Sunday, 22 October 2017

Како политиката се храни од човечката енергија (од Имагинариумот на Доктор СонЅе)

Како политиката се храни од човечката енергија

Политиката троши време, енергија и ресурси коишто можат да се употребат на друг начин, за општокорисни цели. Креира разделување на популацијата преку понуда на мал избор, за потоа да ги позиционира опциите за избор како заеднички непријател. Политиката ја нулира вредноста на потенцијалните најефективни членови на општеството, така што форсира страстни конформистичко настроени индивидуалци. Им дава лажна надеж на оние кои ретко мислат со сопствена глава, и ги втурнува во борба каде што веруваат дека позитивно влијаат на светот преку кликање на копче, нормално откако ќе им се каже да го направат истото.

Политиката го уништува човечкиот природен идеализам преку фрагментација на нашите најголеми идеи во мали делови, коишто тешко имаат смисол кога се извадени од контекст. Ни дава лажна импресија за она што навистина значи човечка цивилизација. Забранува на луѓето да го достигнат својот највисок општествен потенцијал. Политиката ги штити најголемите криминалци во општеството, така што им обезбедува простор за маневар, додека обичните смртници се борат за гол живот. Политиката консумира апсурдни количини на финансиски и материјални ресурси.

Го оддалечува човекот од мирниот свет во којшто му е дадено да живее и најголемиот подарок наречен живот, сè додека повеќето не почнат да веруваат дека вистинскиот начин за постоење е корупција, манипулација и газење преку живи луѓе. Ја навредува нашата интелигенција со нисковибрантната пропаганда. Политиката ја изнемоштува нашата спиритуална енергија, така што се поставува како авторитет во секојдневието и го намалува човечкиот интуитивен капацитет и волја да трага по спиритуалната вистина.

Никола Ристевски

од книгата Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе

имагинариумот на доктор сонѕе имагинариум imaginarium