Волшебна Македонија – Цар Александар Македонски (текст и аудио)

Текстови за Александар Македонски од книгата „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор Сонѕе“

Ѕвездата од Кутлеш

Дури и Александар Македонски во раната младост од јужните соседи бил нарекуван волк владетел. За приликите во времето на Филип и Александар Македонски, можеме многу да дознаеме доколку го набљудуваме делувањето на Демостен, водечкиот филозоф на градовите – држави од тој период. Познат по неговите Филипики, тој бил жесток противник на големото македонско кралство. Кога Александар пуштил абер за десет оратори од градовите – државички да дојдат на разговори во Македонија, Демостен почнал да предупредува дека треба да се пазат од младиот волк, затоа што е поопасен и од татко му, стариот волк. Во својот говор до избраните претставници кои требало да тргнат на разговори, нарекувајќи ги кучиња на стадото овци, вели дека Александар е македонскиот самотен волк – владетел.

од текстот Македонците и волкот

Писмото на Филип до Аристотел

Филип во писмото до Аристотел:

„Во добро здравје, знај дека имам син. Благодарен сум на боговите, не толку за неговото раѓање, туку бидејќи тој се роди во твоето време, поради што се надевам дека ќе биде образован и насочен од тебе, така би бил подостоен од нас обајцата и царството што ќе го наследи“

Амбициозен во намерата да обезбеди учител којшто би ги овозможил највисоките нивоа на учење за неговиот 14-годишен син Александар, Филип Втори Македонски во желбата принцот да го има за ментор најпознатиот и најучен од големите филозофи, решил да се консултира со Аристотел – најголемиот учител во нивното доба.

Прифаќајќи ја поканата на Филип, Аристотел допатувал во Македонија во четвртата година од 108-та Олимпијада, и таму останал осум години како тутор на Александар. Восхитот на младиот принц кон учителот пораснал на ниво исто како она восхитување кон татко му, Филип. Александар велел дека татко му му дал живот, а учителот добар живот.

Manly Palmer Hall, Secret Teachings of All Ages

Раздели па владеј

Се изначитавме како начинот на контрола преку максимата „Раздели па Владеј“ се припишува на римскиот владетел Цезар и францускиот император Наполеон. Сличен начин на војување предлага и Николо Макијавели. Но, дали е тоа така и од каде потекнува овој принцип на освојување?

Раздели и владеј е воена тактика којашто се стреми да го подели непријателот во две или повеќе групи. Разделувањето на противничките војски предизвикува паника во спротивниот табор, којшто станува немоќен да се брани на повеќе фронтови. Во денешно време, овој израз се користи и во политички и социолошки контекст. Техниката опфаќа охрабрување на поединци од противничкиот табор за присоединување кон оној којшто разделува, односно напаѓа; спонзорирање на недоверба и непријателство во редовите на противникот; поттикнување на нелојалност и омраза помеѓу локални и регионални управители, односно владетели; охрабрување на безначајни трошоци коишто ќе го намалат капацитетот на политичките и воените расходи, и слично. Овие техники биле прилагани во многу конфликти на сите континенти, уште од дамнешни времиња. Денес освен во воени, најчесто се користат во политички цели.

Во повеќето извори, со коишто располагаме, е наведено дека за првпат оваа тактика била употребена од Филип Втори Македонски, во неговата борба против „грчките“ градови – држави. Не само воено, туку и ја поттикнувал неслогата помеѓу одделни локални филозофи и благородници, сè со цел за подоцна полесно да ги освои.

(2015)

Александар Македонски и Република Македонија

Што всушност знаеме за нашите древни предци? Дали информациите кои ни се достапни во обичните образовни материјали и резултатите од основните археолошки истражувања се доволни за да се задоволиме со нивото на колективниот труд за спознавање на мистичните цивилизации кои живееле на овие простори?

Не вреди да се дискутира што и кој е одговорен за моменталното ниво на јавното мислење. Како да не се повторат претходните грешки на нашата раса е она што навистина е важно.

Доколку ги набљудуваме најголемите примери на човештвото, лесно ќе го забележиме ликот и делот на Кралот над Кралевите, Кралот од Македон, Освојувачот на сè познато, Александар Велики (Големиот). Најголемиот меѓу живите од претходната ера на постоење, чие место на раѓање и вечно почивалиште се сѐ уште непознати. Она што се знае, е дека окото на јавноста е завртено кон споменување на датата на неговата смрт, наместо раѓање. Ова се споменува на повеќе места на земјината топка, во различни ситуации кога бил споменат Александар Македонски. Она што исто така е факт, е дека денешната цивилизација не познава никаков гроб, саркофаг или вечно почивалиште на Најголемиот Крал на Македон. Сегашната Република Македонија и Хеленската Република имаат недоразбирања во врска со правата на ова наследство повеќе од дваесет години, откако Република Македонија конечно ја доби својата независност.

