Wednesday, 22 November 2017

Овче Поле – крај на старото и почеток на новото (од Имагинариум – книга втора)

Овче Поле – крај на старото и почеток на новото

Митскиот топоним Овче Поле значи победа. Центарот и периферијата можат да ги сменат местата кога треба да се обзнани нешто ново, па така Овче Поле значи крај на старото и почеток на новото. Ниската надморска висина на оваа огромна македонска котлина овозможувала на многу древни набљудувачи на ноќното небо од тука да ги спознаат вечните правила на универзумот. Овче Поле го означува „оној свет“, „другата страна“, а календарно е соодветен на периодот во кој соѕвездието Плејади е во најниска точка и не се видливи на ноќното небо. Тоа го потврдува и летниот празник на Свети Никола, кому древните традиции му давале црти на покровител на обредите со кои се „преминува на другата страна“ и се обзнанува новото. Затоа и дарува очи на оние кои се слепи, а токму затоа и ги чува клучевите од подземните извори под бакарното гумно. Во старо време се говорело дека „ќе се ослободат кога пак ќе има војна на медното гумно во Овче Поле“. Овче Поле е симбол на државноста и Сонцето, затоа и Белата Зора го најавува новото сонце на слободата.

од Имагинариум – книга втора