Thursday, 20 October 8625

Важно е на сите околу нас да се покаже љубовта која ја носиме во себе (интервју со Ненад Јованов)

Здраво живо Ненад. Ти благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе го претставиме твојот професионален и уметнички ангажман на начин кој ќе ги заинтересира читателите, а можеби и ќе ги инспирира помладите.

Здраво живо!
Нема потреба мене да ми благодарите. Јас сум благодарен што се сетивте на мене и ми дозволивте да се претставам. На оние кои не ме познаваат – да се потрудам да им кажам кој сум, а на оние кои ме познаваат – да им дадам можност да проверат колку тоа што го знаат е вистина, или само да им ја надополнам сложувалката за мене како личност. Се надевам дека и едните и другите ќе имаат пријатни минути додека го читаат ова интервју, кое, нема да кријам, многу ми значи.

73841_1688269452992_1685983_n

По потекло си од градот на Свети Никола. Како започна да се занимаваш со музика, и каде се имаш образувано?

Морам да признаам дека на прашањево погледот ми застана неколку секунди повеќе. Од проста причина што името „Свети Никола“ ми се стори како да свети, иако само напишано. Има нешто Свето во Свети Николе. Свети. Едноставно. Град да носи име на Светец е голема привилегија, но и товар, претпоставувам. Трагично би било да на било кој начин го оцрнуваме тоа Свето име. Многу сум горд што сум граѓанин на едно вакво мало, слатко гратче кое плени срца на многу луѓе кои живеат во поголеми места и копнеат за живот каков што го имаме ние овде.

Но, да се вратам на темата: Пеам откако знам за себе. Имам, за среќа, неколку видео-снимки кои датираат од времето кога сум бил само 2 години. Пеам, правам концерти со фен во раката замислувајќи си дека е микрофон. И свирам на детско пијано. И кажувам детски „бисери“ кои на некој чуден начин се рефлектираат во она кое што денес сум јас. Некаде во петто одделение станав член на градскиот детски црковен хор, каде останав неколку години. Период на кој што особено се гордеам. Подоцна, како член на училишниот хор, пеев прв и втор глас, по потреба, па некако ми СВЕТна во глава дека би било добро да запеам соло. Така, во седмо одделение за прв пат официјално настапив пред публика како солист, пеејќи поп-песна на прославата за Патрониот празник на моето училиште, придружуван од бендот на мојот тогашен наставник по музичко образование. Поттикнат од тој настап, веќе следната година повторно по истиот повод, уште поенергично се заангажирав да покажам што знам и умеам. Тука некаде се роди идеја дека таму некаде, во Штип, постои средно музичко училиште во кое би можел да се запишам и да почнам да го школувам тој вроден пејачки талент. Природно, се согласив со идејата, се подготвував неколку месеци и успеав да го поминам приемниот испит сместувајќи се во класата соло-пејачи на професорката Александра Коцевска. На нејзино место подоцна дојде професорката Катерина Станчева. Она што е многу интересно е тоа дека на почетокот појма немав дека се работи за оперско пеење. Но, веќе после две недели сфатив што правам и – оп, ја засакав операта. Инстантно. Во меѓувреме аматерски се занимавав со глумење и тоа беше една совршена синтеза: ем да пеам, ем да глумам. Бајка!

Останав во Штип и во следните 5 години после матурирањето, па во класата на професор Борис Трајанов при Универзитетот „Гоце Делчев“ дипломирав и заокружив девет години дружење со оперската техника. Моментално се подготвувам за мојот магистерски концерт после успешно завршените двегодишни студии во Љубљана, Словенија, во класата на професорката Пиа Бродник. Еве на крај се сетив: Штета што во Светиот град нема „нижо“ музичко училиште. Имаме ние многу музикални деца…

12111974_10208419067060653_2638051205005908195_n

Дали си задоволен од стекнатото образование?

Во Светот не е практика млади гласови да се „резбаат“ со оперска техника. За да станеш оперски пејач, потребен е зрел глас. Многу сум среќен што имав прилика да работам со вистински педагози кои знаат како да го одржат гласот свеж и да не го „расипат“. Во период на мутација е навистина критично да се работи со глас, но, јас го немав тој проблем веројатно токму поради тоа што развојот се движел во вистинската насока.