Потполно е јасно дека откривањето на релевантни информации за древните цивилизации на Балканскиот Полуостров можат да создадат нов шаблон за разбирање помеѓу сегашните држави, затоа што стариот пат на терор, притисок и војна е само и само деструктивен – докажано и без потреба за негово усовршување, ниту повторување.

За гробот на синот на Филип Македонски и не треба многу да се зборува. Секое споменување на најголемиот цар на сите времиња претставува инвокација. Овде станува збор за светлина и темнина, односно суета или суетлина и теменина – она што ни доаѓа „од горе“. Дочекавме да имаме автопат, аеродром, споменици, училишта, улици со името на Александар Македонски. Но, сѐ уште немаме никаков празник, посветен на најголемиот цар на сите времиња. Можеби годинава е вистинско време за тоа, а логично би било празникот да е денот на неговото раѓање.

А, додека се обидуваат да ни го сменат името на државата, треба да се потрудиме да си ги вратиме вистинските имиња на нашите градови, а со тоа да се оттргнеме од долгогодишното егрегорно влијание. Жива е Фалангата на чело со Букефал и Александар.

(2014)

Вечниот дух на Александар и Македонија

Синот на Филип Македонски, најголемиот војсководец, освојувач и визионер во историјата на човештвото, Александар Трети Македонски, според официјалните историски податоци починал на 10/11 јуни 323 година пред нашата ера, во Вавилон. Околу четириесет дена пред да наполни 33 години.

Некои од историските извори ни пренесуваат дека откако кон крајот на мај ги извршил последните подготовки за враќање во Македонија, по една вечер со своите генерали (десетина дена пред да почине), легнал болен во постела и секојдневно бил со влошено здравје, за на кобниот ден да испушти душа. Според едни, умрел заразен од маларија, според други – бил отруен, но според некои – Царот воопшто и не умрел.

Квинт Куртиј Руф ни пренесува за деталното мумифицирање на телото на Царот. По мумификацијата, кога телото било посетувано од македонската војска, оставало впечаток како Александар сѐ уште да бил жив. За пренесување на неговото тело во родната земја, била подготвена специјална погребна кочија, којашто според изгледот била отсликување на големината на овој Македонец. Кочијата била 4 метри широка и 6 метри долга, изработена според македонската традиција, имала форма на храм чии столбови биле украсени со златен акантус. На секој од четирите рабови имало по една статуа од божицата Ника, и златен маслинов венец на стилизирана палма која стоела на врвот од покривот во форма на буре изработен од златни крлушки. Два златни лава го чувале влезот во внатрешноста на храмот каде во златен саркофаг лежело мумифицираното тело на Александар. Околу саркофагот имало четири слики, на првата илустрирација на Александар, заедно со неговите пријатели во борбена кола подготвена за борба, на втората биле претставени индиски борбени слонови подготвени за битка, третата била коњаничка сцена, и четвртата борбени кораби, исто така подготвени за акција. Златна мрежа го криела телото од завидливи очи, формирајќи треперлив превез кој го делел младиот човек бог од профаниот свет на смртниците. Диодор ни кажува дека биле потребни 64 богато украсени мазги кои ги туркале тркалата на кочијата, декорирани со лавови кои имале копја во нивната уста.

Различните верзии за погребната поворка на Александар Македонски ни кажуваат дека бил погребан во Мемфис или Александрија. Познато е свртувањето на погребната поворка од страна на Птоломеј и заменувањето на саркофагот со друг, полн со мед. Сѐ уште е нејасна улогата на мајката на Александар – Олимпија, и се поставува прашањето дали таа оставила нејзиниот син да биде погребан далеку од вистинската татковина – Македонија?

