Старите куќи во Овчеполските села

Трагите на живот во Овчеполската котлина потврдуваат дека човекот овде живеел во континуитет уште од раниот неолит. И покрај многуте земјотреси, поплави, војни, раселувања, опустошувања, населбите во Овче Поле постоеле од памтивек. Во последните неколку векови, од времето на османлиското владеење се забележани записи за населби во тапу дефтерите на Ќустендилскиот санџак, во дневниците на патеписците и во повеќето карти и мапи од овој период. Истражувањето на народната архитектура на селските населби секогаш се соочува со честите раселувања и палења на македонските села во минатото, поради што веќе скоро и нема каде да се забележат старите македонски селски куќи од пред повеќе, туку само од последните неколку векови.

Македонскиот народ кој што живеел во селата дворовите ги оформувал во зависност од условите на теренот, а бидејќи често соседите биле роднини, така полека почнале да се оформуваат и маалата. Во многу од куќите можат да се забележат огромни камени блокови, кои биле донасани од блиските локалитети. Многу често селските населби се поделени на горно и долно, или големо и мало маало. Имињата на маалата често се ставале и според најбројната фамилија која што живеела во нив. Домаќинствата се снабдувале со вода од чешмите во селата, кои што можеле да ги користат сите. Поради тешките услови за живот, историските и општествени прилики и климатските промени, во Овчеполската котлина се појавила едноделната куќа во својот примитивен облик, во која функционирале правила без кои животот на семејството би бил уште потежок. Просторот бил поделен на дел за животните – пондила, со реден камен на подот и јасли на ѕидовите и другата половина за луѓето – куќа, соа, совалк, каде се наоѓало огништето. Соата секогаш била на повисоко од пондилата. Од двете страни на огништето се поставувале долапи – камари, а иако ретко, се среќава и мал отвор – џамче. Покрај главниот влез е малата, помошна врата – капиџик, од каде се излегувало и влегувало додека се работело низ двор, која се наоѓала странично на еден од ѕидовите на пондилата или спротивно од огништето. Таму каде што огништето било отворено, над него се поставувале вериги, а димот излегувал надвор преку една или две баџи. Овој модел на едноделна куќа е основа за понатамошниот развој на приземните куќи. Подоцна на предната подолга страна се поставувал трем кој кога ќе се преградел станувал просторија за спиење или простор за чување на производи. Со зголемување на бројноста на фамилијата се правела уште една просторија од другата страна на тремот, по што постепено сите дневни активности освен готвењето се одвивале во новите простории. Овчеполската приземна куќа станала целосно функционална кога почнале да се прават помошни подрумски простории, под нивото на помошниот трем и просториите на него. Подрумските простории се вкопани во земјата под подигнатото ниво на горните простории, а влезовите им биле или од страната на тремот со вкопување на скали во теренот или од надворешната страна на објектот. Тремот бил отворен или затворен со двојна врата. За да влегува светлина во новите странични простории и за нивно проветрување, се правеле мали прозорчиња – мазгалки, поставени во некој од ѕидовите. Понатамошниот развој на Овчеполската приземна куќа се движи во вертикален правец, со што се добива уште едно ниво на горниот кат. Таму се правел чардак – централен простор кој ги поврзувал останатите простории во една целина – куќа и одаи. Двете нивоа се поврзани со дрвени скали. Каменот, земјата и дрвото се основни материјали од кои се градени старите Овчеполски куќи. Носечките камени ѕидови се дебели од половина метар до осумдесетина сантиметри, а кај објектите на две нивоа приземјето најчесто се градело од масивни камени ѕидови, а катот од смеса од прачки и кал. Над основата од масивен камен ѕид зајакнат од хоризонтални греди – кушаци, врз што се става чатијата, почнувајќи со чатми кои го премостуваат растојанието меѓуи ѕидовите. Мајните – аголните коси креди налегнуваат на вертикалните – папази / попчани, а двете највисоки точки ги соединува хоризонтално поставената греда – било. Последниот дел од покривот го сочинуваат штиците кои се налегнати на косите греди – појаси, врз кои се става облога од слама и кал, како подлога за керамидите (кои почнале да го заменуваат претходниот покрив од слама). Приземните куќи имаат покрив на две води, а објектите на две нивоа со чардак се со четириводен покрив. Отвореното огниште е од парчиња од камен поставени на подот во форма на квадрат, со закачен синџир – верижник, вериги, обесен на една од таванските греди. Таму каде што огништето е во страничен ѕид, е изведено од дрво премачкано со смеса од кал и слама како заштита од висока температура. Селските дворови се со помошни објекти, поставени според местоположбата на куќата – плевна, кочиња за свињи, гумно, фурна, трло, бавча, кокошарник, амбар, штала, клозет, а некаде и бунар, чешма, казаница, пчеларник и поило. Шталата и плевната се со правоаголна форма, со камени ѕидови – бољме, покриени со дрвена конструкција врз која се става слама или керамида. Амбарот и фурната, како објекти со посебна важност поради нивната функција, секогаш се со посебна позиција во однос на останатите помошни објекти. Амбарот, во зависност од поставеноста, може да биде самостоен со камена подлога и помошен објект или вкопан како дел од објектот за живеење. Фурната е со полукружен отвор на предната страна, изградена во масивен камен, со лак од парчиња од керпич и дрвена покривна конструкција, а многу ретко има и мал предпростор за подготовка. Трлото е со отворена површин а во средината и странични дрвени покриени помошни делови. Кокошарникот, чешмата, бунарот и поилото за стока се со форма и позиција прилагодени на потребите и можностите на домаќинството. Гумното, казаницата и бавчата (каде најчесто е пчеларникот) се сретнуваат таму каде што за нив имало можност и потреба. Објектите во селските дворови се подредени во зависност од конфигурацијата на теренот и нивната функционалност.

