Sunday, 22 October 2017

Дедо Марко Цепенков за еснафските врзаници

Дедо Марко Цепенков за еснафските врзаници

Според занаетите, занаетчиите се делиле на дружества, еснафи, со свои претседатели – устабашии и собранија – лонджи.

Сите еснафи си имаа по еден устабашија и по еден чауш што ги покануваше мајсторите за некои еснафски работи, кога ќе имаше потреба. Секој еснаф си имаше каса. Парите ги употребуваа за помош на сиромаси, за туѓинци што просеа, за цркви и манастири, за омажување сиромашки моми, за болни и неволни и друго. Овие пари ги собираа помеѓу себе вака: кога ќе се глави некој калфа, ќе си ја плати определената такса в каса, според ругата што ќе ја зема. Секој саботен ден чаушот собираше пари во запечатена кутија. Секој калфа кога ќе станеше мајстор, плаќаше устал’к – плата за мајстор. Уште пари собираа и од казни и од оние еснафлии што не им се покоруваа на еснафските закони. Терзиите и чизмарите им ги преврќаа наопаку тезгињата на виновните за казна, а понекогаш им ги затвараа и дуќаните, без да им се меша во тоа власта. Подоцна, кога почна народот сам да си ги издржува училиштата, тогаш еснафите помагаа и од своите каси.

Еснафскиот закон не допушташе чирак да служи бесплатно помалку од три години. На чиракот му даваа само еден чифт чевли. По трите години мајсторот го викаше устабашијата, со кого му определуваа руга според достоинствата што ќе му ги покаже мајсторот. Таткото на детето не се слушаше колку руга сака, туку каков мунасип ќе најдат устабашијата и мајсторот и тоа ќе си биде. Така и калфите се оценуваа од устабашијата и калфите што го придружуваа.

Секој еснаф си има и денеска по еден празник на којшто прават служба. Јас во своето детство бев во терзискиот еснаф, а по извесен број години бев во чоаџискиот. Еснафот ни беше една и касата ни беше една, се до времето кога го покренавме црковното прашање бевме едно.
Сега веќе еснафскиот закон не се почитува, особено од младите. Многу им попречи на еснафите од една страна недржењето на еснафските закони, а од друга околностите и конкуренцијата на европските стоки и изработки. И така, нашите еснафи денеска се во бедна состојба, и подобро да речам душа берат и страв ми е да не умрат скоро сите, како што веќе има многу еснафи умрени и погребани.