Постојат записи кои тврдат дека кога Александар починал, се појавиле два огромни орли кои го кренале на небото. Ова ретко се споменува во денешните написи за Александар Македонски, но во средниот век било претставено во многу книги и уметнички дела. Неговиот мавзолеј во Александрија бил посетуван од многу војсководци кои владееле по неговото време. Можеби и никогаш нема да дознаеме дали и од што умрел Александар, или дали воопшто умрел баш тогаш, затоа што четириесетте денови пред да наполни 33 години претставуваат важна симболика во многу древни мистерии и учења, дел од кои се зачувани и во денешните ритуали на некои тајни друштва и организации. Според повеќе традиции низ светот, на душата и требаат токму толку – околу шест седмици за да се прибере на оној свет. Денес, на повеќе локации на земјината топка, митолошки се споменува наводниот гроб на Александар. Грчката пропаганда имаше повеќе неуспешни обиди во пласирањето на тези за неговото божемно пронаоѓање. Локацијата на мавзолејот во Александрија каде што подоцна бил закопан Свети Марко, беше причина за приказна во еден современ роман, каде се тврди дека посмртните останки на Александар Македонски биле пренесени под катедралата на Свети Марко во Венеција (Стив Бери – Венецијанско предавство).

Поврзаноста на неговиот лик и дело со учењето на слободните ѕидари – масоните, беше овековечено во книгата на Радјард Киплинг – „Човекот што требаше да биде крал“, по којашто е снимен и истоимениот филм.

Во книгата на пророкот Даниел, од Еврејската Тора – Стар Завет/Свето Писмо (чијшто прв превод започнал под налог на Птоломеj пред околу 2,300 години – и е превод на демотско писмо, од петокнижие во четворокнижие – добропознатиот Септуагинт) пишува за малиот рог којшто израснал од четирите каде што се скршил големиот рог, кој се воздигнал до небото и бутнал на земја дел од ѕвездите небесни, па така ја одзел жртвата од секојдневното светилиште. Ужасот ќе траел уште две илјади и три стотини вечери и утра, тогаш Светилиштето ќе било очистено. Од смртта на Александар Македонски до денес имаат поминато околу 2300 години.

Македонскиот народ го опеал Александар во многу песни и преданија. И ден денес можат да се слушнат различни верзии за неговото вечно почивалиште. Се споменуваат повеќе локации – Беласица, големите Пајонски гробишта кај Исар Марвинци, Кочани, Овче Поле… Официјалната археологија и историја ги порекнува сите овие мистични тврдења на Македонците. Едно народно предание од Кратовско детално ја опишува погребната поворка со телото на Царот, која народот ја пречекал со многу цвеќиња на патот по кој се движела, пред да биде испратена на непозната локација некаде во Овчеполието… Останува да веруваме дека тогашниот свет, неговите најлојални војсководци – Пајонците и мајка му Олимпија се потрудиле да биде исполнета желбата на Царот – да биде погребан онаму каде што се родил – во татковината. (види – Богатството на Пајонија). Две илјади и кусур години по неговата смрт, сѐ уште одекнува неговото име, сѐ уште многумина учат од неговиот лик и дело, воената стратегија на Македонците се студира во најпрестижните универзитети во светот, а за Македонецот Александар се испишани можеби и највеќе листови хартија, воопшто во светската историја.

По борбата со странскиот фактор во почетокот на 90-те години од минатиот век, Република Македонија беше принудена да го смени знамето, па наместо Ѕвездата од Кутлеш со шеснаесет краци, да користи осумкрако сонце. Македонскиот народ дочека да има аеродром, автопат, училишта и улици кои го носат името на Александар Македонски. Логично е наскоро да добиеме и празник посветен на овој голем човек. Нема друг Македонски кој оставил поголема трага во светската историја, каков таков – наш си е, а со тоа и на целиот свет. Бидејќи поголемиот дел од современиот свет е преокупиран со неговата смрт, ние би можеле да го одбележиме неговото раѓање – роденденот му е за шест седмици од денес. Она што сигурно ни преостана во наследство од големата Александрова империја е начинот на којшто тој се однесувал со туѓите народи, потрагата по знаењето и древните мистерии, народните митови и преданија, и споменот за Александар, кој и ден денес инспирира голем број од Македонците кои се распрскани на различни делови од земјината топка. Она што сигурно не треба да го повториме, е расколот и однесувањето на неговите генерали по наводната смрт во Вавилон. Затоа што, таков Велик, Голем Александар, всушност и никогаш не умрел – неговиот дух останува да живее вечно за човештвото и Македонија.

Вечна памет.

