Thursday, 17 August 2017

Кога Светците Климент и Наум ѕидале цркви

Свети Наум и Св. Климент, проповедувајќи ја Христовата наука, секој на едната страна од езерото, решиле и заедно да подигнат богомолишта и така црквата Св. Климент во Охрид и манастирот Св. Наум истовремено почнале да се градат. Ѕидарите од еднио до другио рид, на кои се подигаат овие цркви, затегнале едно јаже преку езерото и преку тоа јаже си ги додавале потребните алати. Па се договориле уште и тоа, за да се види која црква порано ќе се заврши вака да направат: кога ќе се затресе јажето, да се прекине работата на обете страни да се види колку која е готова. Црквата на Св. Климент била уште за малку готова, уште кубето да се направи, но на јажето паднале црни чавки и јажето се затресло, а ѕидарите помислиле дека тоа е даден знак и престанале да работат (затоа на Турците им било лесно да ја потурчат оваа црква, додале само минаре, а кубе немало). А кај Свети Наум уште работеле и кога довршиле чекале да им се даде знак, но знакот го немало. Утредента на јажето паднале бели гулаби и јажето се затресло, но Свети Наум уште вчера бил готов.