Tuesday, 21 November 2017

За името и територијата на Величката епископија

Благодарниот спомен за св. Климент во многу поколенија е нараздвоен од местото на неговата просветителска дејност, Охрид. Свети Климент е најпознат како Охридски Чудотворец, заради седумгодишното учителствување и пастирствување како презвитер во охридскиот крај. Именувањето „Охридски“ се појавило после наоѓањето на неговите свети мошти и положувањето во реконструираната црква на охридскиот манастир Св. Пантелејмон, а тоа не е порано од XIII век. Во XI-XII век охридските архиепископи – грци во борбата со Константинопол за своите автокефални права го активираат и сенародниот спомен на Климент така што го вбројуваат во редот на охридските ерарси. Во претходните столетија со неговото име се поврзувала титулата Велички или Словенски.

Св. Климент е хиротонисан за епископ во 893 г. и интронизиран со титула  Велички (или Дремвицки) Δρεμβίτζα ἤτοι Βελίτζα. Точната местополжба, па и самото име на епископијата на св. Климент биле предмет на многу спорови. Научниците дефинирале три главни опции за територијата на епископијата:

  • Централна Македонија (долината на Вардар)
  • Јужна Македонија (северно од линијата Солун – Бер)
  • Западните падини на Родопите

Овде ќе ја разгледаме првата опција. Она што може да се заклучи од житијата е тоа дека, епископијата на св. Климент била на извесно растојание од Охрид, во поодалечена и примитивна област. Наспроти тоа, Климент продолжува да одржува врска со својот манастир во Охрид и редовно патува во омилениот Охрид.*

Каква е состојбата со епископиите во Бугарија во времето на св. Климент? Епископски катедри во царството на кнез Борис биле формирани откако тој го свртел својот интерес од римскиот папа во 870-71 г. и се насочил кон Византија, од каде што добил и архиепископ за Црквата во Бугарија. Според зборовите на Константин Порфирогенит, (кој вели дека Борис не одбил, освен архипископ, од императорот да прими и многу епископи, и според бројот на епархиите што се сретнуваат во историските извори од време што не е многу подоцна) станува збор за десетина епископски катедри. Во времето на кнез Борис сигурно постоеле следните пет: 1) проватска, 2) дебелтска, 3) брегалничка, 4) ахридска 5) белградска.

Исто така во тоа време и Главиница била центар на голема епархија, со резидентен епископ, со соборен храм во кој се служело на грчки. Сите овие епископии се во скоро освоена територија од Византија. Според забелешката на Ангелика Деликари; како за потенцијално византиски територии, Константинополската Патријаршија никогаш не би отстапила епархија на словенски епископ, туку попрво би формирала нова, во случајов, Величка епископија. За создавање на посебна словенска епархија во околината на Главиница имало помалку услови, бидејќи таму живееле и албанци и словени и грци, тоа не била етнички и лингвистички хомогена територија. Впрочем, каде и да била установена Величката епископија, според сѐ изгледа дека грчките епископи во прво време не биле отстранувани од своите епископии, туку на оние што ја прифаќале реформата од соборот во 894 г. за официјално воведување на словенскиот јазик и богослужба во бугарското царство, им било дозволено да го задржат управувањето на своите епископии и дури откако ќе останела упразнета некоја епископска катедра, новиот епископ се бирал од словенскиот клир.

Така, со назначувањето на св. Климент за прв (не по редослед, туку во смисла: главен) епископ на словенскиот народ започнала словенизацијата на Црквата во бугарското царство. Обучување и формирање на словенски клир, воведување словенска богослужба биле една од главните задачи кои пред себе ги имал св. Климент уште од времето на неговата учителска дејност.

Како што пред тоа биле координарани преславската и охридската книжевна школа, така и епископската дејност на св. Климент  била поврзана со дејноста на другите Кирило-методиеви ученици и нивните следбеници во источниот дел од бугарската држава. Родоначалници на овие школи се: Св. Наум во Преслав и Св. Климент во Охрид, со тоа што по хиротонијата на св. Климент, на неговото учителско место во Охрид доаѓа св. Наум. Останува прашањето: дали св. Климент е востоличен на епископска катедра во крајниот југоисток на царството (Берат) или пак, нешто поблиску до престолнината Преслав, а помеѓу Охрид и Преслав (во Брегалничкиот регион)? Британскиот научник Алексис П. Власто „Тhe Entry of the Slavs into Christendom“ (1968) епископското седиште на св. Климент го лоцира вака:

Името на седиштето се појавува само во двосмислена придавска//описна форма во Словенските текстови, кои го спомнуваат името Велика, што е во согласност со некои Грчки транскрипции, но не со сите. Велика во денешно време неколкупати се појавува во топонимијата на горната долина на Вардар, а изгледа дека локалните Словени така ја нарекуваат самата река (Велика Река). Седиштето сигурно треба да се бара на една од главните линии на комуникација на Макеоднија, веројатно на реката Вардар. Како што посочува Туницки, во Житието од Теофилакт се подразбира дека новото седиште не било предалеку од Охрид, којшто Климент продолжувал често да го посетува, но кој не спаѓал во епископијата, или пак, во крајна линија, не бил идентичен со регионот на неговата учителска дејност. Затоа, можна идентификација е современ Велес. Тоа би бил стратешки центар за климентовите способности за организирање на Словенската Црква против посегањата од Солун. Борис го ценел овој факт на создавање седиште на Брегалница, недалку источно од Велес.