(2015)

Зул Карнијан – оној со двата рога

И ќе те прашаат за Зул-Карнијан, oдговори им: „Ќе ви го изрецитирам споменот за него“. Навистина, Ние го поставивме него на земјата и му го откривме значењето на сите работи. И така тој појде по патот. И кога стигна на местото каде сонцето заоѓа, виде дека тоа заоѓа во едно црно море, по што кај него дојде народот. И Ние му рековме: „О, Зул-Карнијан! Или казни ги, или покажи им добрина.“ А тој рече: „Што се однесува до оној што прави лошо, ќе го казниме, а потоа ќе биде вратен кај својот Господар за да биде казнет со страшна казна. Што се однесува до оној што верува и што прави добрини, тој ќе има добра плата и нему ќе му ги пренесеме зборовите на нашите одредби.“ Потоа, тој продолжи по патот. Сè додека не стигна во земјата каде што сонцето изгрева, каде го најде како изгрева над луѓе на кои не им дадовме заштита од него.И така! Навистина она што беше кај него го опфативме со знаење. Потоа, тој продолжи по патот. Сè додека не стигна меѓу две планини, каде најде луѓе, кои не разбираа ниту збор. Тие рекоа: „О, Зул-Карнијан! Навистина Гог и Магог создадоа низа немири во земјата. Сакаш ли да ти дадеме награда ако ставиш бариера помеѓу нив и нас.“ Тој им рече: „Она во што ме востанови мојот Господар е подобро. Затоа помогнете ми со работници и ќе изградам заштитна бариера помеѓу вас и нив. Донесете ми блокови од железо.“ И додека тој го пополни просторот помеѓу двете планини, им рече: „Дувајте!“, А кога се запали огнот им рече: „Дајте сега да го излеам растопениот бакар“. Така тие не можеа да поминат, ниту да направат дупка. Тој им рече: „Ова е милост од мојот Господар, но кога Тој ќе вети, ќе го срамни со земја, а ветувањето на мојот Господар секогаш е вистинито!“.

Александар Македонски – во осумнаесеттата сура „Пештера“ (Ал-Кахфи), ајети (стихови) 83-98. Сура 18, Куран

Александар Македонски и Евреите

Уште пред да стигне во Ерусалим, еврејските свештеници имале пророштво дека ќе се појави. Старите записи велат дека, кога пристигнал, му се поклонил на првосвештеникот, а овој му ги дал најсветите книги. Александар Македонски во Ерусалим е претставен на многу уметнички дела. Општопознато е дека одреден период на сите машки и женски деца во Израел им биле давани имињата Александар и Александра.

Древното знаење на Александар

Човекот кој копнее за знаење поради самото знаење, секогаш е над оној кој стекнува знаење поради некој практичен учинок.

Затоа и Александар во писмото до Аристотел говори дека повеќе би сакал да се одликува со знаење, наместо со власт.

Александар и Аристандар

Уште од мали нозе Александар бил предизвикуван од натприродното. Врачот Аристандар го водел во храмот каде го учел за другиот свет. Го научил да ги изговара имињата на божествата онака како што тоа го правеле свештениците, со нагласок кој ја активирал нивната моќ. Го учел и за принесувањето на жртви, па така Александар научил да ги чита знаците од пророкувањето со жртвуваните животни уште пред да научи добро да ги чита текстовите од книгите. Уште како дете, со сериозен глас ги изговарал волшебните зборови чии вибрации потсетувале на звуците кои се слушале кога свештеникот бил во храмот. Во неговата десетта година Аристандар го научил да го разликува говорењето од делувањето…

Неколку древни сведоштва за Александар Македонски

Птоломеј Филаделф го донесе од Мемфис во Александрија телото на Александар.

Pausanias, 2nd century AD

Птоломеј Филопатор во средината на градот на Александар изгради меморијална зграда, којашто сега се нарекува Сема, и таму ги положи остатоците на сите негови предци, заедно со неговата мајка, и Александар Македонски.

Zenobius, 2nd century AD

Во ова време Октавијан го имаше саркофагот и телото на Александар Велики донесено од внатрешноста на светилиштето, и откако зјапаше во него, покажа почит со поставување на златна круна и посипување на цвеќиња; а потоа беше прашан дали сака да го види и гробот на Птоломеј, па одговори: „Мојата желба беше да видам крал, а не трупови.“

Suetonius, 2nd century AD

Октавијан потоа го погледна телото на Александар, дури и го допре така што, како што велат, се скршило парче од носот. Сепак не отишол да го види трупот на Птоломеј, и покрај желбата на луѓето од Александрија да му го покажат, одговарајќи им: „Дојдов да видам крал, а не мртви луѓе.“

