Масонска ложа, еврејска синагога, дервишко теќе и револуционерен штаб

За Macedonia Risorta се вели дека едновремено била и масонска ложа, и еврејска синагога, и дервишко теќе, и револуционерен штаб!

Главно врталиште на Македонските револуционери во тоа време бил Солун. Нивните идеали за слобода, братство и еднаквост, до милиметар се поклопуваат со познатите масонски пароли. Солун е местото во кое заради оддалеченоста од Цариград, можеле послободно да ја развиваат конспиративната дејност, често под заштита на европската дипломатија. Солун е местото каде што македонските револуционери се состануваат, го основаат ТМОРО, каде што Гемиџиите вршат атентати, град во чии зандани гнијат македонските патриоти.

Претставниците на Македонскиот научен институт, на Илинденската организација и на Националниот комитет на македонските братства (меѓу кои има многу масони), сите од Софија, успеваат да се наметнат кај бугарскиот суверен, царот Борис 3ти. Бугарскиот цар во една ситуација го помилува гемиџијата Павел Шатев, а по интервенција на масонот Симеон Радев.

Македонската емиграција во соседните држави и во земјите на Западна Европа, издава бројни весници што се занимаваат со македонското прашање. Меѓу издавачите е и ресенчанецот Симеон Радев, кој, заедно со група македонски студенти, во 1900та го издаваат весникот L’effort (Напори). Откако Радев се преселува во Париз, во 1902ра започнува со издавање на весникот Le Mouvement Macedonien (Македонско движење). Како главен уредник на весникот, Радев – роден  во Ресен во 1878та, со диплома на Францускиот лицеј во Цариград, како деец на македонското револуционерно движење, многупати за Гоце Делчев, Борис Сарафов и другите ќе каже дека се големи борци за слободата на Македонија. Тоа е само мала илустрација за нивните контакти и блискост.

Парите за парискиот весник на Радев ги обезбедил Борис Сарафов и тоа преку некој “непознат англиски пријател”.

“Борис Сарафов, кој како што е познато бил висок функционер на ВМРО и учесник во Илинденското востание, а веројатно и масон – иако нема конкретни докази за тоа, бил задолжен за одржување политички и дипломатски контакти, како и за обезбедување финансиски средства за македонското ослободително дело. Македонскиот весник L’Effort престанува со излегување, па Сарафов отишол во Париз, каде што со посредство на Симеон Радев се запознал со француските интелектуалци Пресансе, Клеменсо, Берар и др. Кои ја поддржувале македонската ослободителна организација…Во средината на март 1902 дошол во Женева, за да го сретне својот ‘англиски пријател’. Тој пријател всушност бил член на едно лондонска масонска ложа…”

Блаже Миневски – Прличев и Протогеров, најпознати масони во ВМРО, в. Фокус

Сето тоа влијае Македонија да се подготвува за востание. Врие во Солун, во Битола.

Симпатиите на италијанските масони кон Илинденското востание ни се потврдуваат преку реакциите на “старите гарибалдинци во Венеција” кои, како што извести весникот Реформи од 16 август 1903тата, имале собрание во врска со настаните во Македонија на кое ја прифатиле следната резолуција:

Восхитени од јунаштвото на македонските браќа кои силно се борат против тиранијата на една влада која е негација на справедливоста и цивилизацијата, ние старите венецијански гарибалдници, од името на сите италијански гарибалдници, им го праќаат својот братски поздрав на македонските борци, изразувајќи желба цивилизираната Европа да го отфрли егоизмот што ја срамоти и да се замеша во нерамната јуначка борба и во Македонија да воспостави влада што ќе даде гаранција за мир, за правда и за прогрес.

Илинденски факел, МНД Битола, општински одбор на сојузот на борците на Битола, 2003та

Илинденското востание нема да успее. За разлика од него, пет години подоцна ќе успее Младотурската револуција. Младотурското движење е формирано по примерот на други слични револуционерни движења, Млада Италија, Млада Полска, Млада Швајцарија, Млада Босна…и редица други со предзнак МЛАДА, а по урнек на пармасонското италијанско движење Карбонари…

 

Те колнам оти ќе бидеш послушен и нема да издадеш ништо, ни со збор, ни со дело, од тајната што сега ти се доверува. Во спротивен случај, ќе бидеш убиен со камава и со револверов што ги целиваш…

Leave a Reply