Sunday, 22 October 2017

Кога Силјан се сторил мукает, па зел од човечката вода…

Во тие неколку дни Силјан го испрошетал сето поле Прилепско и извидел секое долче и ритче. Си ги прошетал нивјето негови, си ја прошетал куќата, и најпосле летнал и отишол дури на манастир на Богородица на Трескавец, та застанал на кубето од црквата и многу и се молил на Богородица, за да му поможе да појде на штрков вилает и пак да си дојде и човек да се стори, та три години ќе служел на манастирот. Си летнал од манастирот и си ошол пак на село. На ден Панделејмон си летнале со Аџи Кљак-кљак и со аџиицата, со децата нивни, и си отидоа во штрков вилает здрави и живи како што сакаше Господин Бог.

штрк

Целото лето тамошно што им работил по полските работи на Аџиовците и тие многу го честеле и гледале како свој човек. Приближало времето пак за кај нас да идат штрковите и тогај веќе Силјан беше се сторил мукает, та беше нашол едно малечко црпче и си го наполнил со од човечката вода и го врзал на гуша кога дошол денот за да кинисаат за кај нас да идат.

Како што првиот пат што идоа, така и тогај беа си долетале на нашава земја. Поодиле внатре како кај нас и дошле до едно место од кај што започнувале да се делат штрковите по вилаетите. Во тоа место беше се направил еден бој и многу луѓе имало истепани и изоставени по планината, та поради мршите беа се собрале орли да јадат од мршите. Орлите биле тукуречи и тие на број колку штрковите. Близу до таа планина имало и едно поленце што било полно со скакулци од најголемите, – тамам за рана на штрковите. Слегле тука штрковите и се изнајале арно со скакулците. Ами лели им завидоа орлите, оти јадат штрковите скакулци, и од збор на збор се капаштисаа да се бијат едни други. На кавгата згора се примешаа големците, ѓоа да смират некоја работа, да повеќе ја запалија работата (што ти велаат: „ѓаволот ни ора ни копа, само луѓе скарува“) и туку беше се поткачиле сите да се бијат и да се тераат по таа пуста планина. Три дни и три ноќи што се биле и се тепале. Крв до колена беше направиле. Силјан во бојот никако не зел дел, чунки Аџијата го имал покрај себе и бидејќи бил гостин не го внесол во џенгот. Силјан, дека го носел црпчето на гуша, многу му помогнало да се плашат орлите од него, беше нашол една пештера и тамо беше се засолнал дури се свршил џенгот. И така џенгот се свршил и штрковите наттепале, та си отвориле пат и си се упатиле за кај нас. Радосни штрковите си тргнале и си се упатиле секој род и фамилија за својот вилает, а Силјан со Аџиовци си долетале во село Коњари здрави и живи.

Силјан дошол на амварче и си го отнал црпчето, да си се потурил и ете ти го човек како што си бил дома у себеси при татко и мајка, при жена и дете. Слегол од амбарче Силјан долу и тргнал за дома да си влезе, чунки рано било..

од Силјан Штркот на дедо Марко Цепенков