Monday, 19 October 5581

Самит на шаманите (филм)

“Самит на Шаманите” е вториот филм на уметникот Александар Станковски. Тој, слично како и во “Маклабас”, ја користи фантазијата, следејќи го главниот јунак низ неговите фантазмагорични патувања низ времето, среќавајќи различни ситуации на судир помеѓу доброто и злото.

Во еден театар додека актерите се договараат околу новата претстава, нашиот главен јунак се упатува во театарските подруми полни со стари сценографии и костими, за да го побара костимот на Дракула. Но, случајно тој ќе ја најде волшебната книга, која штом ќе се отвори веднаш ја изместува реалноста и ве поведува на фантазмагорични патувања.

Филмот изобилува со компјутерска анимација, а почнува во Скопје во 21 век. Како што се вели во пропагандниот материјал, дејството почнува на театарска сцена каде што главниот лик, кој е актер, случајно доаѓа до волшебна книга која го носи во светот на маѓепсник – сликар. Преку него тој патува низ времето и стасува 500 години наназад, во харемот на еден турски паша. Дејството продолжува во Скопје во 16 век каде што волшебната книга преоѓа од рацете на Белите магови кај Црните магови кои го оживуваат синот на пашата, но со лик на монструм. Филмот продолжува во Скопје, во различни временски нивоа каде што актерот повторно со сликарот – маѓепсник патува, со шамански ритуали да ја спасуваат неговата ќерка. На крајот сите се повторно заедно, во сегашноста.

Од почетокот овој филм бил планиран да биде краток, но во продукцијата се развил, па Станковски со продуцентот Фидан Јаќоски одлучиле филмот да е среднометражен и трае 75 минути.

Во филмот играат: Кирил Поп Христов, Мирче Доневски, Влатко Гелевски, Нина Гачиќ, Билјана Драгичевиќ, Игор Џамбазов, Гордана и Владимир Ендровски, Срѓан Јаникиевиќ, Тони Михајловски, Соња Јаќоска, Амнерис Нокшиќи, Сашо Гигов Гиш, Жанета Вангели, Мирко Попов, Арна Шијак, Д.Н.О. и други.

Снимател е Бранд Феро, а музиката е компонирана од Фидан Јаќоски.

Погледнете го филмот: