Thursday, 20 October 2850

Еленот во македонската народна митологија

Околу еленот се развиле повеќе митови, преданија, легенди и народни обичаи, со кои човекот сакал да се доближи до ова прекрасно животно. Еленот е симбол на светлината, на победата, бранител и предводник на умрените.

Светците и ангелите испратени од Господ кај луѓето се покажувале во вид на елени со златни рогови со сонце на челото и месечина на градите. Веројатно оттука потекнува претставата дека еленот е сончев симбол, кој е поврзан и со двата света – небото и земјата. Постоела забрана да се убива еленот, а во спротивност се верувало дека оној што ќе убие елен нема да дознае среќа. Според едно предание, некои ловџии убиле еден елен. Еленот пред смртта го проколнал селото. Клетвата се остварила и скоро целото село се потурчило. На крајот на преданието се вели – …чунки требало да се паметујет што се сторило во старо време и да се страшат друзи сега да не праат таквите грешки на по некои елени што носеле бајраци со крсто на рамо. Сите елени не носеле, но имало само по некои избрани.

Во некои места во Македонија се верува дека присуството на елените ги штитело луѓето од самовили, но постојат и верувања според кои елените се другари на самовилите, а имало и посебен вид со крилја кој им служел за јавање на самовилите. Куќите во кои има рогови од елени се заштитени од магии, од лоши духови и во нив неможе да се случи ништо лошо. На урочените луѓе им се дава да пијат вода со струготини од еленов рог. Роговите на елените се симбол на зраците на светлината и на бесмртноста. Од нив се правеле амајлии, најчесто во вид на крст.

Чадот од запалените еленски рогови, спиењето на еленска кожа, носењето на заб од елен како амајлија и сл. се сметале за средства кои ги заштитуваат луѓето од секое зло, а посебно од змиите.

Претставите на еленот во поилото е христијански симбол, поврзан со симболот на крштевањето, но истовремено и со тагата по изворот на животот. Овој мотив тесно е поврзан со христијанската уметност, со подните мозаици, украсувањата на црквите, итн.

извор – Македонска Народна Митологија од Танас Вражиновски