Sunday, 22 October 2017

Кога Марко Цепенков го скорнал грчкиот владика

Од црковнио вопрос, од збирањето народни умотворенија, ватив дуќано да го поарнисуам и на калфи да го остаам. Гледајќи ме татко ми таков, почна да ми забележуа и да ме моли да се арнисам од тие работи оти ќе се расипам, арно ама јас ич можи да се откажам од таа светена работа, да не даи Госпо, ако е речено – да се одречи.

Гледајќи татко оти јас и намразив гркоманите поеќе од Турците, а пак имаше и некој негои пријатели што и мразев, а па тие ме наклеветија на татка, та една вечер се скаравме толку многу што дури ќе и делевме крушите; еле пак останавме. Утрото имав една бочва голема од вино, ја продаде, имав еден крвнак голем што го раневме за Божик да го колиме и да го топиме, викна касапите во еден саботен ден и му го продаде на живо. Само и само за инато мој, да ме истаи од та севда, арно туку ич можеше да ме поврати од таа севда, никогаш!

Докрај достојав и видов со очи да се сврши црковната работа, да се истера грчќио владика, во место него да си имаме општина и јас да бидам баеѓи годиње општинар, црковен, училиштен, настојател, комисија. Ех, слава тебе Господи, си велев, оти правината вистина се танчела и не се ќинела. Правината – планина кутиња, си велев.

– Е бре татко, му велев на татка, виде оти го истеравме владиката грчќи со едно кашлање во црквата?

– Арно, арно твојо ум на твоја глава, како сакаш  прај си, ама гледам оти работата со дуќано кај ти куца чунќи не си ја гледаш како што треба. Кај си? – На општина. Кај си? – Пишуаш приказна, песна.  Ејди, синко, Марко, приказни светот неќет, а пари сакат, пари!  Разбра, али не разбра?

Таквие и друзи зборои татко ми ми зборуаше за да ме истаи од таа севда, арно туку ич можеше да ме истаи: јас бев се опојал од таа мисла (идеа) што умирачката таа мисла не ќе можи  да ми је гробо, ами ќе ја носи душата во себеси, во небото или на другото место, кај што ќе ми биди каена од Бога создатело што ми ја создал.

Откоа го истеравме владиката и си наредивме црковните работи и училишните под нашата повела многу се радуав оти видоа очите мој спасението црковно, да се отќиниме од еден пастир наемник што се трудеше да ни сотри јазико ни, да не погрчи. Освем тоа, грчќите владици безбожно ни ограбуваа народот и го слечуваа, во името рисјанцко. За пари праеја попои бескнижни и многу прости, како нашио попо Т. Рабуша, поп Гаџа и друзи; за пари жена од маж, оставаа, за пари допуштаат род да се земат, за пари афоресуаа луѓе и од тој себап куќи се запустуаа. Со една реч, за пари сите лоши работи и праеа, недопростени од правилата на Христовиот закон. Знаејќи јас тоа нешто и желаеќи за правината, голема завис беше ми се вродила во срцето против грчќите владици и неговите едномисленици.

При друзите лошотии, од Венедикта, грчќио владика и ова му беше.

За Велигден али за Божик, ќе удреше клепалото многу рано и ќе појдевме в црква. Арно ќе појдевме, туку требаше да чекаме два-три саата дури да дојде владиката в црква. Ќе преспиеа сиромаси прилепчање в црква дури да дојди св. стар и да испеи литургија.

Еден Божик беше многу студено што камено пукаше од студ. Чекајќи го владиката да дојди неколку саати, ни оѕемнеа нозете, едно од студо и друго од плочите што је послана црквата.

– Да е видел Госпо – си велев со умо и на друзи пријатели што беа околу мене – што е оваа мака од овој проклет грчќи владика што не свикал в црква со клепалото да стоиме токмо два саата овде на овој силен студ, да не вати некое срце или некој вртеж по косќи (ревмата). Наместо тој да биди в црква да не чека нас, тој си спие и ние стој си на силнио студ. Ја чекај да види тој фанарјотин јас како ќе го скорнам да дојди в црква и да отслужи литурѓија.

Така му реков на пријателите и излегов од црква надвор низ левата врата, та најдов еден камен под тремот од црква и кога исповртов, та го врлив прао на пенџерето од одајата кај што лежеше владиката; ама џамот ќе го скршам – што сака нека биди, си реков со умот, и коа тресна на џамот од камено, траас, ѕ’нг’р, ѕ’нг’р, ѕ’нг’р, сторија парчињата од џамот наудолу и туку смрдаа попоите што беа да го чекаат свети стар. Се загнаа надвор да видат кој врли и не би час, стана вапиро и ете ти го в црква.

Едно влезе во вратата и почна да пеи псалто Илија Боза, Бог да го прости со висоќио си глас: „Исполајти деспоте“. При се што не мачи Венедикт на студот неколку саати, набожноста наша кога чуја оти влезе владиката, сите се острелушија и сготвиме да чуеме литурѓијата и „Днес Христос раждаетсја“.

Неисе како било било, тоа поминало, јас тоа што желаев, го сполучив, а пак другото што желеаев и досега уште не сум го сполучил како што треба; санќим чоек до смртнио час се ќе се учи како што треба и недоучен ќе умри, да и јас така ќе си умрам надоучен.

Првото желание го добив со истеруањето грчќио владика и видов наш владика, ако не пелагонискио, видов велешкио и орицќио. Видов наша опш. црковни и училишни настојатели. И видов првио работник по црковнио вопрос Тоде Кусев, сега именуеми Методија архипастир старозагорсќи.

Толку што видов доста ми е, чунќи душата ми е радосна и спокојна, за трудот што се трудев не ми би напразно. Со радос ќе умрам вистина за од таа страна и се надевам Госпо да ми прости многу греои, зашто работев бесплатно и си опустив работата само и само да помагам според силата со сите сотрудници за црковнио вопрос.

Ами втората радос што ја имам во мојата душа, кој можи да ми биди другар? Никој не ќе можи друг да ми биди другар, отколку тој што е завземен по збирањето на народните  ни работи (народни умотворенија) и ’и печатил, за да видат бел свет. Тој можи само да познаи слачта на тие работи, а не секој, и тој другар ќе ми бидит.

– од Автобиографијата на Марко Цепенков