Tuesday, 25 July 2017

Задоволство или самоизмама

Постои еден тип на луѓе кои имаат страст за скапоцени камења и се чувствуваат практично како надлуѓе доколку успеат да стекнат некој редок скапоцен камен, а особено ако таков камен се смета за особено вреден во неговата земја и неговото време – бидејќи вредноста на ваквите предмети е променлива и зависи од тоа каде и кога живееш. Но таквите луѓе ужасно се плашат да не бидат заведени од изгледот на тоа што го купуваат, па затоа одбиваат да купат каков и да е скапоцен камен сè дури од него не се отстрани златниот опков и не им се дозволи да го разгледаат таков каков што е. Па, дури и тогаш таквите луѓе нема да го купат скапоцениот камен доколку за неговата вредност не добијат гаранција и уверување лично потпишано од продавачот.

Но драг мој господине, зошто не би го имале истото задоволство и од некој лажен скапоцен камен доколку не можете со сопствени очи да ја забележите и разликата помеѓу него и вистинскиот скапоцен камен? Доколку и едниот и другиот се за вас исто толку вредни колку и за очите на еден слепец?

А сега, што да се каже за оние луѓе кои трупаат прекумерно богатство од кое немаат никаква особена корист освен она што им дава можност да уживаат додека го гледаат? Дали нивното задоволство е вистинско или, пак, е еден вид самоизмама? Или што да се каже за оние психопати кои го закопуваат своето злато за никогаш да не го употребат, а можеби и никогаш повеќе да не го видат? Всушност, тие намерно го губат своето богатство од страв да не го загубат, а што е таквото богатство ако не е загубено, вратено назад во земјата каде што не претставува никаква корист ниту за тој што го поседува, ниту за било кој друг? А сепак, тие се пресреќни што го скриле своето богатство на безбедно место. Сега, ако ништо друго, не ќе треба да се грижат повеќе за него. Но да претпоставиме дека некој ќе го најде и украде богатството, а по десетина години тој живеел без своето богатство, каква тогаш разлика почувствувал со тоа што го имал или немал? И вака и така, богатството воопшто не би му било од каква и да е корист.

Утопијанците ги распоредуваат вистинските задоволства во две категории: ментални и физички…