Thursday, 17 August 2017

Македонската борба за слобода и човечки правдини

Почитувани читатели, од март 2012та година до денес, на ЛОЗА можевте да прочитате многу информации, извадоци од книги, новинарски статии, истражувања, е-книги, фељтони, да гледате Македонски документарни филмови, да слушате Македонска музика и преку редовите испишани на ЛОЗА барем за миг да ја почувствувате вечната убавина на Македонија. Најредовните читатели сведочат дека во многу од текстовите на нашата страница често повикувавме на различен вид на справување со настанатата ситуација во Република Македонија, од оној кој се практикува од одредени структури и самонаречени „креатори на јавно мнение“. Почитувањето на традицијата од предците, културата на нашиот древен народ и Македонската борба за слобода, можат да ни овозможат увид во она што е вечно наше, наместо минливите и менливите „проекти“, „агенди“, „платформи“, „манифести“, „прогласи“, „изборни програми“ и слични лаги. Сведочиме за недостаток на колективна свест за справување со злото наметнато од старата болна курва политика и нејзините два столба на лагата, но сведочиме и за постојаните обиди за уништување, омаловажување, негирање на Вистината за Македонија, како и за обидите за обесхрабрување на сите оние кои што работат за Македонија на начин различен од политичките партии и самопрогласените „граѓани од прв ред“.

Истовремено, се направи вистински удар врз Македонскиот бит, а „модерните економисти“ упорно нè убедуваат како ова било „ново време“ и сме морале да се адаптираме на светскиот пазар, „за да сме преживееле во иднина“. Па така, поважно им е да сонуваат како вадат нафта од древната Македонска земја, без да се сетат на примерот од минатиот век со НафтаГас во Овче Поле, по кој на одредени места буквално веќе ништо не вирее. Големата економија имала за цел рудници, а не органско земјоделско производство и развиен туризам, на пример. Нè убедуваат за некаков си „слободен пазар“ и „модерно општество“, ни требале карго аеродроми, ама не им текнува дека ако се направи таков на земја која живее од земјоделие, ќе се уништи и тоа малку што остана од земјоделието. Ни ги уништуваат трудот и работата со тоа што си играат со цените на македонските земјоделски продукти, додека прават увоз од странство, а нашето или се продава по премногу ниска цена, или скапува. Го газат духот на младите со негативната селекција која се прави во сите пори на општеството, која оневозможува квалитетот да излезе на површина, затоа што не им требале луѓе кои умеат да мислат со своја глава. И тоа трае…и трае, од 1991 па наваму. Секоја чест на ретките исклучоци!

Ако отидете во некое од помалите градчиња или села каде што има живи Македонци кои биле родени меѓу двете светски војни или порано, и ги прашате „Што е тоа стрес?“, верувајте дека огромен дел од нив нема да знаат да ви одговорат, затоа што и покрај неприликите во кои што растеле и живееле, немале определен израз за најмодерната болест. А нè стресуваат, ни прават стрес сите ешалони на болната стара курва политика и нејзините два столба на лагата. Ни го поматуваат разумот предизвикувајќи гнев, за да ја користат насобраната енергија во нивни цели. Во држава со толку мал број на жители, држава која има непроценливи природни ресурси, која може да се храни најздраво во целиот свет, која има огромни извори на здрава жива вода, во која може да се користат и ветерот и сончевата енергија, народот се занимава со политичките партии, нивните лидери, нивните гласноговорници и разно-разни самонаречени „супер херои“, „војводи и надвојводи“, „борци за човекови права и слободи“ и слични претставници на демонкратијата. Сето тоа е за да немате време да си погледнете во сами себе и да спознаете дека вечноста ни е на дофат – треба само да си дозволиме да се обидеме да ја разбереме! Ништо не е невозможно за оној кој ќе се обиде…

Годината е 2017та, а лажната еволуција си го направи своето, па втората половина од оваа година може да биде и најтешка од лажното осамостојување во 1991 до сега. Лажно, затоа што ако бевме навистина суверени и независни, немаше да дојде до ова, туку наместо со лагите на политиката, народот ќе се занимаваше со Вистината за Македонија. А таа е вечна и непроменлива, без разлика дали сегашните Македонци ќе го препознаат тоа. Сите заедно можеме да и помогнеме на нашата држава, ама прво треба да си помогнеме на самите себе. Да се ослободиме од ропството на болната стара блудница и да ја зачуваме Македонија за идните генерации. За здрав род, пород и Македонски народ, за жива и здрава Македонија.

Дамјан Овчеполски

Овче Поле

30 април 2017

Ѕвездата од Кутлеш