Monday, 26 September 7053

Лечебната дејност на македонските црковни центри

И покрај високата научна и филозофска култура на византиските епископи во Македонија, грцизирањето меѓу словенскиот клер само делумно успевало, и нашето свештенство и манастирско монаштво, кое инаку немало високо образование, останало силно приврзано за народот и својата средина, спротивставувајќи се на тоа влијание главно со препишување на старословенски книги.

Видни дејци од тоа време се – Јован Презвитер од крајот на 12от век, свештеникот Ѓорѓи од село Бата, Дебарско; и Јосиф Тихона од село Равно, Охридско.

Во еден од литературните манастирски центри, каков што е манастирот Слепче, во 12от и 13от век се одвивала богата литературна дејност. Се смета дека во овој манастир била пренесена Охридската школа. Во манастирот во Слепче бил напишан Параменикот – мал устав со црковен карактер, кој содржи правила против суеверија, пороци, правила за одржување на диететиката и општата хигиена. Тука пишуваат и преведуваат јеромонахот Василие од Дебарско и пелагонискиот епископ Григориј, кои на црковно – словенски јазик ги превеле списите на солунскиот подѓакон Дамаскин Студит. Одделни делови од ракописите на Дамаскин ја претставуваат Материа Медика од Дисокорид, кoja е преведена во 15от век и така преминала во европските фармакопеи.

Освен манастирот во Слепче, како расадници на Климентовата школа се сметаат и Кратовската школа и Жеглиговскиот манастир. Кратовската школа е позната по употребата на македонската редакција со црковно – словенски јазик (Охридскиот апостол, Болоњскиот псалтир), а од спомениците се познати Лесновскиот паренезис и Григоричевиот минеј.

извор