Животот е полн со икуства и лекции, па на таков начин го доживувам и моето образование. Јас секогаш велам дека луѓето кои не се занимаваат со уметност тешко можат да ги разберат уметниците. Едноставно, ние сме во друг свет, од друга планета. Не сме ние класика, нашите средношколски и студентски денови се многу поинакви од останатите. Многу малку теорија, многу повеќе пракса, што не е случај со поголемиот дел од останатите професии. Нотите се нашиот „јазик“ и со нив ќе се разбереме низ цел Свет. Да бидам искрен, не ми летаат марсовци околу глава со тоа што наскоро ќе магистрирам. Па, тоа денес го може секој, нели? Човек учи додека е жив, оперскиот пејач учи до последниот здив и продолжува да живее благодарение на својот глас што го оставил на сцената. Искрено, особено ми е драго што студирам во класата на една извонредна професорка, жена која е крајно професионална и знае како да постапува со млади оперски гласови, и со уметници воопшто. И морам да додадам дека ние, пејачите, не смееме да црпиме знаење само од една личност. Ние сме крадци. Треба да крадеме колку што е можно повеќе од различни педагози, пејачи… Како го правиме тоа без да бидеме „фатени на дело“ – само ние си знаеме 🙂

Настапуваш скоро на секој позначаен културен настан во твојот град. Дали и каде ќе настапуваш ова лето?

Можеби ќе звучам нескромно, ама навистина е така. Kога ќе влезам во салата при Дом на култура во Свети Николе, се чувствувам ко таму да сум се родил. Сум настапувал и во други градови, држави, на многу други сцени, ама оваа мојава ми е некако најмагична. Самиот воздух знае да ме врати години и години наназад и да ме потсети на почетоците. Сум рецитирал, сум пеел, сум глумел, сум читал, сум бил водител, помошник-водител…Сèнешто. Во последно време многу ретко, речиси воопшто не настапувам во мојот град. Не знам зошто, стварно… Ама ќе биде, се надевам.

Летово е некако смирено што се однесува на професионален план. Немам настапи. Како вокален солист на градскиот мандолински оркестар „Свети Николај“ настапив во Дојран, и тоа е сè. Не ми се допаѓа ситуацијата. Сакам да настапувам што е можно повеќе. Но, да речеме дека еден од поголемите проблеми лежи во тоа што ние овде, за жал, ги немаме сите потребни услови за да настапи оперски пејач, било со една песна или со целовечерен концерт. Немаме концертна сала, немаме пијано/пијанино во салите кои ги имаме, немаме корепетитори кои би ги „прателе“ вокалите… Сето тоа треба да се увезува од соседните градови, а тоа кошта. Неретко сум ги обезбедувал сите тие нешта, меѓутоа, за жал, ја немам финансиската сила за да тоа прерасне во континуирана традиција.

Така што, прва прилика кога ќе успеам да го обезбедам сето тоа – ветувам настап. Јас сум секогаш подготвен. Многу луѓе ме прашуваат кога можат да ме чујат, а се` што јас можам да направам за да ги задоволам е да им кажам да ме додадат на facebook и да ѕирнат некое од видеата кои таму ги објавувам. Од настапите во Љубљана, секако.

13076607_10209769877150061_8141657915745066256_n

Кое е твоето мислење за ситуацијата во која што се наоѓа македонската младина?

Не знам дали воопшто се наоѓа. Мило ми е за оние кои се пронашле. Тешко е да се најдеш. Воопшто во животот, а не пак во Македонија. Да се пронајдеш себеси е голем успех. Тоа треба да се прослави грандиозно.

Шега на страна.Ни треба просветлување. Младите во нашата земја во поголем број се имаат отселено. Понекогаш се прашувам дали само јас на тоа гледам така и дали тие кои го делат моето мислење имаат некаков визуелен проблем, меѓутоа, на крајот од денот сум сигурен дека тоа е, всушност, реалност. Не сум компетентен да судам, ниту пак можам да кажам зошто е тоа така. Или знам, а не сакам да коментирам. Сите знаеме. А сите молчиме, креваме раце. Оние кои останале тука, со душа чекаат да им се укаже убава можност и да си ја летнат, во буквална смисла на зборот. Лично за мене, тоа е трагично. И болно. Зашто, на младите Светот останува. Во нив треба да се вложува многу повеќе.
Многу некако негативна енергија има насобрано помеѓу младината… Што е причината за тоа, повторно не знам. Само знам дека е лошо. Многу лошо. Наместо да се занимаваме со нешта кои ни доликуваат на возраста, ние бистриме политика. Во развиени земји, младите не знаат ниту како се викаат нивните политичари. Кај нас не е така. Кај нас не си ги познаваме пријателите, не можеме да ги разграничиме со непријателите. Губиме. Во загуба сме. Можеби некогаш ќе ни текне дека најубавиот дел од животот сме го потрошиле на непотребни нешта, ама ќе биде доцна…

