Monday, 19 October 3440

Сакајте ја и познавајте ја Македонија – таа тоа го заслужува (интервју со Гордана Јанакиевска)

Здраво живо. Ви благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе го доловиме вашиот професионален ангажман на начин кој ќе ги заинтересира читателите, а можеби и ги инспирира помладите.

Гордана Јанакиевска 2

Во македонската јавност сте познати како неуморен промотер на нашето непроценливо културно богатство. Од кога се занимавате со тоа, како започнавте, и на кои се начини успевате да ги презентирате македонските убавини?

Почнав веројатно со моето доаѓање во Македонија. Мојот татко е роден во Штип, завршил сообраќаен факултет и работел на железница. Јас сум родена во Белград и често доаѓавме со воз во Македонија. ЉУБОВТА кон патувањето веројатно потекнува од таму, а ЉУБОВТА кон Македонија созреала со секое наредна посета. После земјотресот се доселуваме најпрвин во Велес а подоцна во Скопје. Бев феријалец што подразбираше истражување и желба да запознаеш, да се снајдеш во секаква ситуација и истражиш сè од повеќе области. По завршувањето на гимназија се запишав на архитектура, но во исто врема почнав и да работам во туристичка агенција. Со текот на годините до ден денес, туризмот е моја преокупација. Желбата да ја запознаам Македонија и потребата да можам да дадам секаков вид на информација од сите области на луѓето коi со мене сакаа да го споделат задоволството на запознавањето на убавините што оваа земја ги нуди, доведоа до тоа, да како годините изминуваа потполно се посветам на еден специфичен тип на понуда на туризам, (КИНГМАРКОЛЕНД – земја на легенди). Така до ден денес имам потреба да истражувам и во исто време се посветам на новите технологии на презентирање на Македонија. Така се родија многу веб страници (www.kingmarkoland.com, www.speleo-mkd.com, www.365.4d.mk), документарни емисии – најави на секоја сезона на ТАЛКАЧИ на МТВ, медиумски презентации, страници на многуте социјални мрежи, сè со надеж дека знаењето што со текот на годините го добив го пренесам на помладите генерации и сите оние кои сакаат да ја запознаат оваа земја НА НЕВОЗМОЖНИ ВОЗМОЖНОСТИ.

Гордана Јанакиевска 4

Дали Македонците се интересираат за убавините на Македонија?

Да за среќа сè повеќе, среќавам и имам задоволство да бидам со многу млади луѓе кои имаат големи желби да ја осознаат својата земја и даваат сè од себе да направат нешто повеќе во врска со тоа низ разни форми на презентација, развој, уредување и активно ангажирање во контекст на препознавање на убавите места и нивните можности.

На какво мнение сте за нивото на управување и заштита на културното наследство?

За жал немам многу позитивно мислење за нивото на заштита, ниту на културното ниту на природното наследство што оваа земја ги поседува. Сметам дека на местата каде што луѓето се поставени на функција без потребна адекватна наобразба и желба за заштита, а работатa ја прават поради потреба, стаж и плата, неможеме да очекуваме многу. Соработувам доста на сите нивоа со луѓето кои се во тие сектори и жалам што тешко ќе се избориме за поригорозни промени и стратегии на тие полиња. Страшно е колку брзо го губиме идентитетот на сите полиња и колку малку се вложува во осознавањето на културните и природните вредности со кои оваа земја располага. Во многуте обуки што во таа смисла ги имам поминато, една реченица која никој не ја сфаќа сериозно ми останала врежана длабоко во умот – ако Вие не знаете да се грижите за тоа секогаш ќе има некој кој тоа го цени и знае, но тогаш Вие ќе бидете само посетители.

Гордана Јанакиевска 1

Кои места најмногу сакаат да ги посетуваат странците, а кои домашните туристи?

Искуството со посетата на  странците е дека тие доаѓаат подготвени со некое сознание кое сакаат да им биде потврдено, секое ново сознание ги воодушевува, секое новооткриено место за нив е благодет. Сакаат да го доживеат оргиналниот живот, обичаите, храната, гостопримството на обичниот човек, сакаат за што покусо време да доживеат и видат што повеќе. Она што мене ми пречи што не сме подготвени доволно да за тоа странецот потроши што повеќе пари, а да од тој исти странец сите имаат благодет. Тоа е систем и стратегија која се учи, нема ние тука што да измислуваме – туку само треба да применуваме онака како тоа се прави секаде во светот. Но нас изгледа тоа не ни треба, бидејќи никој не е засегнат да за тоа размислува а далеку од тоа да исправно го работи.

