Saturday, 19 August 2017

Овој древен народ во себе носи неверојатна сила (интервју со Александар Русјаков)

Интервју со Александар Русјаков

Ѕвездата од Кутлеш

Здраво живо. Благодарам за овозможената прилика за разговор со редакцијата на ЛОЗА. Се надевам дека ќе отвориме канал за троа светлина да влезе во овие мрачни денови.

Како си, Александар?

Добро сум, благодарам на прашањето. Сè уште му се радувам на битисувањето. Секој миг живот за мене е голтка восхит од солзите на вечноста. Му се радувам на она што го имам, не патам по она што другите го имаат. Тагата, болките и проблемите се тука за да ми ја засилат љубовта кон животот, да ми потврдат дека сум жив, да научам нешто од нив, да ме направат подобар човек. Сè уште им се радувам на будењето, заспивањето и патувањето кое ме чека меѓу секое будење и заспивање.

На што работиш во првата половина на 2017 година?

Хммм, ќе звучи чудно, но во моментов работам на првата сезона, четиринаесетте епизоди, од серијалот „Македонија“, во продукција на Јадран филм, Загреб. Помагам и во уште еден нивни проект, серијата „Гричка вештерка“, по роман на Марија Јуриќ Загорка. Полека влегувам во подготовки за мојот прв долгометражен филм. Ја чекам премиерата на албанскиот краткометражен филм „Правила на уметноста“ што го сработивме со мојот пријател, актерот и продуцент, Сабедин Селмани. Го пишувам сценариото за долгометражниот филм „Балада за вечноста“, по нарачка на мојот пријател, режисерот Игор Алексов. Пишувам куси, поетски парчиња текст за музичкиот концерт на мојот пријател Павле Камиловски под наслов, „Мала Италија во Скопје“. Одвреме навреме одам на пробите во Драмскиот театар, каде што уште еден миј пријател, Синиша Евтимов, ја работи комедијата „Атена со пенис“, инспирирана од истоимениот мој роман. Во подготовки сум за неколку документарни филмови преку продукцијата „Контрабанда“. Работам и на вториот том од мојот роман „Тринаесеттиот месец“. И нормално, секоја недела „Еднооки“ и колумна за „Нова Македонија“. Што би се рекло, воглавном немам работа.

Александар Русјаков

Дали денешната ситуација е продолжение на настаните од 2001 година?

Не, денешната ситуација е продолжение на 1913 година.

Ниту една политичка партија не работеше само и само за Македонците, туку работеа и за да им се допаднат на нивните пријатели од Европа. Дали нè продадоа и предадоа?

Полтронството, слугаторството, свитканиот `рбет, потребата да се клањаш на туѓи директиви наследена од комунизмот… сето ова е одлика на македонската политика од независност наваму. И по Тито, Брисел. Ако земеме предвид дека токму Европската Унија, преку Лисабонската декларација, но и континуираното играње по грчки ноти за непризнавање на нашето име/идентитет, нивните притисоци, уцени и двојни аршини, тогаш македонските политички партии и политичари се директни учесници и виновници во процесот на ЕУтаназаија на Македонија и Македонците.

Што би се случило доколку Македонскиот народ влезе во Собранието?

Историјата нè учи дека кога народ ќе влезе во Собрание, една политичка приказна завршува и сè мора од почеток. Се надевам дека одредени политичари во Македонија ќе имаат доволно разум, а богами и страв, да не си играат со трпението на народот, оти со народ во Собрание многу лесно може да биде од играчка, плачка.

Сведочиме за борби на разузнавачки служби, тајни друштва, ложи и центри на моќ. Како да се заштитиме од сите тие антимакедонски насилни фактори кои ни го реметат мирот и спокојот?

Отрпнавме. По дваесет и петгодишен терор однадвор и одвнатре, отрпнавме. Си мислеа, како малечки и немоќни лесно ќе нè скршат, дека ќе се откажеме од себе, од сопственото име/иденитет, од сопствената татковина, ама се прелажаа. Моќта носи ароганција, а тие заради својата ароганција, забораваат или одбиваат да видат дека овој древен народ во себе носи неверојатна сила, издржливост, трпеливост, ама и инает. И фашистите беа моќни, разурнувачки расположени, а ние мали и прагтично голораки, ама без никаква надворешна помош, потпирајќи се на сопствените сили и упорност, им покажавме каде им е местото. Не за џабе овој народ и пред сто педесет години пеел: „Ништо не те плаши Македонијо на овој бели свет/кој душман ќе влезе, жив нема да излезе Македонијо/ти го ставаш в гроб.“

Дали политичките партии ја поробија Македонија?

Ја поробија со своите теснопартиски интереси. Ја поробија со својата суета која е слепа за големата слика и повеќе се грижи за себе, отколку за Македонија. Но, имаат шанса да ги поправат сите сторени глупости, оти во спротивно, лесно може народот да дојде, не по своето, туку по нивното.

Има ли излез од оваа вештачка криза?

Има. Избори, па попис. А потоа, секој што ќе победи или изгуби на тие избори, има да се саможртвува за Македонија така што ќе почне понизно, со наведната глава, да му служи на македонскиот народ.

не у еу не у нато

Што можеме да очекуваме од Александар Русјаков во блиска иднина?

Па ако се остварат сите зацртани планови во одговорот на прашањето број 2, тогаш сериозен квалитет и врвна уметност. Извинете на скромноста!

Во каква Македонија би сакал да живееме по десет години?

Во Македонија во која заради политичарите не ме боли главата. Во Македонија на која секојдневно и ја гледам славата.

Сполај ти. Да ни е жива и здрава Македонија!

прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2017