото минато на етиката на убедување може да се проследи уште од почетоците на проучувањето на реториката, чие што дефинирање во древните времиња е премногу слично со денешната теорија на убедување. Векови пред нашата ера луѓето имале право јавно да говорат за да го искажат своето мнение во врска со политички и правни општествени одлуки. Затоа што тоа било одговорност, не било лесно да се научат техниките на реториката. Уметноста на говорењето била проучувана како цел високообразовен систем, дури и како начин на живот. На Платон не му се допаѓало тоа што постоело некакво верување дека реториката е вистинскиот одраз на колективното мислење, а дури пишувал и за ниската свест на тогашното јавно мнение. Верувал дека владеењето треба да биде извршувано од филозофи – кралеви, а не од групи на луѓе кои што не ја поседуваат мудроста ниту пак древното знаење. Во неговите текстови ја критикувал студијата на реториката заради тоа што таа ги упатувала луѓето во погрешен правец, што го влошувало општеството на повеќе нивоа. Без личен увид и мудрост, личноста која учела реторика може да стане само лоша верзија на она што денес го нарекуваме „пропагандист“. Преку Сократ, Платон упатил многу прашања за манипулациите на реторичарите. Оставил записи во кои тврди дека доколку некој треба да се бави со реторика, мора да ги има научено правилата на древните принципи на филозофијата.  Аристотел ни оставил многу дела за природата на идеите и човекот. Во неговиот труд кој е поврзан со темата на овие страници – Реторика, го поставува концептот за кредибилноста како форма за доказ и вид на убедување. Други докази според Аристотел се емоционалната реакција и самиот говор со неговиот разум и логос. Во Етика ги опишува моралните и филозофските знаења кои говорникот треба да ги поседува.  Првите обиди за систематско проучување на влијанието на начинот на говор и пренесување на пораки врз јавното мнение се од времињата пред нашата ера. Освен примерите од нашата непосредна околина, користењето на определени начини на говот за да се пренесе убедлива порака можат да се забележат и во записите на Конфучиј, кој пишува дека користењето на добрата реторика, заедно со точно определени начини на говор и пишување можат да бидат искористени за луѓето да се убедат да живеат исполнети животи полни со значење. Модерните научници го истражуваат и користењето на древните техники на Платон, Аристотел и Конфучиј во модерните политички системи од втората половина на 20 и почетокот на 21 век.  Историјата на пропагандата нема јасна линеарна прогресија, туку важни точки во минатото кои можат да се искористат како „бенчмаркови“ за проучување на минатото на оваа уметност. Неколку векови пред времето на Александар Македонски се првите регистрирани обиди за употреба на техники од денешната пропаганда за убедување на тогашните народни маси. Воената историја и воената пропаганда покажуваат промени во пропагандата при промена на поредоците и начинот на управување со општеството, но и период кога војните биле водени „во име на Бога“ до периоди во кои се војувало „во името на Владетелот кој е Бог на земјата“. Дури и големите градби во Египет можат да бидат категоризирани во пропагандни активности – кои одекнуваат низ вековите до ден денес. Иако древните Шумер, Вавилон, Асирија, Египет и други цивилизации користеле техники на денешната пропаганда, истите најчесто биле без филозофски обем како тој на владетелите од нашите територии. Записите за Александар Македонски исто така се пропагандна активност. Тој бил еден од првите кој ја проучувал колективната свест, а големата свадба на неговите војници со персиските девојки е добра пропаганда за големата македонска империја од пред нашата ера. Култот на Александар е пример за пропаганда која претставува ехо од времињата кога светот, барем за кратко, бил обединет под поредок кој овозможувал еднаквост, мир и благосостојба на луѓето. Целата контрапропаганда за „војувањето“, „насилството“ и „лошиот Македонец“ е неуспешна заради филозофскиот аспект на сеќавањето на најголемиот цар на сите времиња, чие што царство е вечно посакувана цел на општеството. Затоа и сите владетели и големи луѓе за човештвото после него се угледувале на неговиот лик и дело, кој се изучува од повеќе научни гранки и во 21 век како пример за приближување на човекот кон совршенството.  Анализата на пропагандата секогаш треба да го вклучува историското истражување, проучувањето на пропагандните пораки и медиуми, чувствителноста на публиката и критичноста на целиот пропаганден процес. Сите кои ќе го набљудуваат само краткорочното влијание на пропагандата нема да бидат во можност да го спознаат нејзиното делување, затоа што тоа секогаш е долгорочно. Пропагандата е намерно и систематско оформување на перцепциите, манипулирање на когнитивноста и однесувањето за да се предизвика одговор кој е посакуван од намерата на пропагандистот.

читај повеќе (клик)