Искуството пак со домашните туристи ми кажува уште полошо. Ние немаме стратегија за зачувување на домашниот гостин, организирани посети, понуди и субвенции за да ги сочуваме домашните гости дома. Никој не размислува дека секој се бори за својот пазар и секогаш најсигурни и најдобри гости се домашните гости.

Што мислите за моменталната ситуација во која што се наоѓа македонската држава?

По природа сум оптимиста, сметам дека оваа преодна фаза на осамостојување сега има свои детски болести кои мора да ги помине, сите учиме од неа и длабоко се надевам дека сите болести успешно ќе ги прележиме.

Гордана Јанакиевска

Дали ги следите медиумите и порталите, и што мислите за начинот на јавно информирање и промоција на културата?

Да, следам сè што може да ми помогне и во подобро разбирање и подобро презентирање на тоа што јас го правам. Како тоа се прави и презентира кај нас, некаде подобро, некаде полошо, не зависи од нас поединците, ние тука можеме да влијаеме на тој начин што учествувајќи во тој сегмент, ќе дадеме се од себе да тоа се направи што подобро. Соработувам со секој што од мене побарал соработка, по начинот како луѓето реагираат кога ќе ме сретнат или кога се со мене на некоја од презентациите што ги работам, само се добар патоказ дали тоа што го работам е исправно и каде треба да се корегирам.

Што според Вас треба државата да направи за развој на туризмот?

Секогаш велам, ако сакаш да читаш треба да ја научиш азбуката и тогаш сите книги се твои. Ако сакаш да определбата ти биде ТУРИЗАМ, треба прво да ја научиш и познаваш сопствената земја. Потоа треба добра стратегија во која јасно ќе се одреди каде и што ќе се прави, кое е предимството и каде треба да се инвестира повеќе. Она што е најважно ако стратегијата на земјата е туризам, тогаш сите граѓани на оваа земја се туристички работници и сите се грижиме за развој на туриизмот и сите имаме бенефит од тоа. Само така ќе имаме успешен развој и добар туризам.

Дали има доволно интерес од официјалните институции во внатрешноста за промовирање на културата и развој на туризмот?

Интерес има и сите се бават со туризам и тука е грешката, секој влече своја страна, секој мисли дека тој најмногу знае што е туризам. СИТЕ ИНСТИТУЦИИ кај нас се туристички експерти, не мислите ли дека тоа е погрешна перцепција!?

Колку луѓе (од прилика) имате прошетано низ Македонија?

Во овие 45 години, колку што се занимавам со оваа работа, на почетокот редовно а подоцна од лични причини повремено, груба бројка на луѓе на кои сум им ја презентирала Македонската убавина – неколку стотици илјади…

Гордана Јанакиевска 3

На што работите овој период и што планирате во иднина?

Соработувам со неколку издавачи во изработка на квалитетни водичи за Македонија и Скопје, изработувам податоци за веб страница која треба да биде календарска презентација на Македонија и која некаде во блиска иднина треба да биде неопходно потребна мобилна апликација. Време е да Македонија има квалитетни и неопходно потребни дневни информации, достапни за секој заинтересиран поединец. За жал до ден денес обичниот човек или странец нема каде да побара и добие основни податоци и квалитетна туристичка понуда за да ја посети Македонија нa еден или повеќе дена.

i love macedonia

Што би порачале на читателите на ЛОЗА?

Сакајте ја и познавајте ја својата земја. МАКЕДОНИЈА тоа го засужува. Пренесетe ја таа приказна за да и другите ја засакаат и запознаат МАКЕДОНИЈА.

прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2016

веб страници:

www.kingmarkoland.com,

www.speleo-mkd.com,

www.365.4d.mk

fb страници:

Скопје 3D

365 цркви во Охрид

Непозната Македонија – верувале или не

По патот на рисот

101 приказна за Матка

По патот на Ребека Вест

Спелеологија Македонија

Скопје се сеќава

Јасен

Земјата на крал Марко

Macedonia travel – тура во кралството на крал Марко

Google search: Gordana Janakievska