Wednesday, 22 November 2017

ИМАГИНАРИУМ – рецензија

ИМАГИНАРИУМ

Александар Станковски

Кога низ огромните наслаги на спознанието ќе го покренеме стариот, добар процес на чистиот психички автоматизам, што веќе историски верифицираното надреалистичко движење го практикуваше во секоја креативна прилика, несомнено ќе дојдеме до една гигантска, би рекол, вселенска збирка од прикаски, слики и звуци, чија непредвидлива, но секогаш заводлива контекстуалност го иницира чудесниот храм на сèпостоењето, што го нарекуваме имагинариум.

Ретроградноста и редукционизмот на функционалниот ум (и во егзистенцијален, но и во културен смисол), потпомогнат од надреалистичките или, подобро – од шаманските вештини, овозможуваат влез во една зона на неверојатното и на сèможноста, тоа е зоната на духот и сакралноста.

Токму тука е вистината на универзумот, слободата на битието, триумфот на моќта на творештвото.

И така, почнува да истекува Божествената амброзија на уметноста и да воспоставува еден океан на радоста на постоењето, без оглед на комичноста или трагичноста на настаните и искуствата, без оглед на болката или блаженството, што ги гледаме во тој имагинариум на стории и амбиенти, кој никако да престане со своите констернации и егзалтации како последица на нашите прифаќања. Тоа, секако, се акцептации на дете, зошто, ако не влезете во таа состојба, која сите добро ја знаеме, тогаш нема ни влез во царството на уметноста – Божественоста.

Тука наивноста станува храброст, а патетичноста – голема мотивација, што создава херојски дела. Секако, авторитарната сериозност, тесно поврзана со академската стерилност и политичката репресивност, тука се просто смешни. Тие постојат беспоговорно, но се извртуваат во сето она, што на невидлив начин е нивен вечен содружник. Ентузијазмот е визијата на шаманот во лавиринтите на имагинариумот.

Овој процес е, всушност, прошетка по езотеричните пространства на личноста, но чудесно е, како во еден момент внатрешниот дискурс се претвора во надворешен и егзотеричен, како мебиусовата лента на свеста. Така, раскажувањето доживува метаморфоза на трубадурско поење, на алхемиски ритуал, на литургија во храмот на имагинацијата, на имагинариумот, создаден од цела една емпирија на народите или самото човештво.

Но и сакрализираниот простор приповеда, доколку има доволно сензитивно уво да се чуе или тоа, шаманот, веќе се вивнал во бескрајните вители на Акашата.

Ослободете се од стравот, издвојте ја смртта од слободата, зошто смртта и онака е слобода – ултимативна слобода – тоа е она првичното сознание, што шаманот ви го предава кога веќе сте решиле да тргнете на пат со него.

Како Данте со Вергилиј или Свети Павле со Македонецот, што му се јави на сон или Енох, со Архангелот Божји или Сведенборг, со човекот што му се претстави како Исус, таа ноќ во влажниот и магловит Лондон, како Карлос Кастанеда со Дон Хуан или, пак, сите ние со некој од нашите Aнгели чувари на сон, со некој од предците или со комшијата на трип. Тоа секако, ретко се случува, но затоа е така чудесно кога ќе се случи.

Во книжевноста ретки се делата, на кои стилските трендови не им се воопшто битни. Тоа произлегува од потребата да се експлицира огромното мноштво приказни и сознанија, кои повеќе не можат да се задржат во тишината на субјектот со нивната стравотна еруптивност.

Вулканот, што експлодира од енергијата на огнот, создаден од неподносливата сила на инкарнациската детерминанта, дисперзира низ просторот со својата кондензирана контекстуалност. Тука, во видливото, се создава алхемискиот поредок на хиерархиите и поетиката на магичниот процес – од тишина во сторија, од хаос во ред, од агонија во просветленост.

Секако, тука нема никакви правила. Самата помисла станува стварност, претпоставките веднаш проектираат светови, волјата тука создава судбина.

Само треба добро да се нурне, без предрасуди, како дете, инаку чашата постојано ќе се прелeва во залудните талкања на свеста околку оската на сопственото его. Чајот со зен учителот не е чај, нити, пак, е сознание. Бамбусовите лисја шумолат на ветрот.

Никола од Свети Никола е некој, со кој, иако никогаш не сум го сретнал на јаве, а на сон не можам да се сетам, сепак, како да сме пиеле чај во градина со езерце, преполно со златни рипки.

Секоја златна рипка е господар на еден универзум и сите тие универзуми во таа заедничка вода создаваат еден фасцинантен космички имагинариум.

Никола во езерцето ја гледа приказната за Македонија, за древноста од која и боговите треперат.

Како чудесен и безгрижен пејонски жрец, тој јури по овчеполската рамнина и го распостила својот имагинариум од најмалото до најголемото, од најтајното до најзнајното, од најужасното до најсветото.

Овче Поле станува универзум, порта, преку која можете да влезете во безвременоста, но со љубов и без страв, зошто вечниот светител на Овчеполието – Свети Никола, секогаш ќе бдее над вас.

(Рецензија од Александар Станковски за книгата „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор Сонѕе“ на Никола Ристевски)

Александар Станковски – Имагинариум

imaginarium-768x1024

768px-sun_symbol-svg

Делови од „Имагинариум“ на ЛОЗА (клик)

Текстови од Александар Станковски на ЛОЗА (клик)