Говедаровиот камен – Нова Македонија, 1978 година

Почитувани читатели, ви го пренесуваме текстот за Говедаровиот камен во Овче Поле од новинарот Ристо Гонев од Свети Николе, објавен во дневниот весник Нова Македонија на 13 август 1978 година.

govedar kamen ovce pole

Камен, обичен како и секој камен. Се наоѓа на полето меѓу Свети Николе, Ерџелија и Пеширово. Околу него нивје со жито и други земјоделски култури. Голем е како една соба 4х4 метри, висок околу 3м. Велат дека некогаш некој “натчовек” го фрлил од Ѓуриште – 10 километри воздушна линија и тој паднал на местото каде се наоѓа сега. Токму тогаш на тоа место имало добиток, а со нив и човек кој ги чувал – говедар. Паднал каменот врз човекот и врз добитокот и оттогаш го завикале Говедаров камен.

Неволјите се кај луѓето. Затоа, ете се случува да се бара излез од неволји и од еден обичен камен. Секоја година на 5 мај, овде доаѓаат луѓе од целата Република и од други места. Девојки, на кои им заминале годините за мажење, жени кои долго очекувале пород, други кои мажот им се оддал на алкохол или барал љубов на друго место и за што ли уште не. Доаѓаат тука на каменот, ќе го обиколат трипати, ќе откинат парче од него – ако не откинат, лекот нема да се фати, ќе скршат бардак од каменот – ако не се скрши пак ништо, а се случува да не се скрши ако се удри полека и како жртва ќе приложат на каменот да се заколе јагне или кокошка, “морало” крв да падне…

Месната заеднива од Пеширово формира комисија од тројца членови кои јагнињата и кокошките ги продаваат на лицитација на местото. Некои од градот одат само за да купат евтино јагне што го оставиле луѓето во неволја. Такво јагне од десетина килограми се продава за 150 до 200 динари и со тие пари се решаваат комунални проблеми во селото. А годинава велат имало најмногу јагниња – околу 500, а имало и доста кокошки. Каменот потоа личи на кланица, сиот е во крв.

За тоа што треба да се откорне парче од каменот, се грижат луѓето од Пеширово. На неколку дена пред 5 мај, со тесли, чекани и секири удираат по каменот, онака мајсторски и создавааат пукнатини за да може потоа од него да се откине потребното парче. И така од година во година со автомобили, специјални автобуси од Скопје, Битола, Прилеп и други места доаѓаат луѓето кај овој обичен камен и сметаат дека неволјата ќе ја решат.

Во Свети Николе сеуште се раскажува за еден настан во врска со овој камен. Покрај патот Свети Николе – Куманово има еден голем камен и месноста се вика “Црн Камен”. Еден земјоделец од Свети Николе си ја орал нивата во близина на каменот. Откај Куманово наишле две жени со магариња од кои едната млада, немала деца и едната постара жена. Прашале каде е Говедаров Камен и човекот што орал покажал на каменот во близина – на Црн Камен. Откако го направиле адетот како што им кажувал човекот, го замолиле на врвот од каменот да го заколе јагнето кое го донеле. Тие си заминале, а овој си го зел јагнето и потоа убаво си се нагостил.

Во Светиниколско има доста кладенчиња или чешми, кои како што му текнало некому, ги прогласил за вода која “лекува” од нешто. И тука доаѓаат луѓе, си ги замиваат очита, рацете, нозете и оставаат пари кои некој потоа си ги собира.

Р. ГОНЕВ

Govedar kamen Sveti Nikole Ovce Pole

повеќе за Говедар камен на ЛОЗА (клик)

g kamen

Leave a Reply