arh-op-2

Градителите и мајсторските тајфи кои граделе на овие простори најчесто биле од соседните или локалните средини каде што имало мајстори, калфи и чираци. Во селата Долно Ѓуѓанци и Пеширово често работеле мајсторите од Кривопаланечко, во Ќоселери и Кнежје доаѓале од велешките села Врановци и Мелница, а во Овчеполските села куќи граделе и Штипските мајстори. Многу од објектите се изградени од локалните градители, мајсторите од Горобинци граделе куќи во Немањици и другите села, а постоеле и цели тајфи со кои некои мајстори работеле во селата низ Овче Поле. Во Пеширово со своите тајфи граделе мајсторите Марко Јованов, Стојче Марков, Сенесија Јованов. Во Ќоселери работел Алија Османов, а пред еден век во Немањици работел мајсторот Манас. Градежните материјали биле набавувани од повеќе места, во зависност од селото во кое што се градело. На пример, во Црнилиште камен и дрва се носеле од Амзабегово, во Ќоселери дрвени греди биле носени од месноста Лака во близина на Брегалница, а каменот од Грамади. Декоративната обработка се забележува на седлата на спојот меѓу гредите и чардакот со минимална геометриска орнаментика или профилација, и кај челната површина на оградата на чардакот. Во објектите во кои живееле Турците се забележува и миндерлк и амаџик.

Во создавањето на народната архитектура во селата во Овче Поле, основно е влијанието на градителските школи присутни на оваа територија во дадениот временски период. Автохтоноста и уникатноста на овие објекти по својата организираност несомнено потсеќа не само на ранохристијанските и античките живеалишта, туку и на тие од неолитот. Посебниот белег на профаната архитектура во Овчеполската котлина потврдува организираност на објектите за живеење на традиционален начин според условите за живот во овој регион. Стилизирањето и употребувањето на посебни, специфични и мистични симболи на селските чешми, како и цветови на аголните камења или над прозорите и влезовите на селските куќи, заедно со огромниот број на мистични симболи на народните носии потврдуваат дека луѓето кои живееле овде во изминатите векови успеале да ја сочуваат традицијата на лозата на македонскиот народ.

Никола Ристевски, Овче Поле

ЛОЗА 2016

Leave a Reply