Dio Cassius, 3rd century AD

Ганџата од Фалангата на Александар Македонски

Овие луѓе веројатно се директни потомци на трупите на Александар Македонски, останати во овие региони уште од времето кога Фалангата ја освојувала Азија. Не смееме да ги допираме ниту луѓето, ниту куќите, не ни е дозволено ни да јадеме заедно со нив. Ова место е скриено длабоко во планините и до неодамна беше изолирано. Сè што им е потребно, го добиваат од планината. Начинот на којшто ги градат куќите без клинци, дрвото, дури и камењата за покривот, сето тоа го имаат овде. Не ни е дозволено да влеземе во нивната продавница, затоа што се продаваат прехранбени продукти и доколку влеземе, ќе станеле нечисти. Затоа е најдобро да не допираме ништо.

Порано размената за потребните продукти ја вршеле давајќи волна, но во последните два века нештата се поинакви. Скоро двеста години основна намирница којашто ја користат за бартер кога нешто им недостасува e чарас – собраната смола од цветовите на канабисот. Овие жители на Хималаите сѐ уште се пример за самоиздржливост. Ја користат смолата за да купат неколку нешта коишто не можат да се најдат во планините.

Средбата со луѓето од Малана е уште една потврда дека канабисот е интегрален дел од животот на една од најпосебните култури во светот. Смолата од цветовите на канабисот ја гарантира слободата на луѓето од овој регион.

Strain Hunters, India Exhibition

(2015)

Кога Александар Македонски се спуштал под вода

Пред многу години Роџер Бејкон – Doctor Mirabilis, запишал за начините на коишто човекот може безбедно да се спушта под вода. Во Тетратките на Леонардо да Винчи е опишан неговиот костум за нуркање, кој како и другите изуми на Леонардо бил многу инвентивен за времето во кое живеел. Но, дали луѓето успевале да нуркаат и многу поодамна?

Аристотел во „Problemata“ ни раскажал една од многуте приказни за Александар Македонски. За време на опсадата на Тир, тој наредил нуркачите да ги уништат сите подводни одбранбени механизми на градот.

Според легендата, самиот Александар се спуштал под вода во стаклено ѕвоно за да ги набљудува операциите. Во „Alexandria“ се споменува сличен податок, дека Александар нуркал во многу убаво направено буре, кое целосно било изработено од бело стакло…

Уште еден извор за нуркањето на Александар Македонски е оној од 1886 година, од Франција, каде е запишано дека уште на 11-годишна возраст Александар се спуштал под вода во стаклено ѕвоно. Ова ретко се споменува во денешните написи за Александар Македонски, но во средниот век било претставено во многу книги и уметнички дела.

(2015)

Александар и бесмртната вода

Цар Александар сакал да оди кај изворот на бесмртната вода. Од таму никој дотогаш не се вратил, затоа што се патувало три дни по ноќна темница, во која луѓето заскитувале и не можеле да се вратат во бел ден. Цар Александар со себе зел кобили и ждребиња и тргнал кон изворот. Во темнината ја врзал кобилата, па на растојание на кое може да се слушне глас врзал ждребе, потаму кобила, после ждребе, и така подалеку додека стигнал до бесмртната вода, која извирала меѓу две планини кои се отворале и затворале. Тој набрзина нацрпил едно шише и по гласовите на кобилите и ждребињата кои ’ржеле, го погодил патот и се вратил на бел ден. Шишето го оставил на прозорецот за да се напие утредента, кога било недела и нарачал на сестра му да го варди, да не случајно се истури бесмртната вода. Сестра му не била внимателна и го скршила шишето. Кога Цар Александар разбрал за тоа, страшно се налутил, а сестра му за да избега од неговиот бес, се фрлила во море и се престорила во делфин, кој кога ќе го чуе Александровото име, се крие во морските длабини.

До ден денес кога парабродите минуваат оттаму, се плашат делфинот да не ги преврти, па морнарите на сет глас викаат: Жив е Цар Александар! Така ја плашат сестра му на Александар и таа бега од нив, а парабродите безбедно заминуваат.

Според записот во Зборникот на Браќата Миладиновци

Две епизоди од серијата „Волшебна Македонија“, во кои се читаат текстови од книгата „Имагинариум“, посветени на Александар Македонски.

читајте:

Ни Била, ни Byla, туку е Бела Зора

Три научни трудови за геоглифот во Канда, Овче Поле

Graham Hancock – Magicians of the Gods / Dating with stars

Leave a Reply