Wednesday, 19 October 3385

Интервју со Мартина Димоска

Здраво живо Мартина. Благодарам за третото интервју за ЛОЗА. Задоволство ни е да ти поставуваме прашања и сметаме дека твојата досегашна академска кариера е мотивација за многу млади луѓе, но и надеж за повозрасните. Се радуваме што Македонија има умни и успешни млади луѓе кои цврсто држат до ставот дека знаењето е најголемата сила за иднината. Се надевам дека третиот официјален разговор ќе ја прошири нашата презентација на твојот труд, а можеби и ќе инспирира некој млад човек да почне да се занимава со наука. Било каква, само нека учат и бидат посветени и упорни!

marta

Помина одредено време откако се врати од САД, па веројатно импресиите сега можеш да ги споделиш од една друга, домашна гледна точка. Што научи таму и дали брзо си се приспособи на Македонија?

Јас немам проблем со приспособувањето. Камелеон сум и со изглед и со локации на живеење. Покрај епитетите како „Кралица на Трансформацијата“ добиени од јавноста, може да замислите колку може да ја притиснам комфорт зоната и да бидам храбар ентузијаст кон промена. Понудив доста квалитети како Македонка таму, но со надградбата на себе си, доста промени и проекти ќе се случуваат и на Македонско тло.

Каде е насочена твојата енергија во овој период?

Привршување на своите студии, проекти и соработки склучени пред да завршам таму, зошто не можам да оставам нешто некомплетно и недозавршено. Перфекционист сум и навистина ќе се потрудам да го давам максимумот и да настапам во многу подобро и поодговорно светло од претходно.

Martina Dimoska

Многу интервјуа, јавни настапи, информации за твојата работа и презентации на успехот можеа да бидат видени, слушнати и прочитани. Постои ли некое прашање кое никогаш не ти било поставено на интервју, а си сакала да ти биде поставено?

Сум имала соработки со новинари од сите сфери и покриени биле сите области во кои што сум активна. Моментално во подем се и нови случувања на поле на косплеј, гејминг, соработки со брендови, мотивациски Говори и проекти за кои што допрва јавноста ќе дознава, а за кои подготовките се веќе започнати. Сите оние што ме следат ќе имаат можност да гледаат по нешто ново секој ден.

Како се справуваш со медиумскиот интерес?

Доста брзо и ефикасно одговарам на интервјуата и гледам да изменаџирам по неколку емисии во ист ден за да мојот фокус остане на моите обврски и приоритети. Навистина ми е мило што се промовира наука, се бодрат млади личности и се добива поддршка од таков облик, а тоа е од клучен аспект за мотивација на младите во нашата земја.

Какви се реакциите од јавноста, а какви од твојата секојдневна околина?

Навистина позитивни реакции од луѓе наоколу мене, зошто се повеќе се запознаваат со моите успеси и колкав бил влогот за да стигнам до таму. Секојдневната околина и моите најблиски знаат дека сум приземна личност и дека тоа никогаш нема да се промени. Не сум човек што славата некогаш би го удрила во глава, навистина се трудам да бидам што подостапна за да помогнам на многу амбициозни млади луѓе и да дадам совет. Често обврските и мојот личен развој доминираат но сметам дека треба да се има човечност место да се глуми недостижност.

DSC_6759

Што вели твојата секојдневна околина за она што го работиш академски, а што за твојата активност како алтернативен модел?

Опкружена сум со слободоумни, иновативни интелектуалци и истомисленици кои што се успешно реализирани, поседувајќи добар морал и свест. Кога си во таков круг на луѓе што несебично ти пружаат љубов и ти делат срдечни совети нема простор за грешка. И мојата професија но и моето хоби се навистина добро прифатени а чест комплимент е дека сум невиден спој на комплетност и интелигенција.

Имаш ли повеќе пријател(к)и и додворувач(к)и откако јавноста се информираше за твојот успех?

Ова не е прв пат медиумите да се интересираат за мене. Кругот на пријатели ми се знае. Нови познаници за соработки се секогаш добредојдени а кога се работи за додворувачи имам специфичен тип што ме привлекува и со кој најдобро функционирам. Морам да кажам со пребукираност и напорни работни денови ретко кога се има време за љубов но сепак не е недостижна. Имам долги и посветени врски на љубовен план, база на семејство и пријатели. Навистина сум среќен и исполнет човек кој е опкружен со позитива и разбирање.

На какво мнение си за квалитетот на информирање на македонските медиуми?

Зависи. Има различен тип на медиуми и не сите изобилуваат со квалитет или длабочина. Се правеле често грешки, се спинувале информации, биле објавувани изменети текстови со наводна корекција од редакција…Тоа навистина знаело да ме изнервира, но најголема иритација ми биле склопените текстови и наслови за кликање и фотографии што се неповрзани со сторијата. Како научник и инженер сум алудирала на коректност и точност но не сите медиуми работат така.

Сметаш ли дека јавноста треба повеќе да биде запознаена со научните успеси од нашата земја?

Сметам дека тоа треба да е во предните планови заедно со едукацијата и другите важни сектори во нашата земја. Да не верував дека можам да мотивирам млади луѓе да веруваат во своите соништа и покрај гнилоста на одредени кругови во нашето општество и да се изборат за она што го заслужуваат немаше ни да имам толкаво медиумско експонирање. Нештата што ги правам секогаш се со цел за поголемо добро од личниот бенефит и така треба секој да функционира.

DSC_8669

Што им недостига на младите научници?