Не можам да останам со затворена уста кога станува збор за тоа дека младите луѓе во Македонија не знаат што испуштаат од животот. Животот не е да се размислуваме дали да се напиеме кафе од 30 или 40 денари и во кој кафич да го потрошиме слободното време кое го имаме во изобилие. Онаму каде што студирам јас, многу ретко можат да се видат млади луѓе како безделничат во ден пладне во кафич. Сите имаат што да прават. Викендите ги чекаат како студена вода за да прошетаат, да отидат во некоја друга земја и во недела навечер пак да се вратат за да веќе од понеделник им се вратат на своите обврски. Не знам колку тоа е исто и тука, во мила Македонија… Еве, ако грешам, нека изгорам.

995555_10202876627423126_342823926_n

Дали би основал семејство во Македонија или странство?

Кога ќе дојде време за нешто такво – ќе си се случи самото. Нема да бира ни каде, ни како… Ако се прашувам себеси, би сакал да живеам еден сосема нормален живот, ако веќе не успеам да го живеам мојот сон. Што и да се случи, најважно е здравјето. И среќата, секако. За сè е потребна среќа. Како ти било пишано – така ќе биде. Како што сака Господ.

Што се случува во твојот роден град, и дали има доволно културни настани?

Нема. Леле, навистина не сакам разговоров да личи на црна хроника. Претходно споменав и пак ќе повторам: во Свети Николе имаме мнооооогу талентирани луѓе. И млади и возрасни. Нема каде да се издишат. Нема каде да го покажат своето знаење. Нема каде да го надоградат своето знаење, за што и да станува збор. Ми се гледа како совршенство да би имале Младински центар, Дом на млади или како и да го наречеме тоа место кое што ќе биде храм за сите млади креативци. Па журки, па театар, па свирки, па промоции, па поетски читања, па пеење, играње, танцување, веселење, смеење… Звучи едноставно, а го немаме. Чудно тоа како секогаш ни е потребно малку за да бидеме среќни, а уште почудно како БАШ тоа малку не можеме да го добиеме.

Не би знаел како да помогнам за нешто да се смени. Ете, само со идеја можеби. Толку можам. Но, верувам дека, ако се покрене силна иницијатива, тоа би можело да стане и реалност. Кој знае, можеби еден ден… Еден убав сончев ден…

Во однос на културните настани, не можам да кажам дека се на нула. Има по нешто, секако… Но, сметам дека тоа не е доволно. И покрај тоа што сме мало гратче, тоа не треба да значи дека брзо се заситуваме од културни настани. Народот е жеден за забава, за разонода, за да научи, види и чуе нешто ново. На почеток сето тоа, ајде да го наречам брзо темпо, ќе ни изгледа чудно и невообичаено, ама во животот сè е навика, така што верувам дека зголемувањето на квантитетот на културни активности, но и на квалитетот, баш добро ќе ни дојде. Ако не за друго, барем за да се освежиме, да се оттргнеме од секојдневието. Тоа му е потребно на секој човек. Секогаш. Секаде.

Имаш учено, настапувано и патувано во странство. Што научи од посетите и соработките со уметниците од други земји?

Сите искуства се посебни и уникатни сами по себе. Од секоја прошетка, од секој настап сум научил по нешто ново. Волшебно е да се патува, да се шири хоризонтот, да се развива интелектот, да се остваруваат нови комуникации со луѓе за кои не си ни знаел дека постојат. Се разбира, ќе се соочиш и сретнеш со луѓе кои се нелуѓе, но и ќе добиеш можност да се изненадиш од фактот колку всушност луѓе – луѓе постојат. Лесно е да најдеш луѓе, тешко е да најдеш човек. А, кога ќе најдеш човек, па уште еден, па уште еден, па уште еден… Сфаќаш дека човештвото и навистина постои.

13125032_10209825290655364_8946454205989202575_n

Кои пејачи ти имаат повлијаено во твојот развој?

