Friday, 19 October 8260

Голем народен собор во Богословец – 21 мај, Свети Јован Богослов

Во недела на 21 мај во Овчеполското село Богословец, како и секоја година, ќе се одржи голем народен собор по повод празникот Свети Јован Богослов – светецот кој е заштитник на ова село. Ви го пренесуваме текстот од пензионираниот наставник по историја, Ангел Златев. Во недела луѓе со потекло од Богословец кои живеат низ цела Македонија, но и во странство, ќе го посетат ова село за да се видат со роднините и пријателите и да укажат почит на родниот крај.

mystic-macedonia-bogoslovec

Богословец – некогаш и сега

Ако патот Ве нанесе во богатата житница Овче Поле и ако сакате да го посетите селото Богословец, сторете го тоа без двоумење. Оние кои се родени таму и кои детството го поминале токму во него ќе се разочараат. Веднаш кога ќе тргнете од Овче Поле нагоре ќе Ве сретне некаде каллива, некаде каменлива патека која змијулесто се искачува по угорницата. Го нема оној коловоз по кој некогаш се тркалал автобус полн со работници кои работеле во рудникот лоциран над селото. Во тој рудник и фабриката во која се преработувала рудата егзистенција наоѓале многу семејства како од селото, така и од околните места, па и подалеку. Мештаните со задоволство раскажуваат за тоа прекрасно време. Селото полно народ, детски џагор, колонијата со убави станови за работниците, му давале посебен сјај на селото. Личело на градска населба. Се сеќаваат на убавиот живот, игранките, на празниците, дочеците на Нова година и друго. Продефирилале познати културно-уметнички друштва, познати пејачки имиња како: Васка Илиева, Сариевски, Бадев, Есма Реџепова…Училиштето било посебен белег на селото. Училниците полни со деца, се слушала детската смеа, ама и страв од учителот кој многумина го опишуваат како строг. Се паметат и денес некои лудории кои си ги прераскажуваат. Но, како што вели народот: се што е убаво, трае кратко. Постепено рудникот и фабриката се затвараат и селото потонува во мрак и пустелија. Денес, Богословец е пусто, празно, ги нема ни гнездата во кои некогаш се ведеа најразлични птици. Неговата судбина ја делат многу села во Овчеполието, па и во Македонија.
За жал, тие можеби никогаш нема да заживеат и да ги вратат навиките, обичаите и начинот на живеење. Но, спомените нема да се избришат од мислите на луѓето.

Денес единствена надеж и засолниште за носталгичарите е црквата „Свети Јован Богослов“. И неа не ја поштеди забот на времето. На овој храм му е потребно реновирање и обновување за да и понатаму ги собира жителите на ова некогаш прекрасно село. Но, за тоа се потребни финансиски средства. Добрите и хумани луѓе, раселени насекаде во Македонија и светот, собраа сили и материјални средства за да му дадат достоен лик на храмот како што доликува.

За обновата на црквата се заслужни сите оние кои ја посетуваат и сите што дале свој прилог. Од нив како најзаслужен ќе го издвоиме Јордан Гасев (чии мајка и татко се богословчани) кој ги организира и извршува градежните работи.
Се разбира, тој не е сам. Со него се многу вредни луѓе кои му помагаат во оваа добротворна мисија и го бодрат да успее во тоа. Прилог за обновата на ова Свето место дадоа и луѓе кои не се по потекло од Богословец, за што сме им посебно благодарни. Затоа и оваа година да го посетиме ова Свето место на 21 Мај – недела, и уште еднаш да се сретнеме и помолиме за подобар и посреќен живот.

Ангел Златев

наставник по историја во пензија

повеќе за Богословец на ЛОЗА (клик)