Недостасува поттик и волја. Разбирање од конкретни професори со застарени принципи и начела. Недостасува верба во младите генерации, а навистина се компетентни, а малкуте години не се никаков репер за неспремност. Вчудоневидена сум од случки и настани каде што возрасни и искусни лица ти го загорчуваат патот до успехот доколку си подобар од нив место да те афирмираат. Кај нас се слави медиокритетот и се наградува наведната глава, полна незнаење во многу полиња.

Недостасува општествена свест, зошто има луѓе заслепени од моќ да не го отстапуваат местото на функција на оние кои што го заслужуваат, а така само општеството губи. Недостасуваат инвестиции, фабрики, соработки со други установи и факултети, вмрежувања. Доста недостасува и можам до утре да навлагам во тематиката. Но, надежни и инспиративни умови  секогаш оптимистички ќе гледаат на светот и ќе се трудат да го подобрат можеби дури и за сметка на нивна мака и загуба. И тие се правилните притаени херои на ова општество со одличен морал само ретко кој ги слави.

Ќе стане ли е-гејмингот официјален спорт во РМ?

Се вложуваат напори и се чекори кон тоа, стигнавме и до собраниски седници. На нас е да работиме и да се трудиме да се случуваат такви иновации во земјава а резултатите кога тогаш ќе се афирмираат.

Како ја гледаш современата македонска девојка и жена?

Една вистинска, силна современа македонска девојка за мене претставува начитана жена која се прифатила себе си со сите доблести и пороци и константно се усовршува. Која е емотивно стабилна и интелектуално поткована а има и добар морал. Комплетна, која што има внатрешен порив да твори и да дејствува. Општествено одговорна личност, хумана и со правилни човечки вредности. Која се издигнува над падовите и продолжува понатаму со нови сили кон подобар плод. Доколку сите ние си го најдеме херојот во себе, засекогаш ќе сме спасени.

martah

На какво мнение си за колективната свест на македонската младина?

Не оспорувам дека има интелигентни и начитани млади лица кои што секој ден вложуваат во себе и во нивното опкружување. Но морам да кажам дека се малубројни. Немаме навика да се натпреваруваме со себе си и да си ги признаеме каприците. Место тоа имаме еден одбранбен егоистичен механизам и често погледнуваме во животите на другите со потсмев и осудување, место да помогнеме и на нив а и себе си. Сеирџиски народ кај што хејтот е кул и посакуван а неутралноста е широко прифатена. Се нема доволно смелост или доволно посветеност за работа, со чест на исклучоци.

Во твоите интервјуа можевме да слушнеме дека споменуваш многу препреки и борби по патот до овде. Задоволна ли си од постоењето човечката раса и нашиот однос кон планетата Земја?

Не сум. Јас и во себе редовно наоѓам критики на истава тема иако се обидувам да бидам посовесна. Да бевме сите помалку посветени на конзумирање а повеќе еколошки свесни немаше да биде ни пола од ова што е денес. Самоуништливи сме и се додека не дојде крајот, на многу нема да им текне да дејствуваат. Но тогаш ќе е касно. Зошто сме егоцентрични и со прстот покажуваме кон другите место кон себе си, воопшто и не мислиме за идните поколенија и за добтодетелот.

Што прави Марта во слободно време, ако воопшто го има?

Чита мноооогу книги. Гејма. Готви. Волонтира. Изработува и креира DIY работи. Слуша цели дискографии. Бодибилдинг во теретана. Креативна е. Се смее и шегува. Љуби…

DSC_8655

Како се живее во Кичево, дали луѓето се среќни?

Ете ова е прашање што никој до сега ми го нема поставено. Целта е постигната 🙂

Во Македонија доста имам набљудувано еден интересен феномен: Сите градови во нашава земја се различни и по говор и по однесување а сепак толку се слични едни со други. Тоа секогаш ми било интересно. Кичевчани се доста интересен и засебен народ што навистина знае да понуди квалитет. Во секое општество има добро и лошо но ентузијастот во мене се фокусира на убавите работи. Можам да кажам дека можеби е град во кој што нема многу случувања и заинтересираност, но онаа група на умни луѓе кои што константно дејствуваат и вложуваат во промени од толку рана возраст се за почит и никако за потценување. Зошто еден таков вреди за илјада други.

Ќе се иселиш ли од Македонија и дали би растела деца овде или во странство?

Без разлика кај ќе ги растам децата, ќе ги поседуваат истите вредности кои што ќе им ги „вродам“ и ќе бидат неизбришлив дел од нивниот карактер. Секогаш ќе знаат кои им се нивните корени и доблести и зошто е потребна скромност и понизност. Имам доста размислувано за ова зошто отсекогаш сум сакала да бидам млада мајка. Можеби зошто животот пребрзо ме има пораснато. Нејсе. Кога сме кај живеење, би сакала некој период да вложувам во Македонија и да видам како тоа ќе се одрази на општеството. Се надевам позитивно, и со многу убави промени!

Што би и порачала на македонската јавност?

Ох, верувам во основни работи што ме дефинираат, но доколку порачам упорност, решителност и издржливост ќе звучи клише. Затоа ќе им порачам на младите да не си создаваат ментални ограничувања, а на постарите да имаат многу повеќе верба во подмладокот и да вложуваат повеќе поддршка во новитетите и поинаквиот начин на живот.

Martina Dimoska 33

прашања – Дамјан, ЛОЗА 2017

претходно

Интервју со Мартина Димоска – еден од најмладите амбасадори на Република Македонија

 

Последниот од квалитетните нека изгаси ламба на излегување (Интервју со Мартина Димоска)