Saturday, 19 August 2017

Кога дедо Нојо се изнапил на сермиа

Бидејќи јарето му го изнашол на деда Нојо грозјето, беше собрал Нојо еден цел кош со прво и откога се изназобал арно, зел та го истискал, тоа што му останало, во една голема црпка и си напраил шира. Пил што си пил од ширата, дури била блага, ништо лошо не сеќааше. По неколку дни беше се скиснала ширата и беше се сторила јако вино. Без да знаит сиромаио дедо Нојо, оти ќе го опиет виното, беше се изнапил на сермиа и беше се опил много лошо. Паднал на земи, се изблул, се уваљал од врв глава до петици. Разгаштен, распасан, црна страмота беше се напраил, со месата надвор беше ти лежал.

На тоа згора ете и двајцата му синои дошле од некаде и го виделе таков.

-Море, што вака татко, бре брате – му рекол еднио на другио – зер се поболил нешто?
-Можи, можи, брате – му рекол другиот, – да се поболил, луѓе сме; земи, земи едно алиште да го покриеме да не настини нешто, да да му биди после полошо.
-Арно велиш, брате – рекол првиот, – и зеле едно алиште и го носиле пред себе, та му го фрлиле на него згора и го покриле и си отишле по работата.

По некој саат фтасал треќиот син на Ноја, и кога го видел татка си паднат на земи и извалкан сиот како никој нигде, чунки пак беше се открил, многу беше се изгнасил од него.

-Пту, бре, стар да неразбран, што така си се огологазил и си се огнасил. Јале го страм да му бидит, за резил се напраил!

Тие многу уште лоши зборои му рекол стреднио му син на дедо Ноја. При сѐ што беше пијан Нојо, сите зборои беше и чул и од двата му синои и од треќио му син. Лежал што лежал Нојо пијан, му разминало пијанството, отрезнал и станал. Се измил и се очистил убаво, та седнал на столот, и повикал синои си пред него и им рекол: „Синковци бре, ме видовте сите тројца паднат на земи?“

-Те видовме, татко – му реколе.
-Незнајќи јас силата од водата, што ја истискав од грозјето, се напив поеќе и се опив, та паднав на земи, застрамен од секој што ме виде. При се’ што бев таков, двајцата од вас ме пожаливте и ме покривте, да не се гнасат светот од мене. Вие, синковци, да сте ми блаосоени и чесни на веков, а ти синко, (му се сврте од кај треќиот), што се изгнаси од мене и од тебе да се гнасит светот; ти што ме плукна мене, светот тебе да те плукаат; ти што ме страми и ме резили мене, светот да те страмит тебе и да те резилит. Ето, тој ти е, синко, блаосоот од мене!

Пијаниците, резилите, црните и темните луѓе на веков што сет, сите биле од сојот на треќио му син на деда Ноја, што го проколнал, кога се опил. Едни сакаат да кажат оти Еѓупците биле од негоиот сој, дури и Арапите ѓоа биле од тој сој.

Преданија и легенди, д-р Кирил Пенушлиски, Македонска книга, Скопје, 1969.