Немам идоли. Никогаш сум немал. Секогаш сум со паролата дека секој треба да си биде она што е. Нормално, на тој начин, со сопствената оригиналност би можеле да ги инспирираме другите луѓе, иако најважно е сами да си ја пронаоѓаме инспирацијата од нашето секојдневие.
Имам познати личности од кои црпам инспирација и добивам стимул за работа. Многу ми е важно тоа да биде личност која секогаш знае што прави, што сака, да биде квалитетна и оригинална… Преку својата работа „да ми кажува“ дека не смеам да се откажам и секогаш кога тоа ќе ми дојде на ум – да се сетам колку вредам и дека постои причина зошто постојам. Такви извори на инспирации ги имам неколку, но не се сите од областа на музиката.

Освен музиката, се занимаваш и со пишување. Од кога започна, што те инспирираше и дали имаш издадено некоја книга?

Пишувам отсекогаш. Баш пред некој ден пронајдов десетици тетратки испишани со поезија од раните детски години, уште од прво одделение.
Пишувањето го доживувам како издувен вентил и сметам дека е многу важно да пишувам штом веќе инспирацијата постои. Не е добро тоа да се чува во себе. Многупати ме имаат прашано од каде потребата тоа што го чувствувам да им го сервирам „на тацна“ на луѓето. Ете, јас немам проблем да си го кажам сопственото мислење. Секој треба да функционира така, само така би имале демократија и убав живот. Џабе идеи и мислења ако не ги презентираме, ако не ги споделуваме со останатите.

Пред точно 5 години ја издадов книгата „Беше тоа…“. Роман со автобиографска приказна. Нема никакво литературно значење, дури не е ни лекториран. Беше тоа моја желба. Дури и не го пуштив во продажба. Го подарував на луѓето кои сметав дека треба да го прочитаат, а секако и на оние кои ќе изразеа желба да го имаат во својата библиотека. Во меѓувреме пишувам поезија, но тоа не е константно. Моменти се тоа. Ќе ми светне во главата нешто и морам да се истурам, сите емоции ги бркам надвор од мене, за да ми олесни. Најчесто ги објавувам на facebook.
Моментално повторно пишувам проза и во план сум да издадам втор роман. Ќе се потрудам овој пат тоа да биде на малку повисоко ниво, за да оние кои што мислат дека не можам – разберат дека всушност, можам да се изразувам литературно, условно кажано „правилно“. Финансиите се секогаш проблем, ама судејќи според тоа дека надежта последна умира – и јас се надевам дека наскоро ќе се роди и моето второ дело.

13835677_10210509104550284_1193577220_o

На какво мнение си за моменталната ситуација во која што се наоѓа нашата држава?

Јас никогаш не сум сакал да се мешам таму каде што не ми е местото. Конкретно, во политиката. Не е спомената во прашањето, ама врти-сучи се` се сведува на пуста политика. Понекогаш знае да ми пукне филмот и да се истурам на facebook статус, ама сфатив дека со тоа ништо нема да постигнам, освен да си направам проблем. Од тоа ќе извлечам дека ми е многу, ама многу жал што не можеме слободно да си ги искажуваме мислењата. Тажно е што многумина молчат, а имаат што да кажат. Како да се плашат… Се надевам дека на луѓето им е навистина убав животот. А убавината е релативна. Она што за еден е убаво, за друг не е . Затоа велам: Се надевам дека на луѓето им е добро. И убаво. Во Македонија. И, ако им е убаво, цел живот така да им биде.

Во каква Македонија би сакал да живееш по 10 години?

Во убава Македонија. Земја која гордо ќе блеска со достоинство бранејќи го фактот дека е спомената во Светата книга.

Што планираш за понатаму?

Во последно време сè повеќе и повеќе сум човек кој смета дека ништо во животот не треба да се планира. Во најголемиот дел од планираните нешта, крајот е разочарувачки. Сè што е непланирано е најслатко. Не се знае што ни носи животот веќе во следната минута, а не пак утре или за година дена… Сè има рок на траење. И сите ќе завршиме исто.

IMG_7952

Што би им порачал на читателите, а што на помладите кои сакаат професионално да се занимаваат со музика?

