Sunday, 25 June 2017

Проект – Овче Поле 2033 (од Имагинариумот на Доктор СонЅе)

Проект – Овче Поле 2033

(една мала репортажа од иднината) 

Едно утро се разбудил Змејот и рекол – Па кај тоа живеам!

 Година – 2033.

Локација – Овчеполска котлина, планета Земја, Сончев систем.

По многуте децении борба со наталитетот, необработената земја, лошите услови за земјоделие и сточарство, отсуство на разумна употреба на природните ресурси, иселувањето на народот и променливите временски услови, по една третина од дваесет и првиот век, конечно големото и плодородно Овче Поле почнува да го враќа својот сјај. Матниот крај на претходниот век и милениум и немилите настани во светот во првите две и пол децении на овој век, направија ситуацијата на планетата Земја да се промени, па останаа малку обработливи површини коишто би можеле да му овозможат природна исхрана на населението. Применувањето на методите од памтивек, комбинирани со моќта на технологијата на новото доба и нивното заедничко применување во реалната ситуација, покажа и докажа дека човечката раса ги има сите потребни ресурси не само за преживување, туку и развој во вистински правец преку правилна и здрава исхрана.

Иако големата војна допре до овој дел на Македонскиот полуостров, само преку лукавите хибридни начини, својствени на новиот век, тектонските поместувања и временските (не)прилики си го сторија своето. Така, за разлика од пред само петнаесетина години, сега краците на Халкидики не се три, Солун не е таму каде што беше, водата се врати на површината на древна Македонија, па така Вардар си стана пловен по природен пат. Сега луѓето слободно се движат по вода од Водно до Солун, а новите превозни чунови се достапни и на Пчиња и Брегалница. Луѓето од Пелагонија, Струмичко, Кочанско, Тиквешко и Овче Поле имаат можност да си ја наводнуваат земјата преку многуте канали кои се изградија во сите котлини. Живата вода и термалните извори допринесоа не само за поголем принос во количество, туку и во квалитет. Плодовите од овие краишта се неспоредливи со било кои исти сорти во другите делови на светот, што е и нормално. Употребата на ветерот и сонцето направија да дојде до државен поредок кој се заснова на економска самоиздржливост. Навидум случајно отворените прастари ризници по големите временски промени допринесоа за комплетна економска независност на новиот македонски поредок. Па така, сега народот може слободно да ужива во живеењето преку употреба на својата работна сила и со доволно труд овозможува веќе создадениот систем да се стабилизира за од него да имаат благодет многу следни генерации. Враќањето на локалните семиња и сорти веќе е затворен процес, па во големите резерви на планетата сè повеќе се бараат овчеполските семиња. Голем број од потомците на иселените Македонци се враќаат во родните краишта и почнуваат да работат во новата Македонија. Нова држава, со различен систем на управување од претходниот, каде самоиздржливоста и меритократијата се Боаз и Јахин на големото дело.

Овче Поле ги потврди старите сомнежи и исфрли на површина чуда створени од луѓе уште од дамнешни времиња. Сегашната генерација којашто живее тука брои скоро двојно повеќе жители од пред само петнаесетина години, болестите се сè поретки, а централната населба – градот на Свети Никола наликува на населено место од време кое за нас е веќе архајско доба. Само овде можат да се сретнат згради и куќи со изглед како тие пред век и пол, само овде можете да влезете во тунел на едниот крај од градот, а за многу побрзо време отколку по надземен пат да стигнете до древната престолнина Бела Зора, само овде Сонцето свети толку долго во текот на годината и пушта толку малку штетно зрачење за нашите организми. Редот и поредокот коишто беше воспоставен во оваа котлина, сега се урнек и успешен шаблон за развој на повеќе преживеани плодни земји ширум планетата. Начинот на управувањето со трудот на населението си го стори своето, па заедно со разумната употреба на технологијата, веќе оние коишто работат тоа го прават по триесет и три часа седмично, а останатите ги вршат сите придружни дејности и задачи. Со ова менаџирање на работната сила, веќе има доволно простор за ширење на засадените култури по рамниците, но и по ридовите – кои веќе се преполни со разно разни билки кои се употребуваат за сè и сешто. Во градот на Свети Никола не се возат автомобили, а целодневно се достапни трите градски автобуски линии и седумте Овчеполски автобуски линии, со автобуси кои целосно се напојуваат на сончева енергија и се бесплатно достапни за сите во текот на целото деноноќие…

Никола Ристевски

од книгата Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе

имагинариумот на доктор сонѕе имагинариум imaginarium