Monday, 20 October 3197

Живиот бит на македонскиот мит (од Имагинариумот на Доктор Сонѕе)

768px-sun_symbol-svg

Во заедничкото сеќавање на македонскиот народ сѐ уште постојат спомените за преданијата, легендите и митовите кои ги раскажуваа нашите предци, како и споменувањето на повеќе суштества, створови, створенија, привиденија, и слични ентитети, кои наводно живееле на другата страна од нашата реалност. Така, и ден денес во атарите на селата постојат самовилските дрва, каде што или воопшто не се поминува, или се оди само за точно определен празник во годината. Самовилските кругови каде што не вирее ништо и земјата изгледа изгорена, сѐ уште се избегнуваат и не се поминува низ нив. Самовилските патишта, води, долини, како топоними – имиња на места, постојат низ целата Република, а преданијата за истите се живи и се пренесуваат од колено на колено. Караконџулите, јудите, навите, децата – свирци, ламјите, алите, аждаите, ѓаволите, вампирите, самовилите – русалки, змејовите и останатите митолошки ентитети на кои најчесто им биле давани демонолошки карактеристики, се дел од сеќавањата на Македонците од памтивек па до денес. Истите се опишани уште пред скоро два века, од големите македонски творци Димитар Матов од Велес, Марко Цепенков од Прилеп, Ефрем Каранов од Кратово и останатите автори од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, во нивните записи за сеќавањата на народот кој живеел во тоа време. Вампирџиите, пак, биле оние луѓе кои можеле да ги гледаат сите овие суштества, но и да се борат со нив и да ги убиваат – да им оневозможат присуство на местото каде што се правел ритуалот. Со себе носеле алатки, орудија и оружја со кои се бореле со различните ентитети, како и сребрени и златни куршуми и посебни билки.

Адетите и обичаите кои се прават на свадби, крштевки, погреби, празници, како дел од нашата традицијата и те како имаат мистичен и ритуален карактер со кој некаде на глас, а некаде премолчено се истакнува присутната опасност од страната на постоењето, која обичните смртници најчесто не можат ни да ја ѕирнат. Навите по леунките, самовилите на крстопатите, ламјите кои го крадат бериќетот, сенките кои играат, верзиуловото коло се страшни и опасни појави, погледнато од денешната гледна точка на човечките очи кои се борат со реалноста. Реално е тоа што сите овие појави, бабини деветини, езотерични и мистични виденија, како дел од заедничкото сеќавање, се присутни кај повеќе народи ширум светот. За разлика од историјата, на којашто несомнено нешто ѝ сторија, која ја пишувале победниците и била сторија – приказна, митовите се живиот бит и сеќавање на генерациите кои живееле на овие простори. Поимањето на стварноста и наводното гледање на вакви и онакви ентитети е само одраз на длабоката човечка потсвест и бескрајната несвест. Проблесоците на супер свесноста се она што е вистина, за разлика од вистинитоста на оскудната свест. Затоа што просветлувањето не е замислување на светлосни или било какви битија, туку соочување со длабокото море на свеста и искрен поглед во самите себе. Кој гледа надвор – спие, а кој гледа внатре – се буди. Во нашите гени се кријат информациите од сеќавањата на нашите предци, кои преку активирање на соодветни делови од мозокот, за чија моќ ионака ниту сме свесни, ниту пак способни да ја спознаеме, можат да се спроведат од несвесното преку потсвесното, во свесниот дел од нашето поимање на стварноста. Па така, човечкиот ум најчесто ги визуелизира ангелите со некакви си крилја, иако во светите книги на религиите тоа никаде не го пишува. Небесната хиерархија, така како што е опишана во старите книги на неколкуте големи религии, но и во апокрифната литература, е составена од ангели, архангели, херувими и серафими, од кои само првите немаат крилја. Уште далеку во древноста, старите Македонци ги претставувале различните божества со крилја. Еден пример за тоа е крилестата божица на победата Ника, и нејзините претстави во различни форми, од кои најимпресивна е таа од Самотраки. Сѐ уште, иако ретко, и на некои живи луѓе им се придаваат демонолошки или ангелски карактеристики, надприродни својства, и особини, кои потсетуваат на старите приказни, митови, преданија и легенди.

Интересно е тоа што во нашата народна митологија за рептилните суштества со крилја – змејовите и ламјите, најчесто се вели дека имале човечко потекло, и се поделени по пол соодветно – змејот е машко, а ламјата женско суштество кое лета. Змејот е чувар на атарот, бериќетот, богатството, плодноста, здравјето, и ја претставува силата на сотворението, а ламјата спротивното – деструктивната, односно сила на разрушението. Змејските води, пештери, патишта, ридови, долови, карпи и патишта, сѐ уште постојат во Република Македонија, како имиња на места, но и како локации на кои зрачи некоја мистична енергија. Такви топоними има низ цела Европа, но и на други континенти – дури и во Кина. Таму, уште од пред нашата ера луѓето препознавале змејски линии кои поврзуваат различни локации…

imaginarium

Никола Ристевски – Имагинариумот на доктор Сонѕе

www.nikolaristevski.com