На читателите ќе им порачам да си останат читатели. Да читаат. Убаво е да се чита. Да бидат среќни, колку што е можно повеќе. Среќата е во малите нешта, нема потреба од мечтаења за богатства и недостижни врвови… Најважно е да го освоиме сопствениот врв. Истовремено и најтешко. Нека секој ден им биде нов предизвик и нека не се откажуваат ни под разно. Уличари стануваат кралеви, принцови стануваат бездомници… Најважно е да веруваме во себе и да одржуваме константност во живеењето. Да имаме свое мислење и цврсто да веруваме во себе. Пред некое време имав можност да ја запознаам оперската дива Ана Нетребко. Замислете, таа започнала какo чистач на фоајето во еден театар, а денеска е милионерка, светски позната… Прост пример дека тркалото се врти.

А, на помладите кои сакаат професионално да се занимаваат со музика… Нека се занимаваат. Не мора професионално. Нека творат, нека продуктираат, нека презентираат… Каде – таму. Дали тоа ќе се вреднува или не – не е важно. Важно е да се покаже љубовта која ја носиме во себе на сите други луѓе околу нас. Мене ме вади од кожа тоа што за некои музиката е иста. Се декларираат како дипломирани музичари… За тезгарење и свирење по прослави не е потребна диплома. Академски музичар е титула која треба и мора да се живее. Да се надоградува. Да се чувствува во вените, љубов треба да е тоа. Не само потреба за докажување дека, ете, имаш диплома… Не е тоа мерило.
Останете свои, драги мои. Затоа сте единка. А сите единки градат мнозинство. Судејќи според тоа, Светот е збир од единки. Ајде да го направиме убав!

Благодарам за убавиот муабет. Да си ни жив и здрав и само напред.

прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2016

види – Свети Николе сака Дом на млади / МКЦ

DJI_0054

Свети Николе – фотографија од дрон, Дуле Јанев / Фото Кис

„ … Го кренав мобилниот од креветот и ја пуштив нашата омилена песна „Помеѓу нас“. На првите звуци јас се наежив. Јагода почна да плаче. Тивко, со душа… Најубавите тркалезни солзи ѝ се слеваа по нејзиното најнежно проѕирно-бело лице. Сакав да ги бакнувам тие невини солзички, сакав да ја вкусам болката на Јагода преку нив. Можеби тие ќе ми го дадат одговорот на прашањето кое толку често си го поставував… Одговорот кој јас, и сите што ме сакаа го бараа заедно со мене. И никако не можеа да го пронајдат.

-Јагода? Зошто плачеш…?

Не ми одговори. О, мајко Божја, колку бепе тажно да се гледа тоа прекрасно суштество облеано во солзи. Морав да ја прегрнам. Се доближив и ја стиснав до мене. Ѝ ја галев косата. Образите и вратот ми се влажнеа од нејзините солзи. Ми дојде и мене да заплачам, но се соземав и не дозволив да бидам слабак. За прв пат дотогаш бев силен, воздржан. За прв пат ја немаше кукавицата во мене. Сега, очигледно, се беше преселила кај мојата љубена.

-Кажи ми, кажи ми, кажи ми… Да или не…Те преколнувам…

-Не можам, не можам, не можам…

-Те молам, те молам, те молам… Ова боли, Јагода, ова силно боли! Ова боли толку многу што за мене живот не постои! КАЖИ МИ! КАЖИ МИИИИИ! – ја молев со болка во гласот. Срцето ми се кинеше. Знаев дека и нејзе ѝ е тешко, но морав да ја присилам, морав да продолжам да ја убедувам.

Ја стискав се` посилно и посилно… Со секој стисок како да ја засилував мојата љубов кон неа.

-Те сакам, те сакам, те сакам… Те сакам повеќе од се` … Ти си ми се`, мило мое… За тебе ќе направам се`! Тоа добро го знаеш. За тебе можам да убијам. Да се убијам. Те сакам, те обожавам… Ти си ми нешто свето…

Тогаш, таа како да ме сфати. Ја крена главата и се одлепи од мене. Ме погледна право во очи. Очичките ѝ беа насолзени до смрт. Како невина срна изгубена во шумата, исплашена од пукотницата што ја испуштила пушката на ловецот кој пред малку ја убил нејзината мајка.

Душичка. Памукче мое.

-ЈАС НЕ МОЖАМ БЕЗ ТЕБЕ !!!

Тогаш заборавив како се викам.

Јагода ми кажа нешто.

Јагода за прв пат се отвори… “

( Извадок од „Беше тоа…“ глава 13. ЈАС ЈА САКАМ, А ТАА НЕ МОЖЕ БЕЗ МЕНЕ. ДИСКО – ШЕМА. )