На 30-ина километри североисточно од Велес пред неколку години е откриен градот Вилазора (или Билазора). Како најголем и најзначаен град во Пајонија е спомнат во сведоштвата од Полибиј и Тит Ливиј. В. Томашек го поврзува името Велика, со име на словенска населба што останала во близина на тој град кој бил разурнат уште во II в. пред Христа. “Die alten Thraker”, Bd. II/2, Wien 1894, p. 61,:

„Βυλ-άζωρ, – άζωρα, grosse Stadt der Paionen am Axios, slav. Welica, alb. Welézę”.

Познатиот словачки филолог Павел Ј. Шафарик во своето дело:  Über die Abkunft der Slawen, како словенска варијанта на името Вилазора го наведува името Бела.

uber-die-abkunft-der-slawen

Тоа име „ Bela (Velitza)“ како титуларно епископско седиште се спомнува во папскиот годишник Annuario pontificio. Citta del Vaticano per l’anno 1972, p. 608:

„Arcivescovati e vescovati titolari – Bela (Velitza), Bela, Belen(sis), provincia Bulgaria Occidentale, m. Acrida.“

Од историски извори е познато дека кралевите на Пајонија биле ритуално крунисувани во водите на река Брегалница. Постои апокрифен запис од XI в. во кој се вели дека цар Борис бил зацарен: „на реце Брегалници, и ту прием царство, на Овчи поли созда бели церкви.“ Можеби не е историски верифицирано тоа зацарување од 852 г., но за спомнатите цркви постои запис, Летопис од јеромонах Јеротеј Рачанин, 1704 г. за Овче поле: “И ту на ужини с едного места ща се види, наброисмо цркви 14 великiй, бели се камикъ, срби (т.е. Словени – м.забел.) правили, а садъ све пусто.” [Новаковић Ст., 1871, с. 207; Дринов М., 1971, 2, с. 430].

Освен интензивираната изградба на цркви во Брегалничката област, цар Борис иницира уште еден чин на фаворизирање на Брегалничката епископија: пренесување на светите мошти на 15 тивериополски маченици во Брегалничка епископија. Со цел да се создаде силен епископски центар на Брегалница, според житиеписецот на св. Климент; Теофилакт Охридски, подигнат е храм на Тивериополските маченици, што го извел комесот Таридин по наредба на кнез Борис-Михаил. Тогаш се пренесени моштите на светите маченици Тимотеј, Комасиј и Евсевиј од Тивериополис во Епископијата на Брегалница „ἐν τῇ τῆς βραγαλμνὶτζμς ἐπισκοπῇ”. Подоцна комесот Дистр, по наредба на синот на Борис; цар Симеон, ги пренесува моштите на Сократ и Теодор. Според Теофилакт, во овој храм бил назначен клир што требало да изведува богослужение на словенски јазик.

Реномираниот археолог Блага Алексова во својата книга:Епископијата на Брегалница: прв словенски црковен и културно-просветен центар во Македонија, претпоставува дека тој град во Брегалничката епископија се наоѓал на местото кај денешно Крупиште:

Многубројните архитектонски објекти од сакрален и профан карактер му припаѓаат на големиот град расположен покрај Брегалница, на кој Теофилакт не му го одбележува името, a го споменува како град. Мислам дека тоа е избегнато намерно, бидејќи градот претставувал голем словенски центар во која се ставени темелите на покрстувањето.

Градот бил опкружен со високи ѕидови и кули, расположен крај Брегалница на рамното Овче Поле, кое било пошумено и испресечено со притоките на Брегалница, со многу извори со здрава студена вода и на места со термални води кои и до денес не пресушиле.

Збогатена со моштите на Струмичките маченици, Брегалничката епископија станува прва организирана епископска црковна организација на Словените во Македонија, опслужувана од клир создаден од Климент.

Новите археолошки откритија, историските и литературните податоци ни даваат можност епископската епархија Велика да ја лоцираме на Брегалница во подножјето на старата ранохристијанска епископија на Баргала, недалеку од Крупиште…

Територијата што ја зафаќала првата словенска епископија на Брегалница не е ограничена на мало пространство. Големите и темелни подготовки за нејзиното организирање и основање и поставување на Климент за нејзин прв словенски епископ во 893 година, не се замислени за мала и изолирана територија, како што мислат некои учени, туку за пространи области северно од Солун населени co Словени. На ова укажуваат и изворните податоци што го споменуваат Климент како епископ на цел Илирик. Тоа го потврдуваат и новите археолошки откритија.

Треба да се спомене дека овие територии биле најмногу изложени на византиското влијание бидејќи се наоѓале крај границите на Византиската империја, па поради тоа и ваква осмислена и содржајно исполнета црковна организација веќе од средината на IX век и почетокот на X век.

На некогашната територија на архиепископијата Prima Iustiniana, северно од Солун е формирана првата словенска црковна организација на територијата на Македонија и на Балканот. Таа подоцна за време на Самоил израснува во самостојна црковна организација во ранг на патријаршија и подоцна, по пропаѓањето на Самоиловата држава, останува со статус на автокефална архиепископија.

Белешка:
* Колку за илустрација, од Главиница (денешен Ballsh, Албанија) до Охрид, и од Брегалничкиот регион, од Богословец до Охрид, google мапата покажува пат со исто растојание.

извор – СВИТОК

ЗМЕЈ - од демон кон божество и обратно
Виртуозност и шарлатанство
Осаменикот од Богословец - меѓу сонот и јавето
Конференција на словенските социјалдемократи
Авантурите на Сарафов - "Гарибалди на Македонија"
Римски монети во македонските мериди
Што сме посеале, тоа ќе си жнееме (интервју со Гуру Харе)
Еден куп мотори и многу народ во Овче Поле (видео од дрон)
Македонскиот коноп (од Имагинариумот на Доктор Сонѕе)
Крсте Петков Мисирков - ЛОЗА www.loza.mk