Sunday, 25 June 2017

Што се случува во Свети Николе?

Што се случува во Свети Николе?

Свети Николе е централната населба во Овчеполската котлина. Населбата прераснала во градче во втората половина на 19 век, кога бил определен официјален пазарен ден и била дадена дозвола за обновување на старата црква Свети Никола. Од тогаш па наваму, населбата се соочувала со многу проблеми, а кратките периоди на брз економски раст најчесто се заборавани поради неприликите низ вековите. Името на градот е Свети Никола, а денешното „Свети Николе“ е останато од српското „град Светог Николе“. При градежни зафати во градот, во повеќе наврати се откривани остатоци од дамнешни времиња, а во центарот на градот дури се откриени и артефакти од далечниот неолит. Регионот располага со многу сончеви часови во годината, овде ветерот знае да дува и од сите четири страни, а старите сеуште се сеќаваат на големите потоци и реки, во кои „не само што се бањале, туку и често ловеле риби“. Денес, во 17тата година од 21от век, градчето наликува на сценографија од некој пост-апокалиптичен филм.

Големата миграција село – град, која се случувала по втората светска војна, си го направила своето, па така (за разлика од минатото), денес на пазарите Овчеполските производи се сè поретки, а зачестува употребата на продукти од други краишта, дури и земји. Егзистенцијалната борба има причинето иселување на многу Овчеполци далеку од котлината, а егзодусот на населението се повторува и во овој, 21 век. Ако пред еден век во градот Свети Никола имало над сто дуќани и занаетчиски работилници, денес сè на сè дали има и приближно толку продавници… Додека во минатото „целото пазариште мирисало на убавото Овчеполско сирење“, „немало голем пазар на Балканот каде не се продавале Овчеполските производи“, денес „градскиот пазар“ е далеку од среден, а Овчеполските земјоделци мака мачат со производството и пласманот на своите производи.  Бројот на вработени од пред три децении е значително поголем од денешниот број на вработени. Изгледот на „градот“ веќе не отсликува никаква традиција и култура, ниту пак е соодветен на стандардите на новото време и векот во кој живееме. За општествениот и социјалниот живот немам намера да трошам зборови во овие редови. Здравствената состојба на граѓаните е во огромна опасност од „модерното време“ и „модерните лекови“. Болестите се сè почести, а ова е еден од ретките градови во Република Македонија каде не се користи капела на градските гробишта. Соочени со честите смртни случаи, масовното иселување, егзистенцијалниот страв, се почесто се поставува прашањето – колку души останаа во Овче Поле? За колку луѓе – точен попис нема, но одговорот го имаат политичките партии – кои водат детални списоци за присутното и иселеното население. Водата недостасува, иако под Овче Поле сеуште постојат огромни текови на жива вода. Среќата…среќата е присутна, затоа што и покрај сите неприлики – Овчеполци, колку толку, успеваат да преживеат под притисокот на „модерното општество“, кое е сè, само не човечко.

Има како да се вратат иселените, нормално ако се создадат услови за тоа. Има и како да се обезбеди производство на Овчеполски производи со врвен квалитет. Постојат и начини за да се намали огромната невработеност. Во новиот век имаме можности да ја истражиме и извадиме квалитетната вода од под нашето тло. Имаме толку многу млади таленти, што е неопходно да се обрне внимание на најмладите и да им се овозможи да работат на својот музички, спортски и научен  талент. Управувањето со природните ресурси според стандардите за зачувување и разумна употреба на истите може да донесе стабилност и бериќет. Сè може – ако се сака, а е уште поверојатно доколку се љуби работата на родната грутка. Овчеполието ги има условите за народот кој живее тука да има можност да работи постојано, а квалитетот на живот да дојде до ниво од кое луѓето ќе почнат смирено да размислуваат за сегашноста и да работат за стабилната иднина на поколенијата.

Она што под итно треба да се направи, е…

(продолжува)

Никола Ристевски

Овче Поле

мај 2017