Saturday, 19 August 2017

Само менталниот склоп е границата кон целта (интервју со Владимир Анастасовски)

Здраво живо Владимир. Се надевам дека ќе го претставиме твојот професионален ангажман на начин на кој ќе ги заинтересира нашите читатели, а ќе ги инспирира и помладите.

12670669_773083499458210_9002158217389771500_n

Да започнеме:

1. Со што се занимаваш професионално, од кога и што те инспирираше да започнеш?

Епа здраво живо Никола, драго ми е што стапивме во контакт веќе и професионално. Од мали нозе сум бил заинтересиран за автомобилизмот како спорт. Се сеќавам уште одамна (средината на 90-тите) ги крадевме клучевите од автомобилите што ги имавме (за подоцна и да си направиме дупликати за да не биде крадење на клучеви нели 🙂 ) поради огромната желба за возење. Одевме по трки, пратевме колку што можевме и колку што имаше трки во Македонија, а имаше доста… Подоцна неизбежна беше желбата да се натпреварувам, но трагедијата која ја снајде мојата фамилија некако не ми дозволуваше да размислувам 100% за тоа бидејќи не сакав да носам дополнителни трауми во мојот дом. Како минеа години, знаев дека сум роден да бидам дел од целата таа еуфорија, но немав идеја како да станам дел од автомобилизмот, а да не се тркам. Веќе во 2010 година одлучив цело тоа искуство, знаење и желба да го насочам кон новинарството, поточно како автомобилски новинар и фотограф, за малку подоцна да вмешам прсти и во изработка на видеа. Инспирација имаше, желба уште повеќе, па затоа дојде тој ден кога отворив веб страна за автомото спорт (brzkrug.com) на која и се посветив целосно, физички и ментално. Поради тоа одрекување од едни работи и насочување кон други, веб страната како медиум стана доста позната и почитувана во земјите од бивша Југославија, а тоа беше и една од моите поставени цели бидејќи релативно сум скромен како човек, но и точно знам што сакам и на каде целам. Тоа значи дека од 2010 година па наваму, јадам, пијам, спијам, со еден збор живеам за автомобилизмот, а после секоја трка е исчекување за следна и следна и следна…

DSC_0461

DSC_0416

2. Во колку земји си фотографирал и на какви трки?

Да не претерам ама имам преку 200 акредитации од трки на кои сум бил акредитиран како фотограф/новинар. Тука се сите земји од бившите Југословенски простори, потоа Бугарија, Грција, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Австрија, Германија, Шпанија, Португалија, Франција… Сме спиеле од под отворено небо, шатори, комбиња, па се до најлуксузни хотели. Сум работел за повеќе тимови и сум соработувал со голем број на возачи од Македонија и бивша Југославија. Во текот на работењето запознав огромен број на луѓе со кои сум доста близок, а исто така сите биле крајно задоволни од мојот однос, квалитетот на работата, начинот и пристапот кон истата. Бев дел од Европскиот шампионат на ридски патеки (EHCC) каде што возат најдобрите возачи од овој континент, Европскиот туринг куп (ETCC), Светскиот шампионат на туристички автомобили (WTCC), рели трки, драг трки, брзински мотоциклизам, мотокрос, безмалку во сите дисциплини на две и на четири тркала. Можам да кажам дека поради некоја мала фобија од летање не сум излегол од овој континент (иако сум направил околу 8-10 летови) и не сум прифаќал ниту влегувал во разговори за трки надвор од Европа, но и тоа ќе биде, животот е пред мене нели 🙂

3. Од колкаво значење е автомобилизмот како спорт во Македонија?

Верувајте ова е најболното прашање… Од 2011 година наваму, овој спорт полека но сигурно изумре во нашата држава. Единствено решение за македонските возачи е да настапуваат надвор од оваа држава, а верувајте имаме огромен потенцијал и страшни возачи во нашава држава. Двајца возачи кои одамна се во овој опасен спорт, Игор Стефановски и Виктор Давидовски се единствените возачи кои до ден денес издржаа финансиски и одамна видоа дека овде овој спорт изумира, па секој од нив си го најде местото надвор од границите на државава, каде можат да се докажат сами себе и да си ги мерат силите со сериозна конкуренција. По нивните стапки одат и двајца млади возачи Мартин Делев и Ристо Вуков, но кој знае до кога ќе го трпат притисокот на буквално истурање на неповратни парични средства… а желбата е огромна… а институциите се слепи, а милионските компании глуви… страшно… Ситуацијата е на нај долно можно ниво, а значењето на автомобилизмот како спорт за Македонската јавност не е ништо поголемо… Но сепак, надежта последна умира…

DSC_0249(1)

4. Дали се вози безбедно низ македонските улици?

Дефинитивно не. Сведоци сме на огромен број на жртви поготово во Скопје, каде гинат и по неколку луѓе во текот на неделата. Не пазат ниту возачи ниту пешаци, секој секого окривува, а ред и почитување едноставно нема.

5. Кои од спортистите со кои си соработувал ти оставиле најголем впечаток?

Видете, секој на свој начин ми оставил впечаток. Има крајно педантни и точни возачи, дисциплинирани и детални, но има и возачи кои едноставно не се спортисти, а пристапот им е многу површен. Секој има различен пристап кон тркањето и секој е со различна причина во овој спорт. Не би издвојувал никого бидејќи ако почнам да набројувам, тоа ќе биде долго. 90% од возачите со кои сум соработувал едноставно ме фасцинирале бидејќи возење трки во денешно време е одење со глава во зид, мислам буквално… а замислете цел тој финансиски притисок, а плус и да бидете фокусиран бидејќи една грешка живот чини… Тоа мене ми остава впечаток, упорноста, смиреноста и поставената цел.

DSC_0254

DSC_0277

6. Дали ги следиш македонските портали и на какво мнение си за истите?

Ги следам и не ги следам… Ретко кои портали имаат интересни вести, а на прсти се бројат оние кои ги следам. Не следам политика бидејќи не сакам да се трујам со непотребни работи, единствената работа што не ми влегува во мојот ментален склоп тоа е таканаречената политика, за подобро да ви доловам ефект, ме згрозува дури и терминот „политика“. За жал преплавени сме со вести од политички карактер бидејќи таква ни е ситуацијата во нашата држава, а таква и ќе остане се додека огромен број на луѓе гледаат со широко затворени очи.

7. Како се живее во Велес?

Да бидам искрен? Во Велес не се живее, во Велес се чека само да се умре, а тоа не е живеење нели? Од град на културата, станавме град на некултура. Толку за Велес.

13335688_10205849117418879_2652230324246793397_n

8. Што имаш научено од предците и што би ни кажал за моменталната ситуација во која што се наоѓа македонскиот народ?

Предците мои се и биле доста интелигентни и борбени луѓе. Од нив сум научил доста работи меѓу кои една и најважна. Ќе цитирам: „Не биди како мачките, не се врзувај за просторијата“. За жал нашава држава стана просторија која притиска и стега и станува се по мала, а нивните зборови ги земав што би рекле „здраво за готово“, па затоа гледам што помалку време да поминам овде гушејќи се…

9. Дали си задоволен од новиот закон за медицинска употреба на канабис?

НЕ. Ни ги затнаа устите со патетична количина која би следувала по човек, а тоа ниту од далеку не е доволна количина да се лекува некоја болест, не дај боже.

DSC_1575

10. Што би им рекол на младите кои сакаат да се занимаваат со професионална спортска фотографија?

Ако не го сакаат тоа од дното на душата нека не си го трошат џабе времето (зборувам во областа на авто и мото спортовите) бидејќи ако сакаат да го прават тоа ќе треба да се откажат од многу работи. Сите знаеме дека за една работа ако ја правите, треба да ја правите како што треба во континуитет, а не само како хоби онака површно, доколку сакате да успеете во целост.

11. Што планираш во иднина и што би им порачал на читателите на ЛОЗА?

Само менталниот склоп е граница 🙂. Планирам да го убијам стравот од летање, да ја доосвојам европа и да почнам да го освојувам светот. До сега поминав илјадници километри по патиштата низ Европа, со кола или со автобус, што почна да ми станува напорно и некако многу време губам возејќи, иако посетуваме прекрасни места во текот на патувањето од А до Б точка, додека патувањето со авион е далеку по брзо и по практично. Што би им порачал на читателите на ЛОЗА… Бидете свои, почитувајте за да бидете почитувани, следете ги своите инстинкти и што е најважно слушајте квалитетна музика, што е многу важен фактор за резонирање и одлучување во животот. Тие што се на фреквенцијата на која се наоѓаме ние Никола, знаат за што зборувам, а за оние другите не е ни важно нели…

 

Сполај ти за убавиот муабет. Се надевам дека колективната вибрација ќе се помрдне од точката каде што се наоѓа. Да сме живи и здрави, па и ние да си го дочекаме новото сонце на слободата. Поздрав од Свети Николе до Велес!

прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2016

www.BrzKrug.com

Брз Круг @ YouTube